Достапни линкови

Случувањата не се добар пример за потенцијалните инвеститори, сметаат економистите


Несогласувањата помеѓу ЕВН и Владата добиваат се поголеми димензии. ЕВН не размислува како да почне да работи според законот, туку само како да изврши притисок врз владата и државните институции, да не ја попречуваат во незаконскоот работење, обвини Владата на што ЕВН одговори дека сите нејзини постапки се во согласност со купопродажниот договор и дека тие значително придонеле во подобрувањето на снабдувањето и на намалувањето на дефектите по нивното доаѓање. Проблемот кој може да се решава преку правните механизми станува се повеќе политичко прашање, реагираат експертите. Ова дотолку повеќе што преку ЕВН почнаа да се вкрстуваат копјата на политичките партии. Мора да се истражат конкретните состојби , да се оформи конкретен предмет и во конкретна постапка да се утврдат нерегуларностите, вели правниот експерт професорот Осман Кадриу:

„Треба да се утврди одредена состојба, да се утврди дали е тоа така и во кој домен, во која смисла се врши кршење на конкретните одредби, затоа што во тие прописи и во нивните завршни и преодни одредби има и санкции. Во зависност од повредата на законот следува и конкретна санкција која е предвидена исто така со тој закон.“

Целата ситуација која се создаде околу препукувањата на релација Влада – ЕВН не е добар пример за оние кои би сакале да инвестираат кај нас, вели професорот Панче Јовановски. Стабилноста и сигурноста на инвестициите се најважните предуслови кои влијаат на странските инвеститори, додава Јовановски.

„Две нозе се, лева и десна за странските инвеститори. Едната е стабилност во законската регулатива, а второто е сигурност. Дали вие ќе инвестирате некаде доколку не сте сигурни за вашиот имот? Дали ќе купите стан и утре ќе може било кој да влезе во него и да ги смени правилата или да ги смени условите на продажбата?“

Јовановски вели дека целокупната материја е законски покриена помалку или повеќе успешно според преземените закони од поранешната СФРЈ. Најкорисно би било да се применат законските прописи без премногу бука и без дневна политика, заклучува Јовановски.
XS
SM
MD
LG