Достапни линкови

Што може да очекува Македонија од новиот американски претседател Барак Обама


Првиот афроамерикански претседател Барак Обама претстојнава недела и официјлано ја презема должноста. Изминативе три месеци по неговиот избор, светот прави анализи и очекувања, за тоа што ќе донесе новата администрација, а бројни дебати за евентуални можни промени на македонско-американско пријателство се отворија и во земјава. Балканот, пред новите предизвици како глобалната економска криза, Ирак, Авганистан, проблемите на Блискиот Исток, можеби нема да биде во фокусот на интересот, но ниту пак ке има големи промени во однос на генералната политиката кон овој регион, а со тоа и кон Македонија од страна на администрацијата на Обама, сметаат експертите, соговорници во оваа наша саботна анализа. За Соединетите Држави останува стратешкиот интерес - стабилизација на Балканот и во контекст на тоа нашето евро-атлантско интегрирање, потенцира стручната јавност:

„Искуството покажува дека секој пат при промена на претседателски кандидати на различни партии во САД, дека надворешната политика не се менува така лесно, ниту пак ние сме дале некои причини за таа да се промени. Сигурен сум дека таа ќе остане цврста, определена позитивно кон Балканот и Макеоднија и дека нема да има пристрасност во односите кон другите наши соседи.,,

Смета професорот Димитар Мирчев. Сепак сосема сигурно, додаваат експертите - поддршката, незапаметена во досегашните македонско-американски односи која што ја имавме од претседателот Џорџ Буш посебно околу нашиот проблем со соседна Грција - спорот со името, сигурно нема да биде со ист инзетитет, а тоа отвара нови предизвици за нас:

„Обврска на сите држави кои имаат интерес да оддржат добри односи, блиски односи со САД е да го промовираат своето прашање. Затоа сметам дека ние не треба да очекуваме радикални промени во нивниот однос кон нас, но наша обврска и должност на државата и дипломатијата е да нашето прашање го ,,ставаат“ што повисоко во приоритетите на Соединетите држави.“

Изјавува аналитичарот Алберт Муслиу.
Важноста за тоа колкава поддршка имаше Македонија од бушовата администрација во неодамнешното интервју за Радио Слободна Европа ги потврдува и американскиот амбасадор во земјава Филип Рикер. Затоа се надевавме на поголем напредок во однос на некои предизвици за време на остатокот од мандатот на претседателот Џорџ Буш, ќе оцени Рикер, потенцирајќи сепак дека политиката кон Балканот од страна на новоизбраниот претседател Обама нема да се промени:

„Мислам дека избраниот претседател Обама покажува дека со големите овластувања доаѓа и голема одговорност. Верувам дека Балканот ќе продолжи да претставува важен дел од нашата надворешна политика, бидејќи, како што знаете, политиката на САД повеќе од 60 години е Европа да биде цела, слободна и во мир. Таа Европа дефинитивнио го вклучува Балканот, заедно со Македонија. Се разбира, новата администрација во исто време ќе се соочи со многу, многу предизвици, како Блискиот Исток, што повторно е во криза, ситуацијата во Ирак, Авганистан, како да се делува во Иран, Северна Кореја. Ова се се важни прашања и како што сме кажале повеќе пати, за претседателот Буш Македонија беше приоритет, како и за секретарот Рајс. Оттука, мислам може да се каже дека новата администрација ќе се фокусира врз овој регион, но исто така ќе има и други предизвици, вниманието ќе го стави на други работи, и затоа се надевавме да видиме поголем прогрес во однос на некои од овдешните предизвици за време на остатокот од мандатот на претседателот Буш.“


Изјави во интервју за нашето радио, амбасадорот Рикер.
Со право се забележува дека блиската и стратешка соработка помеѓу Соединетите Држави и Република Македонија не е од понов датум. Низ историјата познати се примерите на американски позитивен приод кон решавањето на бројни прашања поврзани со проблемите на Македонија. Сепак нов импулс во односите меѓу двете земји внесе најпрво признавањето на државава под уставното име во 2004 година од аминистрацијата на Буш и секако силната поддршка на и по самитот во Букурешт, откако земјава поради спорот со името со Грција не успеаа да стане дел од НАТО. Сега со новите промени во американската администрација она што за Македонија ќе биде најбитно во наредниот период е да се чуе мислењето на претседателот Барак Обама по однос на ова прашање бидејќи досега не бевме во можност да го слушнеме неговото мислење, а притоа ќе треба да се имат во предвид и новите приоритети, е мислењето на аналитичарот Илија Талев.

