Достапни линкови

logo-print

Во неразвиена политичка култура како во Македонија изборот на крајот е партија, велат политиколозите


Во услови во кои недостига политичка култура, кога партиите бескомпромисно се натпреваруваат за гласови, а борбата за анкети доминира, на политичката сцена не може да се очекува граѓаните да застанат зад една личност која ќе ги обедини, анализираат политичките експерти. Во дилемата дали на избори да се гласа за личност или партијата која ја поддржува истата, луѓето на крајот се одлучуваат за партијата, вели Гордан Георгиев, извршен директор на Форум центарот за стратешки истражувања.

„Се разбира дека самите луѓе на крајот одат пред гласачките кутии и го стават своето ливче, но процесот пред тој чин на гласање е многу важен и во една ситуација во која што е Македонија со неразвиена или со многу малку развиена политичка култура, тоа е многу тешко. Практично целиот политички дискурс е доминантен од страна на партиите, значи тие доминараат со приказната околу тоа кој ќе биде кандидат, кој е добриот, кој е лошиот кандидат итн. и практично ние сме бомбардирани за време на кампањата и претходно, од страна на партиите.“

Според професорот Хасан Јашари од Штуловиот факултет, тешко е да се повлече граница меѓу партски и натпартиски кандидати за претседател. Состојбите се комплицираат кога партиските структури кај луѓето стануваат слуги на партиските елити, вели Јашари.

„Тогаш се замаглува тој процес на проценка на квалитетите на поединците, неговите интелектуални и политички способности и се гласа или се врши притисок меѓу населението за да се гласа за одредена личност. Тука значи е проблемот.“

Граѓаните ги прашавме дали на претстојните избори би гласале за личност или за партија?
Добивме различни одговори. За некои пресуден ќе биде карактерот на кандидатот, неговото образование и интелектуални капацитети. За други пак, најважно е која партија стои зад кандидатот.

„Би гласал за личност, но сигурно не компромитирана личност.“

„Сигурно нема да победи бидјеќи мора да има некоја партија зад него, инаку самостојно тешко е многу, мора некој да го поддржи.“

„Да биде образован, искрен, позитивна личност, а не некои преваранти“

„Пресудна ќе биде партијата.“


Експертите посочуваат дека ќе биде тешко партиските симпатизери кои традиционално гласале за една или друга партија, на претстојните избори да гласаат за личност која не е партиска.
XS
SM
MD
LG