Достапни линкови

Крајот на годината, Москва сепак го дочека со тежок удар од глобалната економска криза


2008-ма година за Русија започна со успеси. Цените на нафтата беа високи, надворешната политика комотна, а политичката транзиција мина без проблеми. Августовската војна со Грузија беше уште еден сигнал дека Русија смета дека има апсолутна моќ. Но, при крајот на годината Русија доживеа тежок удар од глобалната економска криза.

2008-ма година, барем половината, беше одлична за Русија. Од победата против Канада на светското првенство во хокеј, до астрономските цени на нафтата, за Русија се одвиваа работите онака како што посакуваше, победник на сите полиња. Во Русија, која е богата со енергетски ресурси, и чија економија е зависна од нив, зголемувањето на цената на нафтата за само еден долар, на пример, значи една милјарда долари екстра приход дневно. Може да се замисли колкави приходи бележеше Русија кога во јули цената на нафтата за барел изнесуваше околу 150 долари. Европската Унија не постигна прогрес со планираниот гасовод Набуко, овозможувајки и на Русија и натаму да има монопол во снабдувањето со гас. Москва не го крие задоволството и што Грузија и Украина не напредуваа кон НАТО членство, а сеуште се противи и на планираниот американски анти-ракетен штит во Централна Европа. Пол Квин, експерт од Меѓународната Кризна Група, оценува:

„Оваа гордост дојде на највисоко ниво кога Михаел Саакашвили трагично им даде можност да одат во војна во Јужна Осетија. Тоа, од Москва, а мислам и од премиерот Путин, беше искористено како огромна можност за против удар врз еден од најголемите непријатели.“

Соединетите Држави, клучен сојузник на Грузија, беа најгласни во осудата на Русија. Евроспката Унија, која е зависна од руската енергија, беше поблага во реакциите, а преговорите за партнерство со Русија ги замрзна само на три месеци. Сепак, најголемиот удар за Русија дојде од глобалната финансиска криза. Цената на нафтата падна на под 50 долари за барел, а според некои проценки од Русија загуби околу 200 милјарди долари, додека руската рубља падна во однос на еврото и на доларот. Руската берза загуби околу 70 проценти, а кредитниот рејтинг на земјата исто така беше намален, за прв пат во последниве 9 години. Конечно, на 13-ти декември, Русија соопшти дека економијата е во рецесија, со што е ставен дефинитивен крај на робустниот раст. Највидлив симбол е застојот во градежништвото, бидејки многу крупни проекти се замрзнати или стојат незавршени. Михаил Делјагин од Московскиот Инститт за глобализација, оценува дека е дојден крајот на една ера во Русија.

„Во 90-тите години ја изградивме црквата на Исус Спасителот. Тоа беше симбол. Комплексот на зградите на Федерацијата беше нов симбол, симбол на Путиновата Русија. Запирањето на капиталните градби, исто така е симбол, факт дека е дојден крајот на путиновата ера.“

Сепак, во почетокот на ноември, претседателот Дмитриј Медведев поднесе предлог за уставни реформи, со кои се продолжува мандатот на претседателот од 4 на 6 години. За многумина тоа беше сигнал дека се подготвува теренот за враќање на Путин на претседателската функција. Што се однесува на релациите на Москва со Вашингтон, се проценува дека тие би можеле да се подобрат, и поради економската криза и поради ново-избраниот претседател Барак Обама. Ендрју Кушинс од Центарот за стратегиски студии во Вашингтон вели:

„Постоеше чувство во последниве неколку години дека русите ја преценуваат својата сила, а ја потценуваат моќта на Соединетите Држави.“

Кушинс додава дека и Медведев и Путин сигнализираа дека со Обама би сакале да ги обноват руско - американските односи.
XS
SM
MD
LG