„Претседателот Обама сеуште се нема изнесено по ова прашање, но едно е сигурно дека Македонија сега е ставена многу поназад на онаа листа на приоритети отколку што беше пред три-четири месеци, затоа што сега приоритетите со економската криза, со војната во Израел, приоритетите на Америка секако дека се променија.“

Конкретно, сметаат аналитичарот Алберт Муслиу и професорот Владимир Пивоваров нашиот неуспех да се издејствува решение во однос на спорот за името во еден поволен период за нас, сигурно не донесе во една статус кво ситуација:

„Значи ние имавме случаи неколку пати и претседателот Буш и државниот секретар да инсистираат да се реши прашањето и го реафирмираа пријателскиот однос кон Македонија. И јас исто така сум скептичен дека ние ќе бидеме толку високо на нивната политичка агенда, што во секој случај за нас како страна која брза, која има интерес за што побрзо решавање на прашањето за името поради нашите евро-атлантски процеси, сигурно дека ќе имаме некое успорување во целиот процес.“

„Не очекува мислам, малку потешка позиција во натамошните преговори, затоа што во самата изборна кампања, грчкото лоби даде поддршка на сегашниот, новиот претседател, така што мислам дека на тој план можеби ќе имаме малку понезавидна положба во преговорите, но генерално таа ситуација во преговорите сметам дека нема значително да се промени.“

Оттаму додава аналитичарот Талев, за Македонија би било најдобро доколку администрацијата на Обама му посвети поголемо внимание на овој проблем:

„Јас се надевам дека новата администрација на претседателот Обама, треба да се разбере дека проблемот со името за нас е егзистенцијален проблем, а за Грција е политички проблем.“

На полето на безбедноста, позначајната соработка која го засили стратешкото партнерство меѓу САД и Македонија може да се каже дека се зацврстува со учеството на земјава во мировните мисии во Ирак и во Авганистан, а дополнително силен печат на таа соработка беше удрен со потпишувањето на безбедносниот договор меѓу двете земји во мај минатата година, иако на него се гледаше како на своевидна компензација по неуспехот да станеме дел од НАТО семејството. Соработката само е зацврстена и таа сигурно нема да претрпи промени со смената на власта, објаснува професорот Пивоваров:

„Бидејќи Макеоднија во досегашниот период покажа дека е стабилен партнер во улогата која и е дадена во безбедносниот систем кој што го опфаќаат САД, значи надвор во мировните мисии, значи таа лојалност е почитувана од нивна страна и од друга страна можеме да забележиме дека и во претходниот период со промената на власта никој многу не губеше, ниту добиваше, а тоа е така бидејќи секогаш американската политика има проценки на долги рокови и значи тоа е резултат на склопување на вакви договори кои се склучуваат исклучиво на овие проценки на долг рок.“

Изминатава деценија и пол од осамостојувањето на земјава, видлива е американската поддршка во процесот на спроведување на реформите во земјава преку разни програми од присутните невладини организации, но и преку активностите на американската амбасада. Последно, амбасадорот Рикер тоа го демонстрираше со тоа што беше дел од македонската делегација која ги презентираше пред бизнисмените во Соединетите Држави, можностите за инвестирање во земјава. Но, наспроти силното стратешко партнерство на политичко-безбедносен план сепак според експертите, економската соработка во делот посебно на реалните инвестиции неможе да се оцени како задоволителна. Освен Џонсон Контролс во земјава нема некоја позначајна американска гринфилд инвестиција, а проблемот околу нашето членство во НАТО се испречи и пред плановите за реализација на некои други стратешки проекти:

„Како што е познато АМБО без НАТО неможе воопшто да започне со изградба, а без АМБО практично и Коридорот 8 е мртов. Со тоа се дава можност да се развива ,,Виа Ингација“ значи грчкиот коридор што значи дека практично овие држави и Македонија своеволно, доброволно се претвараат во ,,слепо црево“ на Балканот.“

Објаснува аналитичарот Мерсел Биљали. На полето на економијата, нема преголеми очекувања ниту за наредниот период. Всушност американската финансиска криза, од која последици чувствуваат и другите земји во светот, е главниот предизвик на новоизбраниот претседател Обама, пред која се чини не само економијата, туку и сите останати предизвици, меѓу кои и македонското прашање во прво време ќе останат во втор план.
XS
SM
MD
LG