Достапни линкови

Скопје: Новата година пречекана без инциденти


Најлудата ноќ беше пречекана и на плоштадот „Македонија“ во Скопје, како и во другите градови во земјава. Новогодишната забава на плоштадот „Македонија“ беше отворена со детската програма од Дечињата ги забавуваа Дедо Мраз, членовите на Супер Ѕвезда, а имаше и театарска претстава и интерактивна забава.

Во рамки на вечерната забава настапија македонската рок-група Ареа, шведската атракција „Арајвл АББА“, група која ја има лиценцата ексклузивно да ги изведува хитовите на легендарната група АББА. Првите моменти од Новата година, традиционално, беа одбележани со богат огномет.

Новогодишната ноќ во Скопје помина без сериозни инциденти и жртви. Според информациите од Брзата помош и од Ургентниот центар во Скопје најголем дел од интервенциите биле поради прекумерно конзумирање алкохол и повреди здобиени во сообраќајни несреќи. Лекарите интервенирале и кај неколку лица кои се здобиле со повреди од петарди.

Од Ургентниот центар информираат дека кај нив се донесени повредени од девет сообраќајни несреќи и оти само две од повредените лица се хоспитализирани на трауматологија и не се во сериозна здравствена состојба.

Во Клиниката за токсикологија биле примени 51 алкохолизирано лице на возраст меѓу 13 и 22 години. Најмладото лице примено и детоксицирано на Клиниката е 13-годишно девојче од Скопје. Сите се детоксицирани и пуштени дома.
XS
SM
MD
LG