Достапни линкови

Пад на почитувањето на слободите во Македонија


Најновиот извештај за Слободата во светот на американската организација Фридом Хаус покажува дека авторитарните режими продолжуваат да ја задушуваат слободата во нивните земји. Во извештајот се потенцира и тоа дека во минатата година падови во почитувањето на слободите имало во Русија, Ерменија, Молдавија, Иран, Киргизстан, Македонија. Накусо лани имало повеќе опаѓање на слободите отколку нивно подобрување.

Најголем губитник во годинашниот извештај на Фридом хаус е Авганистан, земја која од делот на делумно слободна се најде во делот на неслободни држави што се однесува до непочитувањето на граѓанските права, зголемувањето на несигурноста и корупцијата и неефикасноста на владините институции. Од друга страна, во Пакистан било забележано подобрување поради крајот на военото владеење и изборот на граѓански парламент и претседател. Авторите на извештајот Арч Пудингтон и Кристофер Волкер велат дека единствен регион во светот каде што политичките и граѓанските права бележат постојано опаѓање во изминативе осум години е оној на земјите од поранешниот Советски сојуз, без Балтичките држави.

,,Русија е голема сила во регионот. Огромна е и има многу влијание. Таа, исто така сега под Путин е агресивно антидемократска земја. Не е многу едноставно тоа што Русија се одалечува од демократските стандарди.“

Вели Пудингтон, додавајќи дека интересно е и тоа што кај поранешните советски земји, богати со енергетски ресурси било забележано оти стануваат поавторитарни како што растата цените на гасот и на нафтата. Инаку, во извештајот се наведува дека во светот има осумдесет и девет слободни и четириесет и две неслободни земји. Назадување имало во триесетина земји, меѓу нив, што се однесува до регионот, во Македонија, Бугарија и Грција. Сепак, Бугарија и Грција заедно со Србија и Хрватска се во групата слободни земји. Како делумно слободни зсе оценети и Албанија, Црна Гора и Босна и Херцеговина. На врвот на списокот од сто и деведесет и три земји се наоѓа Финска, а последна е Северна Кореа. Извештајот Слобода во светот Фридом Хаус го објавува од илјада деветстотини седумдесет и втората година и се смета за меродавен извор за состојбата на политичките и цивилните слободи во сите држави. Во Соединетите држави пак на последниот извештај се гледа како на оценка на ефективноста на политиката на претседателот во заминување Џорџ Буш, односно како на посочување на можните предизвиси со кои ќе се соочи администрацијата на новиот претседател Барак Обама.
XS
SM
MD
LG