Достапни линкови

Во знак на недобивањето на поканата за членство во НАТО, спорот за името и изборните насилства


Недобивањето покана за членство во НАТО на самитот на Алијансата што беше одржан во Букурешт во Април беше настанот со кој се поврзуваат речиси сите крупни случувања на политичката сцена во Македонија во изминатата година. Интензивираните преговори за решавање на спорот околу употребата на уставното име на нашава земја што се одвиваа до овој состанок, несогласувањата меѓу различните политички опции во Македонија во врска со тоа како треба да се однесуваме во тој процес, главно сведени на битка меѓу владата и претседателот на државата, како и одржувањето на првите предвремени избори, се помалку или повеќе директно поврзани со одлуката на Македонија да не и се упати покана за влез во Северноатланскиот Сојуз.

А дека годината ќе помине во кавги и недоразбирања меѓу претседателот и премиерот, убава најава беше нивната препирка од јануари кој да оди во Катар, откако некоординирано и двајцата имаа закажано посети на овој емират. Но, ако во почетокот на годината тоа изгледаше несериозно и релативно безболно, во наредните дванаесет месеци тие препукувања достигнуваа и преголема острина, која на крајот беше регистрирана и во редовниот годишен извештај на Европската Комисија за напредувањето на Македонија.

Првите три месеци од 2008-та минаа во нешто поинтензивни напори за решавање на спорот за името. Зачестени средби на медијаторот Метју Нимиц со преговарачите на двете земји, кои обично завршуваа со дипломатска изјава на посредникот. Имаше и неколку средби на лидерите на најголемите политички партии и претседателот на државата, на кои се разгледуваа најновите идеи на Нимиц. На неколку дена пред самитот во Букурешт, по една од многуте лидерски средби, на која се расправаше за предлогот Република Македонија, во заграда Скопје, министерот за надворешни работи Антонио Милошоски обзнани два важни заклучока

„Првиот заклучок е овој предлог го сметаме после 15 години разговори во овој спор за конечен предлог во процесот и вториот заклучок е дека процесот на градење став во однос на овој предлог продолжува и најверојатно би резултирал со собраниска расправа во понеделник.“

Но, седница на собранието не беше одржана.

„Заминуваме со верба и надеж дека правдата ќе биде задоволена, дека Република Македонија ќе ја добие поканата за членство во НАТО.“

изјави премиерот Никола Груевски на заминување за Букурешт. Епилогот е веќе познат, Хрватска и Албанија добија покани за членство во НАТО, а Македонија не, поради нерешениот спор со Грција.

„Ние 17 години живееме без да бидеме членки на НАТО. Ќе издржиме и понатаму и ќе бидеме уште повеќе посветени на патот на развојот на државата, на подобрување на квалитетот на живот на граѓаните и на издигнување на земјата на уште повисоко рамниште.“
„Треба да ги дефинираме или редефинираме начините на коишто ќе функционираме. Од тој аспект гледано подготвен сум, заедно со владата, заедно со клучните политички партии, но и многу пошироко со целокупниот мислечки потенцијал во Република Македонија, да дефинираме еден малку поинаков концепт,“


изјавија Груевски и претседателот Бранко Црвенковски по ваквиот исход. А поддршката од САД за побрзо решавање на проблемот, продолжи и по самитот во Букурешт. Американскиот амбасадор во НАТО Викторија Нуланд неколку дена подоцна беше во Скопје:

„Државната секретарка Рајс ме замоли да дојдам во Скопје, да седнам со вашите лидери и да видиме како може да го решиме проблемот за денови и недели, а не за месеци. Се надеваме дека разговорите што ги имавме денес ќе помогнат процесот на Нимиц да заврши многу многу брзо.“

Во наредните месеци уште неколку пати беа поставени слични рокови, но ова прашање не доби одговор. А недоразбирањата во македонскиот државен врв беа се поголеми. Немаше согласност околу тоа како да се продолжи процесот на преговори, кој да биде македонскиот став, која е црвената линија преку која не можеме да поминеме, треба ли граѓаните на референдум да решат што да се прави, па се до тоа кој ќе биде македонски претставник на средбите со Нимиц. Некаде во средината на ноември владата донесе одлука да ја тужи Грција пред Меѓународниот суд на правдата во Хаг поради непочитување на одредбите од Времената спогодба од 1995 година.

