Достапни линкови

РАДМИЛА ШЕЌЕРИНСКА, ПРЕТСЕДАТЕЛ НА НАЦИОНАЛНИОТ СОВЕТ ЗА ЕВРОИНТЕГРАЦИИ. Сомневањата во демократскиот капацитет на државата можат да го запрат евроинтеграциониот процес


Како претседател на Националниот совет за евроинтеграции, како го оценувате нашето напредување кон Европската унија? Кои се пречките што остануваат на тој пат и што понатаму?

Мислам дека Македонија прави трискок во место, бидејќи поминуваат веќе три години, од 2005-та Македонија три години по ред добива негативен извештај од Европската Комисија и согласно со тоа не може да ги почне преговорите за членство. Во меѓувреме, регионот оди напред со крупни чекори. Пред неколку дена Црна Гора побара членство во Европската унија, очекува да стане земја кандидат следната година. Истото го очекува и Србија. Изјавите од страна на Европската унија за Србија навистина се многу позитивни и може да се случи ако во 2009 година не го надокнадиме пропуштеното, практично да се најдеме во целосно иста позиција како со Црна Гора и Србија кои беа неколку години зад нас. Сметам дека ова за Македонија е ненадоместлива загуба: изгубивме три години поради серија на грешни политики. И сметам дека тоа ќе не чини многу во иднина како држава.

Реално ли е според вас да се очекува датум за преговори во наредниот период и како да докажеме дека е достижна цел да станеме членка на Европската унија?

Ако беше недостижна таа цел, во 2005 година немаше да станеме земја кандидат. Мислам дека во тој период од неколку години покажавме дека Македонија има политички капацитет да оди напред кон Европската унија пред своите соседи. Меѓутоа, во овие три години за жал политиката што ја водевме не тера да го губиме чекорот. И затоа кога ме прашувате кои се моите предвидувања за 2009 година, јас немам дефинитивен одговор. Прво власта мора да организира беспрекорни избори. Ако изборите во март 2009 година имаат макар мала сенка врз нив, тоа ќе значи крај на нашите европски и евроатлански амбиции. И заради тоа сметам дека одговорноста пред власта е огромна. Како што во 2008 година направија грешка кога се одлучија на предвремени избори. Тие добија четири години нов мандат, меѓутоа Македонија изгуби и датум за преговори, а можеби ќе гледаме во иднина и шанса побрзо да добиеме безвизен режим. Значи, ни треба поинаква политичка клима, во која Собранието нема да биде гласачка машина, клима во која владата нема да биде рекламна агенција и уредник на сите телевизии, туку држава во којашто ќе се знае дека Собранието усвојува закони, владата ги предлага, но институциите меѓусебно се почитуваат. И се разбира, ни треба исто така во оваа држава да покажеме дека поинаквото мислење не се казнува. Ги гледате препораките кои овие денови пристигнуваат од Европската унија, како да пишуваат уште еден услов, а тоа е дека медиумите мора да имаат слобода на говор, дека граѓаните, опозицијата, експертите, можат да го кажат своето мислење кое е различно од власта без да се плашат дека ќе бидат казнети. Европската унија е демократски клуб. Можеби некогаш ќе не критикуваат дека некој закон не ни е најдобар, ама тоа нема да ни го запре патот кон членство. Но, ако се сомневаат дали Македонија е демократска држава, тогаш верувајте дека нема шанси да мрднеме од ова место.

Дали ја пропуштивме шансата пред самитот во Букурешт да постигнеме решение со Грција, поради тоа што Атина се обидуваше да извлече максимален исход по сите прашаања – името, опфатот на употреба и придавката македонски, или поради тоа што немаше конструктивност од наша страна?

