Достапни линкови

Универзалната декларација го издржа испитот на времето


Денеска се одбележува Меѓународниот ден на човековите права. На овој ден пред шеесет години Обединетите нации ја усвоија Универзалната декларација за човекови права, првиот документ со кој се афирмираат гордоста и основните права на сите луѓе во светот.

По Втората светска војна, меѓународната заедница, се уште неолечена од злосторствата направени од нацистичка Германија, се согласи дека е неопходно да се реафирмираат основните права на човекот. Неколку земји, како Франција и Соединетите држави веќе имаа свои повелби за човекови права, но не постоеше документ со кој ќе се надминат границите, не само на државите туку и оние што ги делат луѓето по раса, пол или класа. На овој ден пред шеесет години на Генералното собрание на Обединетите нации што се одржа во Париз беше усвоена Универзалната декларација за човековите права. Пред гласањето, Елеонор Рузвелт, првата претседателка на комисијата одговорна за пишувањето на декларацијата изјави:

На прагот сме на голем настан и за Обединетите нации и за човештвото. Оваа Универзална декларација би можело да стане меѓународна Магна карта за сите луѓе во светот.

Рузвелт беше во право. Како и Магна карта, клучниот законик од тринаесетиот век во Англија, така и Декларацијата стана еден од основните документи на постовоените демократии кој имаше најмногу влијание во националните устави и во меѓународните договори. Декларацијата има триесет членови кои се однесуваат на слободата на говорот, вероисповедта, на пелатот, собирањето, правото на образование, работа. Според Гинисовата книга на рекорди, овој документ е еден од најпреведуваните во светот. Стивен Крошоу, директор во Хјуман рајтс воч вели дека Декларацијата ни по шеесет годни не изгубила ништо од важноста.

Без Универзалната декларација би било полошо. Мислам дека самиот факт што постои ни покажува колку таа е важна за нас.

Универзалната декларација не е законски обврзувачки документ, но ги дефинира значењета на поимите слобода и човекови права што се наоѓаат во Повелбата на Обединетите нации која пак е обрзувачка за сите членки. Бил Боуринг кој е адвокат за меѓународно хуманитарно право вели:

Моментално работам со колега од Чеченија на случај против Русија. И покрај тоа што експлицитно не ја спомнуваме Универзалната декларација е постојано присутна. Таа е основата.

Но, Декларацијата има и критичари. Некои велат дека таа не успеа да придонесе во почитувањето на, според многумина, едно од природните права на човекот, да не учествува во војни. Други пак се на мислење дека токму необрзувачкиот карактер на декларацијата им овозможува на некои членки да не ја почитуваат.

Секогаш има луѓе кои, поради различни причини, сакаат повторно да ги пишуваат правилата. Но, она што зачудува е колку оваа едноставна декларација успешно го преживеа тестот на времето.

Вели Стивен Крошоу, директор во Хјуман рајтс воч.
XS
SM
MD
LG