Достапни линкови

ГЛИГОР БИШЕВ, ПРВ ДИРЕКТОР НА СТОПАНСКА БАНКА. Економската криза ќе се одрази и во Македонија


Господине Бишев, првите проценки беа дека банките се стабилни, а влијание има психолошкиот притисок. Меѓутоа, се поочигледни се влијанијата од светската економска криза. Какви се сега вашите проценки и со какви финансиски резултати банкарскиот сектор во земјава ќе ја заврши оваа година?

Банките се стабилни и ќе останат стабилни, затоа што во Република Македонија банките не купуваа финансиски инструменти на секундарните финансиски пазари во светот и од тој аспект истите се стабилни, имаат висок износ на капитал, добро се капитализирани и банките оваа година ќе ја завршат по финансиските резултати подобро од претходната година. Меѓутоа, не треба да заборавиме дека банкарскиот сектор и македонската економија не се изолирани од светските текови. Република Македонија разменува 120 отсто од бруто домашниот производ со странство, при што 60 отсто од вкупната размена е со земјите од Европската Унија. Значи, покрај финансиската криза што се случува во високоразвиените земји, се случува исто така и забавување на екоономската активност, односно рецесија, пад на цените на стоките , односно дефлаторни притисоци. И ако нам 60 отсто од трговската размена ни се случува со земјите во коишто се случува рецесија, преку соодветната побарувачка на стоки и9 услуги тоа ќе се одрази и врз македонската економија. Исто така, 20 отсто од бруто домашниот производ го сочинуваат дознаките од странство. Исто така, заради зголемувањето на степенот на невработеност се очекува и трансферот на средства преку дознаки да претрпи соодветно влијание, портфолио инвестициите а исто така и директните странски инвестиции.

Како ќе се манифестира тоа влијание на светската финансиска криза во банкарскиот систем?

Како што кажав, влијанието нема да оди директно врз банките туку тоа ќе оди врз реалниот сектор и на тој план веќе одредени претпријатија и сектори нја стопанисување објавија дека го намалуваат производството ви тие сектори и дека дел од вработените одат на принуден одмор. И тоа особено се однесува за гранките коишто се претежно извозно ориентирани. Се влошува профитабилноста и кредитната способност на таквите компании и како такви тие мора да преземат мерки за преструктуирање – намалување на трошоците, зголемување на конкурентноста – за да можат да бидат конкурентни спрема странство. На тој начин банките ќе бидат индиректно под влијание на овој реален сектор – побарувачката на кредити ќе се намали, а исто така ќе се намали и нивото на профитабилноста, односно нивото на расположивиот доход и штедењето кај банките исто така ќе отпочне да стагнира.

Вие најавивте заострување на критериумите за кредитирање. Како сега тоа точно ќе изгледа?

Не би рекол заострување на критериумите, меѓутоа, во услови на успорување на економскиот раст профитабилноста на компаниите се намалува, исто така растот на доходноста на населението се успорува, дел од вработените почнуваат да не примаат плата и согласно со тоа нивната кредитна способност се влошува. Значи, не станува забор за тоа дека банките ги влошуваат критериумите, туку одредени економски субјекти коишто во претходната фаза на експанзија ги исполнувале критериумите, во фазата на успорување на економскиот раст тие почнуваат да не ги исполнуваат критериумите на кредитна способност. Ако одредена компанија не извезува и ги изгубила надворешните пазари, таа веќе нема приход. Штом нема приход, таа не може редовно да ги плаќа вработените, штом вработените редовно не примаат плата тие се кредитно неспособни за да земат било каков кредитен производ од страна на банките. На тој начин ќе се намалува бројот на кредитноспособни побарувачки кај банките и согласно со тоа кредитната активност на банките ќе се успорува. Значи, не станува збор за намалување на понудата од страна на банките, туку за намалување на кредитноспособната побарувачка.

Какви мерки ќе бидат преземени стопанството да не го изгуби банкарството како главен поддржувач на развојот?