Да немаме дилеми: Грција во овој спор смета дека нема што да изгуби. И затоа нејзините позиции секогаш во последните дванаесетина месеци беа прилично максималистички. Тоа ние не можеме да го промениме. Грција тоа го води од позиција на сила – членка е на НАТО, членка е на Европска унија, ништо не губи, таа може да ни направи проблем, ние помалку можеме да и го згорчиме животот. Меѓутоа, истата Грција, со истата политика, со истите политичари, во 2005 година не се одлучи да го употреби правото на вето кога Македонија стана земја кандидат. За жал, политиката којашто ВМРО-ДПМНЕ ја водеше последниве две години и даваше на Грција постојано муниција да се правда пред јавноста и пред пчолитичарите во Европа дека всушност проблемот е во Македонија. И смерам дека нашата влада, Груевски и Караманлис практично си помагаа меѓусебно со своите изјави и однесување, со својата политика која само навидум е патриотска и ги брани сопствените интереси, а всушност одеше спротивно на интересите на граѓаните.

Дали вие верувате дека е можно да се псотигне приближување на ставовите со Атина и во што според вас би требало да се состои компромисното решение?

Сметам дека никој сега во моментов не може да излезе со ливче хартија на кое што ќе лаже – ова е компромисот. Суштината на овие преговори е како да се приближуваат, а не да се оддалечуваат ставовите. И Македонија во таа смисла треба многу отворено да каже каде се нејзините приоритети. Дали приоритет е опфатот или приоритет е, што јас мислам дека е поважно, да се дефинира особено нашиот јазик којшто ја дефинира нашата посебност. Ако постои македонски јазик, тогаш постои македонска нација, тогаш постои македонски народ, тогаш постои посебна етничка група која не живее само во Македонија, туку и во многу други држави. Наместо да имаме таков план и буквално отворено да кажеме дека тие ни се нјајбитните прашања и да знаеме како да ги претставуваме нашите прашања пред преговарачот во Њујорк или низ светот, ние постојано игравме на лош начин. Владата десет пати одлучи да даде светло за предлогот Република Македонија Скопје, а веднаш потоа да ги обвини другите дека прават компромис, дека се предавници, за на крај да ретерира и да рече дека се враќаме на двојната формула.

Како да се надмине оваа ситуација? Што предлагате вие како опозиција?

Прво, Македонија мора дома да си ги среди состојбите, бидејќи Грција ја подобри својата преговарачка позиција, на сметка на нашите домашни слабости. А во Македонија ќе се случат лоши избори, Грција ќе излезе пред своите партнери и ќе каже: видете, вие зборувате за членство во НАТО, а тие не можат избори да спроведат. Кога се случи во Македонија тепачка во Собранието, Грција и тоа го искористи. Кога во Македонија претседателот и премиерот имаат никаква кохабитација, кога ВМРО-ДПМНЕ најавува дека нема да дојде на обраќањето на претседателот на државата, тоа Грција буквално го зема како кец на десетка и го искористува за да ја подобри својата позиција во преговорите. Тоа веќе едноставно не смее да ни се случува. Ако дома не оставиме простор за критика, тогаш нашата преговарачка позиција, со паметна политика, со преговори кои не се водат за дома туку за победа на државата, мислам дека Македонија може да добие и подобар предлог.

Неколку месеци пред локалните избори спроведените анкети не се најповолни за вас, Што ќе им понудите на граѓаните?

Мислам дека ќе биде најсоодветно за понудата да говорат оние коишто ќе излезат пред граѓаните како кандидати за градоначалници и советници и коишто на граѓаните нема да им продаваат приказни, туку ќе им кажат многу конкретно што ќе направат за нивната општина, што ќе направат за нивната улица, како ќе им го подобрат секојдневниот живот конкретно. Ние како политичка партија, се разбира, ќе излеземе и со заедничка програма за локалните избори. Меѓутоа, мислам дека силата ќе треба да ја најдеме токму во вистински кандидати на вистински места. И да им покажеме на граѓаните дека не е тоа само рециклирање на истите имиња и презимиња коишто ги нудиме без разлика дали се парламентарни или локални избори.
XS
SM
MD
LG