Достапни линкови

По терористичките напади во 2001-та година Америка е многу побезбедна, оцени Буш


Американскиот претседател на заминување Џорџ Буш во неговото последно телевизиско обраќање од Белата Куќа изјави дека секогаш за време на осумгодишниот мандат се обидувал да дејствува во согласност со најдобрите американски интереси. Тој оцени дека по терористичките напади од единаесетти септември две илјади и првата ја направил земјата многу побезбедна.

Претседателот Џорџ Буш во говорот на заминување од функцијата цврсто ги бранеше резултатите што ги оствари на внатрешен и на надворешен план во текот на своите два претседателски мандата. Тој како многу тешки одлуки ги оцени војните во Ирак и во Авганистан и контроверзните мерки за справување со терористите. Но, според Буш, сето тоа помогнало во Соединетите држави да не дојде до нови терористички напади.

Постои легитимна расправа за многу од овие одлуки. Но, има малку расправи за резултатите. Америка изминатите седум години ги мина без терористички напад на своја територија.

Изјави Буш, кој додаде дека токму терористичките напади се најголемата опасност со која се соочуваат американците и оти затоа никогаш не смее да ја намалат одбраната.

Како и сите други кои беа на оваа функција пред мене и јас имав неуспеси. Има работи кои ќе ги направев поинаку, доколку имав можност за тоа. Ја следев мојата совест и правев она што мислев дека е исправно.

Рече претседателот Џорџ Буш кој во тринаесет минутниот говор пред двесте луѓе во Белата Куќа само накусо се осврна врз економската криза што, според анкетите, најмногу ги загрижува американците.

Соочувајќи се со финансискиот колапс, преземавме решителни мерки за да ја спасиме нашата економија. Ова се многу тешки времиња за трудољубивите семејства, но загубите ќе беа многу полоши ако не дејствуваме.

Укажувајќи на најголемите успеси на неговата администрација на внатрешен план, како например реформата на школството, даночните олеснувања и субвенциите во здравството, Буш изрази отимизам во иднината на Соединетите држави. Тој оцени дека инаугурацијата на новиот американски претседател Барак Обама во идната недела е момент на надеж и гордост за Америка.
XS
SM
MD
LG