Достапни линкови

logo-print

Свет: Светот ја дочека новата година


Новата 2009 година жителите на Њујорк ја пречекаа со церемонија на традиционалото спуштање на Кристалната топка со дијаметар 3,6 метри и тежина над пет тони, покриена со 2.668 кристални триаголници и 32.000 светилки.

Церемонијата на спуштањето на топката на полноќ на 31 декември датира од 1907 година. Празнувањето помина со вонредни мерки за безбедност поради присуството на поранешниот американски претседател Бил Клинтон и неговата сопруга Хилари Клинтон, иден државен секретар во владата на Барак Обама. Улиците во регионот беа затворени за автомобили, а алкохолот беше забранет.

Од другата страна на Атлантскиот Океан, во Рио де Жанеиро околу два милиона жители и гости во градот, облечени во бело ја пречаа Новата година со звуците на боса нова и на самба, на плажата Копакабана каде се одржа огномет кој оваа година беше посветен на Галилео Галилеј, кој пред 400 година првпат го употреби телескопот.

Во градот Пасадена, близу до Лос Анѓелес се одржа традиционалното 120-то издание на ногогодишната Парада на розите.

Во многу земји од арапскиот свет не се одржаа новогодишни прослави во знак на солидарност со трагедијата на Палестинците во Појасот Газа, кои шести ден се изложени на израелски воздушни напади.

Во британската престолнина Лондон околу 700. 000 луѓе се собраа на бреговите на реката Темза за да го гледаат традиционалното шоу со огномет.

Во Рим околу 200.000 луѓе ја пречекаа Новата година пред Колосеумот каде се одржа концерт под отворено небо, а во Венеција втора година по ред, 30.000 двојки стапувањето на 2009 го одбележаа со колективно бакнување на плоштадот „Свети Марко“.

Во Ватикан, папата Бенедикт 16-ти, денеска ќе одржи миса по повод Светскиот ден на мирот и ќе ги благослови присутните на плоштадот „Св. Петар“ по повод настапувањето на Новата година.

На плоштадот „Пуерта дел Сол“ во Мадрид илјадници Шпанци по традиција се собраа заедно да ја прослават Новата година.

Во Париз 550.000 луѓе излегоа со шишиња шампањско во рака на познатиот булевар Шанзелизе за да ја пречекаат Новата година.

Со голем огномет околу 650.000 луѓе ја пречекаа Новата година на улиците на Виена.

Сто илјади Полјаци празнуваа во центарот на Варшава.

Во Индија празнувањата во поголемите градови поминаа под засилени мерки за безбедност, поради неодамнешните терористички напади во финансиската престолнина Мумбај.

Новата 2009 година беше прославена и на плоштадите, во кафеаните, рестораните и пабовите во градовите во Хрватска, Србија, Косово, Бугарија итн.

Со празнични огномети и концерти на отворено Новата 2009 година први ја пречекаа жителите на Австралија. Во Сиднеј рекорден број 1,5 милиони луѓе се собраа во реонот на мостот Хабрер за да го следат шоуто со огномет и спектаклот за кој беа искористени 5.000 тони пиротехнички средства во вредност од пет милиони долари.
XS
SM
MD
LG