Достапни линкови

Земјоделците се жалат на сложената процедура


Од денеска почна пријавувањето за земјоделските субвенции во вредност од 70 милиони евра. Заинтересираните земјоделци ќе треба да ја соберат потребната документација и до 15 февруари да ги поднесат барањата за користење на средствата од програмата за финансиска помош во земјоделството.Но дел од земјодлеците кои биле корисници на ваква помош се жалат дека доделените средства не се доволни.

„Па не се доволни, треба да направат да има малку повеќе, едно јаре да увезеш од Србија или Бугарија чини 350 евра, треба да има малку повеќе субвенции,“

изјави Слободан Симоновски, одгледувач на кози.

Средствата никогаш нема да бидат доволно, се согласува и Цветко Петрушевски, одгледувач на житни култури. Тој вели дека во услови на зголемени трошоци и постојано менување на цената на горивата, финансиската помош не се ни чувствува. Петрушевски денес се обидел да се пријави за добивање на годинашните субвенции, но вели дека процедурата низ која поминува е се потешка.

„Ме умреа од одење, додека извадивме поседовни листови, па оди овде, па таму.“





Дел од земјоделците се задоволни од ваквите мерки на владата. Сеќавајќи се на ланските искуства, Петар Стојановски од прилепско вели дека било многу тешко да се стане корисник на ваквите субвенции. Тој се сомнева и во намерите на надлежните институции реално да им се помогне на земјоделците

„Министерството за земјоделие спроведе политика што помалку земја да оди на тендер, за да има и помалку корисници.“

Стојановски вели дека дел од средствата кои му биле доделени ги искористил за набавка на вештачко ѓубриво што може да ја подобри плодноста на обработливата површина , како и за подмирување на транспортните трошоци. Инаку барањата за субвенционирање се однесуваат на есенските житни култури, за успешно подигнатите овошни насади во изминатите две години и за обележани грла говеда. За добивање на субвенциите заинтересираните треба да се запишани во единствениот регистар на земјоделски стопанства, да ги имаат подмирено обврските што произлегуваат од договорите за користење на државно земјиште и да поседуваат или располагаат со земјоделски производни капацитети.
XS
SM
MD
LG