Достапни линкови

Русија го блокираше продолжувањето на мандатот


Цивилната мисија на ОБСЕ во Грузија по шеснаесет години ќе биде распуштена. До ова дојде откако Русија го блокираше продолжувањето на мандатот на мисијата. Официјален Вашингтон изрази жалење за ваквата одлука која, како што е наведено, тешко може да се оправда со оглед на тензиите во тој регион.

Претседавачот на ОБСЕ Александар Стуб ги навести проблемите уште во минатата недела кога од членките на оваа организација побара да ги надминат разликите и да го продолжат мандатот на мисијата во Грузија кој истекува на триесет и први овој месец. Неговиот повик не успеа и Русија на вчерашниот состанок во Виена ја блокираше иницијативата. Имено, за да мине некоја одлука на ОБСЕ, таа треба да биде едногласно изгласана од сите нејзини членки. Портпаролот на организацијата Мартин Несирски вели дека мисијата во Тбилиси со персонал од двесте луѓе ќе биде распуштена од први јануари:


Мисијата беше таму од илјада деветстотини деведесет и втората. И покрај тоа, таа има уште многу работа во решавање на конфликтните ситуации, односно обезбедување на стабилноста во тој дел на светот.


Изјави Несирски. Главен проблем за Москва е тоа што во мандатот на оваа мисија беа вклучени и грузиските сепаратистички региони, Јужна Осетија и Абхазија кои по кратката августовска војна прогласија незвисност која веднаш беше призната од Русија. Потегот на руските власти да не гласаат за продолжување на мисијата веднаш беше критикуван од американската амбасадорка во ОБСЕ Џули Финли.


Она што се случи денеска ме изненади, бидејќи очекував пософистицирано и покооперативно однесување на Русија. Тоа е уште еден нејзин обид да го спречи дејствувањето на ОБСЕ во тој регион.

Повлекувањето на мисијата ќе се одрази врз надгледувањето на состојбата во конфликтните зони, особено откако претходно Русија не им дозволи на мониторите на Европската унија да влезат во Јужна Осетија и Абхазија. Тоа ги поттикна страхувањата од можно продолжување на поствоените етнички насилства во тие региони. Се верува дека од таму биле иселени десетина илијади етнички грузијци.


Русија стори се за да уништи уште еден меѓународен мандат во Грузија. Тоа го стори за да нема сведоци за нејзините незаконски активности во окупираните територии.

Изјави шефот на грузиската дипломатија Григол Васхаѕе по вчерашното гласање во Виена. Сепак, некои дипломати изразија надеж дека наскоро би можело да биде постигнат договор за оваа мисија. Успехот, како што додаваат, најмногу ќе зависи од тоа дали Грција, како иден претседавач на ОБСЕ ќе има поголема среќа од Финска, во договорањето со Русија.
XS
SM
MD
LG