Достапни линкови

Вести

Кабул: 22-ца милитанти убиени во најновата серија операции на сојузничките сили

Сојузничките сили во Авганистан, во најновата серија операции, убиле 22-ца милитанти, вклучувајки и двајца талибански команданти. Американската команда соопшти дека акциите биле изведени во јужен и источен Авганистан.

види ги сите денешни вести

И трето лице е приведено за убиството на лекарот во Железара

Илустрација
Илустрација

Уште едно – трето лице е приведено за убиството на лекарот во скопската населба Железара, соопшти денеска (28 март) техничкиот министер за внатрешни работи Панче Тошковски откако синоќа изјави дека до тој момент има двајца приведени.

„Според моите информации, приведено е уште едно лице, значи вкупно приведени се три лица. Претресот е завршен во текот на доцните часови, се продолжува со други истражни дејствија, со цел да може да се утврди соодветно фактичка состојба. Штом имаме дополнително нови информации, јавноста ќе биде благовремено известена“, рече Тошковски во изјава за медиумите при посетата на Општина Босилево.

Во врска со убиството на матичниот лекар министерот вчера зборуваше во поткастот „Претрес“ каде посочи дека се преземени 20 истражи дејствија и дека се прегледани над 50 камери и видео записи.

Според првичните наоди, според неговата изјава, мотивот за убиството не е поврзан со професијата на убиениот.

Шеесет и седумгодишен лекар минатата недела беше пронајден избоден до смрт во неговиот автомобил паркиран во парк во близина на поранешната фабрика „Железара“.

Лекарот имал приватна ординација во поликлиниката „Железара“.

Песков: Има контакти за можна размена на новинарот Гершкович, но за нив треба да се молчи

Дмитриј Песков, портпарол на Кремљ
Дмитриј Песков, портпарол на Кремљ

Кремљ соопшти дека во тек се „контакти“ околу можна размена на американскиот новинар Еван Гершкович, обвинет и затворен речиси една година во Русија поради шпионажа. Сепак истакнаа дека е потренен целосен молк околу ова прашање.

„Неколку пати нагласивме дека некои контакти се во тек, но тие треба да се водат со целосно молчење“, изјави за новинарите портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков.

„Прекинот на молчењето само ќе создаде дополнителни проблеми и ќе спречи постигнување на каков било резултат во процесот“, додаде Песков, без дополнителни детали.

Новинарот на „Волстрит џорнал“, Еван Гершкович (32), кој исто така работел за Франс прес во Москва меѓу 2020 и 2021 година, е уапсен од Федералната служба за безбедност, во март 2023 година додека известувал во Екатеринбург, Урал.

Тој ги негира обвиненијата за шпионажа со кои се соочува и може да се соочи со затворска казна до 20 години. Обвиненијата ги отфрлаат и САД, неговиот весник и неговите роднини. Русија никогаш не ги објавила елементите на доказите и целиот процес е класифициран како таен.

Вашингтон ја обвинува Москва дека го земала како заложник за да го размени за Руси во затворите во западните земји, како што беше направено со неколку американски граѓани во последните години во Русија.

Рускиот претседател Владимир Путин претходно изјави дека е подготвен да го размени Гершкович за Вадим Красиков, кој отслужува доживотна затворска казна во Германија за убиство на чеченски опозиционер во Берлин во 2019 година.

Рускиот суд оваа недела му го продолжи притворот на Гершкович до 30 јуни.

Песков денеска изјави дека нема информации за можниот датум за почеток на судењето на американскиот новинар.

Бугарија оди на шести избори за три години

Румен Радев, претседател на Бугарија
Румен Радев, претседател на Бугарија

Бугарија се подготвува за уште едни општи избори, шести од април 2021 година, откако популистичката партија Има таков народ (ИТН) на 28 март одби да формира влада. Ова е третата партија што го одби мандатот за формирање влада.

Претходно, централно-десничарската партија ГЕРБ и нејзиниот поранешен коалициски партнер, прозападната партија Да продолжиме со промените/Демократска Бугарија (ЦЦДБ) изјавија дека не можат да формираат нова влада.

Потегот на ИТН му го отвора патот на претседателот Румен Радев да назначи преодна влада и да закаже избори за два месеци.

Бугарија ќе гласа за изборите на Европскиот Парламент на 9 јуни, така што двата избори би можеле да се одржат во ист ден, но тоа ќе зависи од способноста на Радев брзо да назначи преодна влада.

