Достапни линкови

logo-print

За сега ефектите не се чувствуваат


Македонските стопанственици тврдат дека за сега не почувствувале конкретни ефекти од десетте владини мерки за справување со влијанијата од светската финансиска криза. Тие сметаат дека надлежните треба да вложат повеќе напори за поефикасно справување со можните последици од кризата во текот на годинава.
Бизнисменот Зоре Темелковски вели дека треба да се обезбеди поголема сигурност за малите и средни претпријатија кои не биле дестабилизирани пред почетокот на кризата.

„Владата ќе мора под итно да ги разгледа и фирмите и компаниите во државата кои солидно работат а во кои е потребен свеж капитал. Ќе мора да најде начин како да го премостат овој период од финансиска гледна точка.“

Од поголемите компании кои веќе страдаат од ефектите на кризата, апелираат активностите да се конкретизираат. Александар Панов, директорот на „Макстил“ вели дека мерките мора да се специфицираат по гранки.

„Лично Макстил во првите мерки не најде бенефит. Ние се баравме за ослободување од царина при увозот на репроматеријали и не се најдовме“

Според Панов, поголем бенефит за претпријатијата би било ослободувањето од данокот на добивка, но придобивките од оваа одлука ќе се приметат во 2010 година кога ќе се прават завршните сметки за годинава.

„Мислам дека ќе има одредени бенефити околу данокот. Според нашите пресметки тоа би биле околу 18000 евра месечно или околу 200,000 евра на годишно ниво. Но тоа ќе се случуи дури во 2010 година.“

Експертите препорачуваат внимателен третман на домашните фирми. Професорот Зоран Ивановски смета дека мерките за заштитување на домашните компании од ефектите на светската криза треба да имаат иста важност како и мерките за привлекување странски инвестиции.

„Мерките за привлекување на странските инвеститори се во ред, меѓутоа мора да се има сличен третман со домашните компании. Од тие причини Владата донесе исклучително пазарна мерка, а тоа е ослободување од данокот на добивка доколку таа се инвестира, и тоа е добар потег.“

Прв ефект од светската криза беше намалување на извозот од земјава. Повеќе вработени од металуршките и текстилните фабрики заминаа на принуден одмор. До сега приближно четиринаесет илјади работници се испратени дома поради светската финансиска криза.
XS
SM
MD
LG