Достапни линкови

Целосно блокирани процесите кои водат кон интегрирање во евроатланските структури


Остри тонови во годишното обраќање на претседателот Бранко Црвенковски пред пратениците во Собранието. Во 2008/та се соочивме со тешки разочарувања и неисполнети очекувања, пред се, како што рече, поради целосно блокираните процеси кои водат кон евроатлантските структури. Претседателот ја потенцираше според него неискористената поддршка од страна на САД по самитот во Букурешт. Го постави и прашањето колку тужбата што Македонија ја поднесе по однос на времената спогодба значи исполнување на нашите цели, а потоа изрази и песимизам во однос на натамошните процеси кои се однесуваат на европските и евроатланските интеграции.
Со користење на популизмот и злоупотреба на патриотските чувства на граѓаните, со поделбите на патриоти и предавници, со креирање на атмосфера дека ние во НАТО и во ЕУ сакаме ама не мораме, дека владата има алтернативтивна стратегија за сестран економски, демократски и општествен развој на државата и без наше интегрирање во евроатланските структури, ние самите го испишуваме сценариото и го трасираме патот за голем историски пораз
Не постои алтернатива за нашето интегрирање во ЕУ и НАТО, потенцираше уште еднаш Црвенковски. Се друго не е развоен концепт туку концепт за гол опстанок. Нема да има прилив на странски инвестиции и нови вработувања, нема да има намалување на невработеноста и сиромаштијата, нема трајна политичка стабилност. Можни се опасности помеѓу етничкиот баланс, рече шефот на државата пред пратениците во Собранието:
Токму затоа, а не затоа што сакам или затоа што ми е мило, сметам дека треба да се обидеме да го решиме а не да го одлагаме спорот со Грција. Треба да се обидеме да дојдеме до компромис со кој ќе го заштитиме нашиот национален идентитет, да го одбраниме името на нашиот народ и нашиот јазик како македонски и во исто време да ја отвориме вратата за наше членство во НАТО и Европската Унија
Постојат и други многу сериозни предизвици кои бараат соодветен одговор, предупреди Црвенковски од парламентарната говорница. Недостасува отворена и со ништо попречувана јавна општествена дебата
Денес секој кој ќе се обиде да изнесе став различен од оној на владејачката структура ризикува да биде изложен на јавен линч, да биде прогласен за предавник, странски платеник , кочничар на реформите, а во последно време се почесто и да се соочи со кривични пријави за клевета
посочи Црвенковски.
Обраќањето предизвика различни коментари.
Излагањето на претседателот беше реално. Да, 2008-та беше таква. Претседателот е уставна институција, важна институција и нормално е да се очекуваат и такви изјави и укажувања
реагираше Џевад Адеми од ДУИ.
Во целиот негов говор имаше само обвинувања, меѓутоа никакви решенија за решавање на проблемите во земјата
изјави координаторот на пратеничката група на ВМРО/ДПМНЕ Силвана Бонева.
Премиерот не беше присутен во собраниската сала. На обраќањето присуствуваа претставници од сите политички партии и неколкумина членови на владата.
XS
SM
MD
LG