Достапни линкови

Разбеснетост од корупцијата и владините политики


Како домаќини на успешните Олимписки игри во Атина, грците гордо му се претставија на светот, опијанети со расположение на национално воодушевување и со надеж во иднината. Четири години подоцна, десетици илјади од нив, разбеснети од корупцијата и владините економски политики излегоа на насилни протести во дестина градови, коментираат светските агенции за она што во изминативе пет дена се случува во Грција.

Насилната јавна реакција откако во саботата грчката полиција застрела едно петнаесет годишното момче веднаш се рашири низ целата земја и ја потресе конзервативната влада. За некои, насилните протести се диспропорционални со трагичниот саботен настан. Но, според аналитичарите, тоа само ги поттикна бесот и разочарувањето од серијата политички и финансиски скандали во моментот кога во Грција почнаа да се чувствуваат ефектите од економската криза. ,,Влезот во еврозоната во две илјади и првата и Олимписките игри во две илјади и четвратата создадоа големи очекувања меѓу грците. Имаше еуфорија дека земјата напредува,, го цитира агенцијата Ројтерс Јанис Стурнарас, професор по економија на Универзитетот во Атина. Конзервативците ја презедоа власта пред четири години, јавајќи на бранот на незадоволството од скоро дваесетгодишните скандали на социјалистичката влада. Тие ветија борба против корупцијата и подобрување на секојдневниот живот на грците кои имаат една од најозогласените бирократии во Европската унија. ,,Како што гледаме сега, тие немаа никаков план. Наместо да градат врз она што го имаа, тие почнаа да разградуваат,, додава професор Стурнарас. Во меѓувреме, економијата продолжи да расте од четири проценти годишно, што беше најбрзо во евро зоната, а грците почнаа да се задолжуваат за да купуваат недвижности. Но, растеше и дефицитот, покажувајќи ја слабоста на грчката конкурентност. И кога бранчињата на економската криза стигнаа до Грција, владата беше изненадена. Безуспешни беа нејзините даночни мерки за надминување на последиците. ,,Оваа влада не им дава ништо на работниците, туку им помага на банкарите,, велат од синдикатите. Покрај тоа кабинетот на премиерот Костас Караманлис постојано го тресат скандали. Пред извесно време двајца министри беа принудени да поднесат оставка поради аферата со неколку милионски договор за земјиште меѓу државата и црквата. Најновите насилства се проследени со протести против пензиските реформи, приватизацијата и предложените промени во образовниот систем. Анархистичката активност не е нешто ново во Грција. Такви групи постојано фрлаат молотови коктели во луксузните делови на Атина. Но, овој пат станува збор за социјални нереди, сметаат некои аналитичари, додавајќи дека протестите се подгреани од левичарската идеологија и недостигот на доверба во политичкиот систем и во образованието кое не промовира вредности. ,,Најлошото е што немаме ни соништа за нашите деца,, вели за Ројтерс четириесет и едногодишната домаќинка Вики Голицера за време на протестите во Атина.
XS
SM
MD
LG