„Нашата апликација не се однесува на прашањето поврзано со спорот околу името, ниту пак има за цел да ги измести разговорите по ова прашање,“

рече по тој повод шефот на дипломатијата Антонио Милошоски. Претседателот Црвенковски, пак, по овој потег на владата изрази скепса во врска со иднината на преговорите:

„Мислам дека во еден подолг временски период преговорите ќе бидат или замрзнати или фингирани, односно ќе има средби на коишто ништо нема да се случува.“

Премиерот Груевски не мисли така

„Ние продолжуваме да работиме и на тој план за изнаоѓање решение по ова прашање. Преговорите не се ниту прекинати, ниту завршени, ние остануваме во преговорите барајќи решение, а се разбира тоа решение треба да биде прифатливо за македонските граѓани.“

А токму недобивањето покана за членство во НАТО, беше најголем повод за закажување предвремени избори, иако образложенијата од партиите кои беа за распуштање на парламентот беа нешто поинакви

„Во овој момент, во однос на сите развои на настаните, во однос на спорот којшто Грција го има со нас, во однос на евро атлантските инеграции, и во однос на парламентарната неефикасност, нема подобро решение од тоа нацијата да одлучи да оди на предвремени избори. Истовремено, тоа не значи дека предвремените избори го исклучуваат процесот кој го води господинот Нимиц.“
„Само по овој пат на Македонија може да и обезбедиме функционални и одржливи институции,“


рекоа Антонио Милошоски од ВМРО ДПМНЕ и Џевад Адеми од ДУИ, партија која беше подносител на официјалното барање. ДПА и СДСМ имаа малку поинаков став

„Кога некој така се мачи макотрпно ти бара мегдан, треба да му овозможиш да се мериме на тој мегдан.“
„По две години ВМРО ДПМНЕ заборави на своите ветувања и сега сака да избега од најголемата одговорност во клучниот временски момент за Република Македонија,“


изјавија тогаш Мендух Тачи и Радмила Шеќеринска. Но, парламентарното мнозинство донесе одлука за распуштање на Собранието и изборите беа закажани за 1 јуни. А кога во Македонија ќе се спомне зборот избори, веднаш се помислува на нерегуларности, инциденти, па и оружени пресметки, а не дај боже и жртви. Не беа исклучок ни овие, први вонредни парламентарни избори. Во инцидентите што се случија за време на предизборната кампања предничеа симпатизерите и припадниците на партиите на Албанците.

„ДУИ секогаш за жал е жртвата на нападите.“
„ДУИ да внимаваат што прават, затоа што со вакви активности се загрозуваат евро атлантските интеграции на Република Македонија.“


Се обвинуваа тогаш ДУИ и ДПА. И овојпат, како и секогаш, дојдоа предупредувањата од меѓународната заедница и апел за подобро спроведено гласање во споредба со 2006-та

„Ако овие избори се полоши, има повеќе насилство, заплашување или луѓето се чувствуваат небезбедно кога одат да гласаат, и ако има проблеми на денот на изборите, тоа нема добро да се одрази врз Македонија,“
„Ние амбасадорите на ЕУ ја искажуваме нашата длабока загриженост. Моменталната ситуација е полоша од онаа во 2006 и веќе нема да толерираме.“


рекоа неколку дена пред изборите американската амбасадорка Џилијан Миловановиќ и евро претставникот Ерван Фуере. Но, предупредувањата и апелите не помогнаа. Гласањето на 1 јуни беше проследено со голем број нерегуларности, но најстрашно беше тоа што имаше и неколку оружени инциденти со ранети и еден убиен.