По изборите во април минатата година, Бугарија имаше заедничка влада поддржана од реформистичката ЦЦСБ и ГЕРБ. Тие се договорија за 18-месечна влада со ротација на премиерите -прво Николај Денков од ЦЦББ, а по девет месеци, Марија Габриел од ГЕРБ.

Денков се повлече на 5 март за да дозволи ГЕРБ да ја води владата во следните девет месеци, како што беше договорено. Сепак Габриел не успеа да формира влада, па на 27 март и Денков ја отфрли поканата на Радев да се обиде да состави влада.

Бугарија е најсиромашната од 27-те членки на Европската Унија и се бори со широко распространета корупција. Оваа балканската земја се бори со политичка нестабилност по големите антикорупциски протести во 2020 година.

Пред изборите во април минатата година, земјата ја водеа преодни влади назначени од Радев во отсуство на стабилна избрана коалиција.

Радев на 28 март рече дека ќе започне консултации со сите потенцијални привремени премиери на 30 март.

По уставните амандмани, претседателот може да избира помеѓу претседателот на Националното собрание, гувернерот или заменик-гувернерот на Бугарската народна банка, претседателот или заменик-претседателот на Комората за ревизија и народниот правобранител или неговиот заменик.

Следната недела штрајк на царинските службеници во Грција

Граничен премин Богородица-Евзони (илустрација)
Граничен премин Богородица-Евзони (илустрација)

Дводневен штрајк за 2 и 3 април закажаа грчките царинските службеници, што ќе влијае и на сообраќајот на граничните премини од Грција кон соседните земји, меѓу кои и Северна Македонија, јави дописничката на МИА од Атина.

Од Федерацијата на царински службеници на Грција соопштија дека цариниците од Независната управа за јавни приходи како и од Министерството за финансии ќе одржат 48-часовен штрајк, а од Синдикатот на вработени во јавниот сектор преку соопштение изразија поддршка за штрајкот.

Според информациите на дописничката на МИА од Атина, поради 48-часовниот штрајк на цариниците целосно ќе биде во прекин сообраќајот на граничните премини од и кон Грција за товарните возила и секаков вид пратки, додека пак во однос на автомобилите, не е исклучена можноста возилата повремено да се пропуштаат, нешто што ќе се дефинира и појасни непосредно пред почетокот на штрајкот.

Петковиќ: Приемот на Косово во Советот на Европа би бил „непријателски гест“ кон Србија

Директорот на Канцеларијата за Косово на Владата на Србија, Петар Петковиќ
Директорот на Канцеларијата за Косово на Владата на Србија, Петар Петковиќ

Директорот на Канцеларијата за Косово на Владата на Србија, Петар Петковиќ, изјави дека приемот на Косово во Советот на Европа би бил „непријателски гест“ кон Србија и дека Белград нема да престане „отворено, политички и процедурално“ да се спротивставува на тоа.

Во изјавата на 28 март, Петковиќ изјави дека „очигледно постои желба и брзање“ да се реши прашањето за статусот на Косово поради, како што наведе, „некои геостратешки интереси кои немаат никаква врска ниту со Белград, ниту со Приштина“.

„Но, оние кои одлучуваат за тоа, нека размислат добро дали евентуалното членство на Приштина во Советот на Европа ќе придонесе за мирот, стабилноста и соработката на нашиот континент или ќе има спротивен ефект“, рече Петковиќ во изјавата.

Тој додаде дека Србија апелира до своите партнери во Советот на Европа „да имаат на ум дека таквиот исход би бил преседан што ќе ги уништи основните принципи на таа организација“.

„И тоа секако би бил непријателски гест кон Србија, која досега беше активна и посветена членка на таа меѓународна организација“, се наведува во соопштението.

Комитетот за политика и демократија на Советот на Европа на 27 март го одобри извештајот на известувачот за Косово, Дора Бакојани, во кој се наведува дека Косово ги исполнило условите да стане полноправна членка на Советот на Европа.

Пратеникот во косовското Собрание Бесник Тахири, кој присуствуваше на состанокот, рече дека извештајот е изгласан со 31 глас за, четири против и еден воздржан.

Србија, која не ја признава независноста на Косово, се противи на членството на таа земја во меѓународните организации, а одлуката на Комитетот за политика и демократија на Советот на Европа беше критикувана и од други српски претставници.

Српскиот претседател Александар Вучиќ на 22 март ја објави можноста Србија да се повлече од Советот на Европа во случај на прием на Косово во Советот на Европа.