Банките не можат да преземаат мерки за преструктуирање на стопанството. Тоа ќе го прават самите компании, пред се затоа што се заинтересирани ефективно да го користат капиталот што е вложен во тие компании. Банките, доколку има профитабилни проекти и проекти што по преструктуирањето ќе даваат висока веројатност дека компанијата профитабилно ќе работи, ќе ги поддржат со соодветна кредитна поддршка. Меѓутоа, предуслов за тоа е да се има одржлив проект, проект што на долг рок же гарантира профитабилно работење и стабилно работење на компаниите, бидејќи банките мора да водат сметки за ризиците.

Владата повика да се намалат каматните стапки, како што се случи и во дел од западните земји, со цел да се врати довербата лај банките и да и се даде импулс на економијата. Зошто и покрај тоа еден дел од банкуте во Македонија најавија зголемување на каматните стапки?

Каматните стапки се пазарна категорија и тие зависат од понудата на средства и побарувачката на средства. Значи, каматите можат да се намалат само со економски мерки. И од тој аспект тие можат да се намалат само доколку се намали побарувачката за кредити или доколку се зголеми понудата на финансиски средства. Во овој момент централните банки во високоразвиените земји за зголемуваат ликвидноста на банкарскиот сектор а исто така се води и експанзивна буџетска политика, при што се одобрија огромни средства коишто се употребија за докапитализација на банкарските системи во високоразвеините земји или за каков било вид друга финансиска поддршка на банките. Доколку сакаме во Република Македонија каматните стапки да се намалат, од тој аспект еден од начините за намалување е или да се намали побарувачката за кредити или како што направија високоразвиените земји, владата или министерството за финансии одредени финансиски средства депонираат кај банките или пак ги депонираат во централната банка, а централната банка овие средства со механизмите на монетарната политика ги употреби за намалување на каматните стапки. Тоа се економските начини за намалување на каматните стапки. Други начини не постојат.

Значи ли тоа дека треба да очекуваме зголемување на каматните стапки?

Зависи од вижењата на пазарот. Банките само посредуваат. Прашање е дали штедачите се спремни да при пониски каматни стапки депонираат средства кај деловните банки. Во овој момент штедачите бараат повисоки камати за да се откажат од трошење и дел од нивниот доход депонираат кај деловните банки. Доколку ние како банки најдеме економски субјекти кои се спремни при пониски каматни стапки да штедат, а не е тоа државата, ќе дојде до намалување на каматните стапки. Доколку немаме таков случај, туку имаме висока побарувачка на кредити и депонентите бараат повисоки камати, тогаш каматните стапки ќе се одржуваат на сегашното ниво. Меѓутоа, затоа што Република Македонија е мала и отворена економија, по правило влијанието од меѓународните финансиски пазари влијаат и врз финансиската и монетарна политика во Македонија. Она што се случува во високоразвиените земји со одредено временско задоцнување ќе почне да влијае и врз финансиските текови во Република Македонија.

Дали постои можност да бидат загрозени депозитите на граѓаните? Постои ли тенденција на повлекување на штедните влогови?

Банките особено водат сметка за тоа каде ги пласираат средствата. Во денешни услови како што и самите кажавте, постои консензус дека банките се навистина внимателни при одобрувањето на кредити и основен критериум е средствата на време да се вратат назад во банките. Банките имаат исклучително висок износ на капитал. Стапката на капиталност во Република Македонија е некаде околу 16/17 отсто. Тоа значи на 100 единици прибрани средства, банките имаат 16/17 единици на капитал. Покрај тоа, банките имаат висок износ на ликвидни средства – благајнички записи на Народната банка на Македонија, средства во задолжителна резерва, што ако заедно се соберат со капиталот на банката, достигнуваат до 40 отсто од вкупните депозити што ги имаат банките или скоро 100 отсто од депозитите на населението. И од тој аспект сигурноста и стабилноста на банкарскиот систем е исклучително висока и имајќи ги предвид стартните позиции на кои Република Македонија се наоѓа денес, ние не гледаме било какви индикации за поинакво однесување. Од тој аспект, здравоста, сигурноста и стабилноста на банкарскиот систем ќе остане карактеристика и за наредните години на Република Македонија.
XS
SM
MD
LG