Достапни линкови

Пакистан во центарот на вниманието


Фокусот на војната против тероризмот во 2008-ма почна да се насочува од Ирак, кон Јужна Азија, а западните лидери се почесто најавуваа дека Пакистан треба да биде во центарот на глобалната анти-терористичка стратегија. Се почна со атентатот врз поранешната пакистанска премиерка Беназир Буто, па се до терористичкиот напад во индискиот град Мумбаи, за што беа осомничени милитанти од Пакистан.

Пакистан беше важен субјект во војната против теророт пред 2008-ма година, но повеќето терористички напади што се случија во Јужна Азија годинава, имаа врска со таа земја. Идниот американски претседател Барак Обама повика на заедничка јужно-азиска регионална стратегија во борбата против талибанците и Ал Каида.

Потребно ни е стартегиско партнерство со сите во регионот, со Пакистан и Индија и со авганистанската влада, за да ги отстраниме насилничките терористички екстремисти кои таму имаат бази и се закана за целата меѓународна заедница.

За западните воени и политички планери клучен момент за промена на фокусот од Ирак кон Пакистан беше атентатот врз пакистанската екс – премиерка Беназир Буто. Во јули бомбаши самоубијци ја нападнаа индиската амбасада во Кабул, при што 58 луѓе загинаа, а над 450 беа повредени. Откако властите во Кабул и Њу Делхи презентираа докази за поврзаноста на Пакистан, Соединетите Држави го зголемија притисокот врз Исламабад да превземе поостра акција против милитантите. Во август, пакистанската армија започна офанзива во регионите во близина на границата со Авганистан, кое се упоришта на милитантите. Афасиаб Катак, политичар од тој регион, за Радио Слободна Европа изјави:

Милитантите кои се борат и во Пакистан и во Авганистан сега ја котролираат оваа област, што е закана за целиот регион. Ние постојано бараме решение за ваквата ситуација бидејки не сакаме овие региони да станат центарот на глобалната војна против тероризмот.

Во средината на август, под домашен политички притисок, претседателот Первез Мушараф си поднесе оставка. Тој беше клучен американски сојузник во војната против тероризмот, но неговите критичари велеа дека игра двојна улога. Од една страна соработуваше со Соединетите Држави, а од друга кокетираше со локалните милитанти кои имаа врски со пакистанската разузнавачка служба. По изборот на Зардари за пакистански претседател, Исламабад ја започна и реформата на разузнавачката служба. Даниел Мерки од Советот за надворешни работи во вашингтон вели дека е тешко да се процени дали реформите се во насока на борбата против тероризмот или за внатрешна политика. Сепак, пакистанскиот новинар Ахмед Рашид смета дека декемвриските акции на пакистанските сили против групите милитанти во Кашмир покажуваат дека Исламабад почнува да дејствува.

Тие групи, кои оперираа отворено на пакистанска територија, треба да бидат елиминирани. Тие се поврзани со Ал Каида и со пакистанските и авганистанските талибанци и досега лесно дејствуваа.

Директорот на ЦИА Мајкл Хајден изјави во ноември дека Ал Каида има засолништа во делови од Пакистан и оти терористичката мрежа, протерана од Авганистан пред неколку години, обновила дел од своите капацитети во пакистанските погранични региони. Хајден заклучи дека денес најважен фактор во војната против тероризмот се базите на Ал Каида на пакистанската граница со Авганистан.
XS
SM
MD
LG