Вучиќ во идејата за напуштање на Советот на Европа беше поддржан од поранешната премиерка, а сега претседателка на Собранието, Ана Брнабиќ.

Косово аплицираше за членство во таа меѓународна организација во мај 2022 година.

Прашањето за прием на таа земја во Советот на Европа повторно се актуелизираше во последните недели, откако Владата на Косово побара да му се вратат 24 хектари земјиште на православниот манастир Високи Дечани.

Така, еден од главните услови за прием на Косово во оваа организација е исполнет.

Советот на Европа е водечка организација во Европа во областа на човековите права.

Се состои од 46 земји, вклучувајќи 27 земји-членки на Европската Унија и сите земји од регионот.

Делегација на американскиот конгрес вети континуирана поддршка за одбраната на Тајван

Претседателката на Тајван, Чан Ингвен
Претседателката на Тајван, Чан Ингвен

Двопартиска конгресна делегација на Соединетите Држави вети континуирана поддршка за Тајван, неколку дена откако Конгресот одобри воена помош од 300 милиони американски долари за островот кој има демократска влада, а кон кој Кина има претензии.

Конгресот, исто така, одобри 400 милиони долари за да се спротивстави на влијанието на кинеската влада во регионот.

Кина го смета Тајван за отцепена провинција што треба да ја стави под своја контрола, ако е потребно и на сила. Пекинг секојдневно испраќа воени бродови и борбени авиони во близина на островот, бидејќи го зголемува воениот притисок.

САД, како и повеќето земји, не го признаваат Тајван како земја. Сепак, американскиот закон бара од Вашингтон да се погрижи островот да се брани и ги смета сите закани за Тајван за „сериозна загриженост“.

Делегација предводена од републиканскиот конгресмен Џек Бергман, кој претседава со Поткомитетот за разузнавање и специјални операции на Претставничкиот дом, се обиде да го увери раководството на Тајван за континуирана американска поддршка.

„Ќе продолжиме да ги уверуваме нашите колеги дека стратешките односи се клучни за идната безбедност на регионот“, рече Бергман на средбата со тајванската претседателка Чаи Инг-вен.

„Тоа ја вклучува силната поморска стратегија на Тајван и како можеме да работиме заедно на заеднички цели за да се спротивставиме на сè поагресивните дејства на Кина во регионот“, рече тој.

Чаи се заблагодари на администрацијата на претседателот Џо Бајден и Конгресот за нивната помош во зајакнувањето на самоодбраната на Тајван.

„Оваа поддршка ќе продолжи да го зајакнува партнерството меѓу Тајван и САД“, рече таа.

Кина редовно ги критикува посетите на американските претставници на Тајван.

Посетата на тогашниот претседател на Претставничкиот дом Ненси Пелоси на Тајван во 2022 година доведе до тоа Кина да испрати воени бродови и авиони околу островот и да ги замрзне голем број врски, вклучително и воената комуникација со САД.

Пекинг и Вашингтон ги обновија воените контакти по серијата дипломатски состаноци во последните месеци, кои кулминираа со средбата меѓу претседателите на двете земји во Сан Франциско во ноември.

Неколкумина ранети по руските напади со дронови и тешка артилерија во Украина

илустрација
илустрација

Украинските власти соопштија дека Русија извршила камикази напади со беспилотни летала и тешка артилерија врз региони во центарот и истокот на земјата во раните утрински часови во четвртокот (28 март), јави украинскиот сервис на Радио Слободна Европа.

„Украинските противвоздушни системи пресретнаа 26 од 28 беспилотни летала од типот Шахед над Днепропетровск, Харков, Одеса и Запорожје“, се вели во соопштението на воздушните сили на земјата.

Локалните власти во Запорожје објавија дека биле погодени куќи и дека најмалку две лица се ранети. Вршителот на должноста градоначалник Анатолиј Куртев изјави дека пет куќи се делумно уништени, а 40 се оштетени.

Гувернерот на централниот регион Дњепропетровск, Сергеј Лисак изјави дека Никопол бил цел на тешка артилерија и беспилотни летала. Две лица се повредени од шрапнели, додека четири куќи и далновод се оштетени, додаде тој.

Во Одеса, регионалниот гувернер Олех Кипер рече дека Русија прво лансирала беспилотни летала, а потоа ја гаѓала областа со проектили.

„Во Харкив се оштетени канцеларии, продавница и ресторан, но нема жртви“, изјави регионалниот гувернер Олех Сињехубов.

Украинските власти соопштија дека Русија можеби користела нов тип на наведувана бомба во воздушните напади врз Харкив во средата, во нападот што украинскиот претседател Володимир Зеленски го опиша како „руски терор“.

