Достапни линкови

Лабина Митевска, актер. Со уметност да уриваме граници


По што Лабина Митевска ќе ја запомни Македонија во 2008 година?

2008 година не по многу нешта ја обележи Македонија, во однос на политика, економија и социјални прашања кои најмногу не интересираат. Мислам дека сите ние најмногу очекувавме влез во НАТО, стабилизирање на ситуацијата во Македонија, олеснување на визниот режим, значи тоа се работи кои не само таа средна генерација ја интересира, туку многу од младите луѓе со отворени срца чекаат тоа да се случи и да можеме да почнеме нормално да патуваме и да чувствуваме како нормални граѓани на Европа. За жал, видовме многу неправди. Многу големи шлаканици од Европа. Како граѓанин си револтиран, но за жал видовме и гледаме дека сето тоа се политики за кои ние ниту можеме да дејствуваме и лобираме, ниту знаеме како, бидејќи се на некои нивоа до кои не можеме да допреме. Така што 2008 на тој план, колку големи и да беа напорите на сите нас и на владата мислам дека е големо разочарување за македонските граѓани.

Наспроти таквите состојби во политиката, во културата се случија нешта кои говорат за европска Македонија, во однос на се друго. Како го објаснувате сето тоа, каква е таа енергија, тој разбуден инает?

Сите овие 15 години не е точно дека не и оди на Македонија. Мислам дека на Македонија и оди. Кога ќе се споредиме со нашите соседи мислам дека многу подобро стоиме и на поздрави нозе стоиме отколку сите наши соседи. Но, неправдата која ја доживуваме, и начинот на кој не форсираат да се презентираме и не презентираат надвор е она што е застрашувачки. Мислам дека сето тоа произлегува од револтот на самите уметници. Во Кан тоа пробував да им објаснам. Револтиран си. Пред се како човечко битие на оваа планета, едно од основните права е правото на движење. Не може да сме земја во Европа која едноставно нема право на движење. Немаме право утре ако сакам да одам и да видам изложба во Берлин. Го немам тоа право. Мислам дека тој револт кај сите нас, а посебно кај уметниците, создава креативна енергија, која овозможува да правиш исклучителни дела. Тоа се гледа во Македонија во однос на ликовната уметност, музиката, филмот, литературата. Навистина, колку повеќе те стискаат и те затвораат, толку посилни сме да покажеме од каде сме и да зошто доаѓаме. Македонија е позната по уметноста и со тоа можеме да се бориме и да рушиме граници.
XS
SM
MD
LG