„Иако изборите беа процедурално добро спроведени, очекувањата за напредок не беа реализирани. Затоа што властите не успеаја да го спречат насилството во областите каде што живеат етнички Албанци, а законот беше спроведуван само селективно. ОБСЕ ќе набљудува дали властите сериозно ќе ги адресираат овие прекршувања и ќе преземат чекори на правни лекови, а ние ќе ги набљудуваме и прегласувањата.“

Беа оценките на мисијата на ОБСЕ - ОДИХР, која ги следеше изборите. А резултатски, уште вечерта по изборите беше јасно дека ВМРО ДПМНЕ е победник со убедливо мнозинство освоени гласови.

„Како и на секои избори и на овие има победници и поразени, но на крајот победува Македонија.“
„Цената којашто ја плати Република Македонија за овие избори е сепак превисока, со човечки жртви, со насилство.“


изјавија Никола Груевски и тогашната лидерка на СДСМ Радмила Шеќеринска. По неколку прегласувања во текот на целиот месец јуни, новиот парламент конечно беше комплетиран. Мнозинството во него го освоија ВМРО ДПМНЕ и партиите од владејачката коалиција, а ДУИ имаше повеќе пратеници од ДПА, што на оваа партија и овозможи, по неколкунеделно преговарање, да влезе во новата влада на Никола Груевски. Пратениците од ДПА, незадоволни од исходот на изборите и од според нив сомнителните резултати од неколкуте прегласувања, од тогаш па со мали исклучоци до денес ја бојкотираат работата на македеонскиот парламент.

Собраниските седници во еден извесен период ги бојкотираа и пратениците од македонскиот дел на опозицијата, во знак на протест поради апсењето на струмичкиот градоначалник Зоран Заев за злоупотреба на службената положба.

„Треба да се види што власта презема да го воспостави дијалогот што одамна го нема, односно откако дојдоа на власт. Додека тоа не се случи ние нема да влеземе во Собрание,“

изјави Андреј Жерновски од ЛДП. Отсуството на опозицијата од собраниските заседанија траеше се до објавата на претседателот Бранко Црвенковски

„Доколку СДСМ заедно со своите коалициони партнери од опозицијата, гарантира прекин на бојкотот на Собранието и другите институции, подготвен сум да го искористам своето уставно и законско право и да го помилувам градоначалникот Зоран Заев и неговите соработници кои се наоѓаат во притвор.“

Заев, кој во септември на конгрес на СДСМ беше избран за в.д. лидер на партијата, се до повторното враќање на Црвенковски на нејзино чело, по аболицијата беше ослободен, а опозициските пратеници се вратија на седниците.

Сепак, сите овие случувања пред, по и за време на изборите, оставија длабока трага, а тоа беше регистрирано и во ноемврискиот извештај на Европската Комисија, во кој беа потенцирани и позитивните и негативните впечатоци - доминираа лошо спроведените избори. Македонија повторно не доби датум за почнување преговори за членство во ЕУ.

„Владата нема да се вклучи во расправата дали извештајот е позитивен или негативен, црн или бел. Бидејќи знаеме дека ваквата дебата води само кон натамошна фрустрација и натамошно усложнување на процесите,“

беше коментарот на вицепремиерот задолжен за евроинтеграции Ивица Боцевски. Евроамбасадорот Фуере во интервју за Радио Слободна Европа дадено неколку недели по објавувањето на извештајот, повтори:

„Комесарот Рен беше многу јасен. Тој рече дека извештајот на ЕК се фокусира исклучиво на реформите што земјата мора да ги исполни за да може да се движи напред.“

Не треба да се биде којзнае колку надарен пророк за да се каже дека и во новата година најверојатно ќе бидеме преокупирани со слични прашања како и во 2008-та. Спорот со Грција за името, нашите аспирации за членство во ЕУ и во НАТО. А голем, ако не и најбитен услов за тоа ќе биде успешно спроведување на претседателските и локалните избори, закажани за март

„Секако, следните избори на пролет ќе бидат клучен тест за да се види дали земјата има капацитет. Затоа, важно е владата, државите институции и сите политички партии да ја вложат целата енергија заедно, за да постинат што е можно подобри избори и што е можно подобра клима, без застрашувања, без проблемите кои ги имавме во јуни. Ако овој тест не биде постигнат, тогаш земјата ќе има сериозни потешкотии“

е препораката од Ерван Фуере.
XS
SM
MD
LG