Володимир Тимошко, шеф на регионалната полиција во Харков, рече дека Москва можеби користела нов тип на наведувана бомба - УМПБ Д-30.

„Се чини дека Русите решија да ги тестираат своите модифицирани бомби врз жителите на куќите“, рече Синјехубов.

Русија ја почна инвазијата врз Украина на 24 февруари 2022 година.

Путин: Русија нема да го нападне НАТО, но ќе ги соборува авионите Ф-16

Владимир Путин
Владимир Путин

Русија не планира да цели на која било земја од НАТО и нема да ја нападне Полска, балтичките земји или Чешка, но руските сили ќе соборат авиони Ф-16 доколку Западот ги достави до Киев, изјави претседателот Владимир Путин доцна во средата (27 март).

Обраќајќи им се на пилотите на руските воздухопловни сили, Путин рече дека воената алијанса предводена од САД се проширила кон исток кон Русија по падот на Советскиот Сојуз во 1991 година, но дека Москва не планира да ја нападне земјата на НАТО.

„Немаме агресивни намери кон овие земји“, рече Путин, според транскриптот на Кремљ објавен во четвртокот.

„Идејата дека ќе нападнеме друга земја – Полска и балтичките земји, а се плашат и Чесите, е целосна глупост“, додаде претседателот на Русија.

Кремљ, кој ги обвинува САД дека водат војна против Русија поддржувајќи ја Украина со пари, оружје и разузнавачки информации, вели дека односите со Вашингтон веројатно никогаш не биле полоши.

Запрашан за авионите Ф-16 кои Западот вети дека ќе ги испрати во Украина, Путин рече дека таквите авиони нема да ја променат ситуацијата во Украина.

„Ако ги испорачаат Ф-16 и зборуваат за тоа и очигледно ги обучуваат пилотите, тоа нема да ја промени ситуацијата на бојното поле“, рече Путин.

Тој додаде дека руските сили ќе уништат западни авиони, наведувајќи дека сега уништуваат тенкови, оклопни возила и друга опрема.

Путин рече дека Ф-16 може да носат и нуклеарно оружје.

„Се разбира, ако се користат од аеродроми во трети земји, тие стануваат легитимни цели за нас, каде и да се“, рече Путин.

Забелешките на Путин уследија по коментарите на украинскиот министер за надворешни работи Дмитро Кулеба претходно во средата дека авионите Ф-16 од САД треба да пристигнат во Украина во наредните месеци.

Двајца приведени за убиството на лекарот во Железара

North Macedonia - Pance Toshkovski, Minister of Internal Affairs in the technical government, March 2024
North Macedonia - Pance Toshkovski, Minister of Internal Affairs in the technical government, March 2024

Две лица се приведени во врска со убиството на лекарот во скопската населба Железара, изјави министерот за внатрешни работи Панче Тошковски.

„Се врши претрес на одредена локација. Имаме осомничени луѓе за убиството, има одредени материјални траги кои не водат до овие осомничени. Две лица се приведени и се надевам дека во најкратко можно време ќе можеме да излеземе со детали за овој дел од истражните дејствија“, изјави Тошковски, во гостување во поткастот „Претрес“.

Тој посочи дека се преземени 20 истражи дејствија и дека се прегледани над 50 камери и видео записи. Според првичните наоди, мотивот за убиството не е поврзан со професијата на убиениот.

Шеесет и седумгодишен лекар минатата недела беше пронајден избоден до смрт во неговиот автомобил паркиран во парк во близина на поранешната фабрика „Железара“.

Лекарот имал приватна ординација во поликлиниката „Железара“.

Четворица убиени, петмина повредени во напад во Илиноис

илустрација
илустрација

Четири лица се убиени, а пет се повредени во напад во Рокфорд, Илиноис, додека 22-годишен осомничен маж е уапсен.

Полицијата, исто така, соопшти дека некои од жртвите биле избодени со нож, но во нападот не било употребено огнено оружје, пренесуваaт локалните медиуми.

Убиени се 15-годишно девојче, 63-годишна жена, 49-годишен маж и 22-годишен млад човек.

Шефицата на полицијата во Рокфорд, Карла Ред, изјави дека загинале вкупно четири лица, додека еден е тешко повреден.

Четири лица се префрлени во болници, каде состојбата им е стабилизирана.

Полицијата соопшти дека засега не е позната причината за нападот.

Вчитај повеќе

XS
SM
MD
LG