Достапни линкови

Вести

Москва: Погребан рускиот патријарх Алексеј Втори

Патријархот Московски и на сите Руси Алексеј Втори е погребан денеска во Богојавленската соборна црква во Москва.

Последната служба за упокоениот патријарх ја служеше митрополитот смоленски Кирил.

На литургијата и опелото во храмот Христос спасител присуствуваа претседателот и премиерот на Русија Дмитриј Медведев и Владимир Путин, пратеници на Димата, претставници на сите вероисповеди во Русија и делегации од странство.

види ги сите денешни вести

Столтенберг - НАТО ќе испрати противвоздушни системи во Украина

Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, прес-конференција на 18 април.
Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, прес-конференција на 18 април.

Земјите на НАТО се согласија да испратат повеќе системи за противвоздушна одбрана во Украина, вклучително и системи Патриот, изјави на 19 април генералниот секретар на Алијансата, Јенс Столтенберг.

„НАТО ги провери постојните капацитети во Алијансата и има системи кои можат да бидат испратени во Украина. Според тоа, очекувам наскоро нови најави за противвоздушни одбранбени системи“, рече Столтенберг по видео состанокот на министрите за одбрана на Алијансата со украинскиот претседател Володимир Зеленски.

Покрај „Патриот“, има и други системи што сојузниците можат да ги испратат, вклучувајќи ги системите САМП-Т и ракети земја-воздух француско-италијанско производство, додаде Столтенберг.

„Нема да дадам точни бројки, но работиме со сојузниците за да се осигураме дека тие ќе донесат добри одлуки за снабдување со новите системи Патриот“, рече тој.

Украина бара од своите сојузници да ѝ испратат системи за противвоздушна одбрана, вклучително и системите Патриот, кои се најефективни против руските хиперсонични ракети, кои ги погодија украинските градови и инфраструктура во последните недели.

Украинскиот претседател Володимир Зеленски на 19 април им кажа на членките на НАТО дека на Украина и се потребни најмалку седум системи за воздушна одбрана „Патриот“ или други напредни системи за воздушна одбрана за да се спротивстави на руските воздушни напади, повикувајќи ги да ја засилат својата воена помош за Киев.

Заменик министерката за финасии Петрова обвинува за незаконски вработувања, Министерството негира

Министерството за финансии.
Министерството за финансии.

Дополнителната заменик-министерка за финансии Елена Петрова денеска рече дека во Министерството за финансии имало незаконски вработувања, односно дека од формирањето на техничката влада до денот на распишувањето на изборите имало 36 вработувања на определено време, две вработувања на неопределено време и три унапредувања. Министерството реагираше во соопштение наведувајќи дека немало незаконски вработувња.

Петрова рече и дека биле дадени согласности за целиот јавен сектор за 1 200 вработувања на неопределено време, 448 на определено, а дека ангажирани биле 1 227 лица со договор на дело, а 99 лица биле унапредени.

Во соопштението на Министерството за финансии се вели дека од почнување на мандатот на преодната влада сите предмети кои биле доставувани на потпис до министерот, биле испраќани на разгледување и до заменик-министерката Петрова, вклучително и документите кои се однесуваат на постапките за вработување и унапредување во МФ и издавањето известувања за обезбедени средства за нови вработувања кај буџетските корисници.

„Согласно со Законот за влада чл. 46 е дефинирано дека дополнителниот заменик на министерот заедно со министерот рамноправно ги разгледува и ги потпишува сите акти и документи кои ги донесува министерот, а се однесуваат само на правните, финансиските и кадровските прашања поврзани со организација на изборите“, се вели во соопштеноето на Министерството за финансии.

Од Министерството наведуваат дека поради несогласувањето согласно членот 48 од Законот за Влада, се обратиле до ДИК како единствена надлежна институција да одлучува во врска со тоа дали одредено правно, финансиско и кадровско прашање се однесува на организација на изборите.

„По донесената одлука на ДИК со која се потврди дека не станува збор за прашања поврзани со организација на изборите, беа покренати судски постапки од страна на дополнителниот заменик-министер за финансии пред надлежни судови, каде одлуката на ДИК беше потврдена од страна на Управниот суд, но по жалба пред Виш управен суд истиот ја поништи и ја врати на повторно одлучување“, велат од Министерството.

Петрова рече дека Вишиот управен суд донел две пресуди во нејзина корист со кои ги поништил како незаконити одлуките на ДИК кои се донесени врз основа на барања на Министерството за финансии.

ДКСК повторно одлучи дека АСЈО треба да ја стави во мирување постапката за прием на 130 слушатели

Државна комисија за спречување на корупцијата (ДКСК).
Државна комисија за спречување на корупцијата (ДКСК).

Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК) на 19 април донесе одлука со која ѝ предложи на Академијата за судии и јавни обвинители да ја стави во мирување постапката за прием на 130 слушатели до завршување на изборите. Одлуката е донесена со четири гласа „за“ и еден „против“ и за неа е дозволена тужба во рок од 24 часа.

ДКСК ја донесе ваквата одлука по доставен приговор од кандидатката за претседател на ВМРО-ДПМНЕ Гордана Силјановска - Давкова дека Академијата за судии и јавни обвинители спротивно на Изборниот законик заснова работен однос со кандидатите кои ја посетуваат обуката за судии и јавни обвинители.

„Се задолжува Академијата за судии и јавни обвинители започнатата постапка за прием на 130 слушатели, да ја стави во мирување до завршување на изборите за избор на претседател на државата и пратеници во Парламентот и Владата“, се вели во одлуката на ДКСК.

Приговорот на Силјановска - Давкова до ДКСК беше доставен ба 6 април дека Академијата за судии и јавни обвинители (АСЈО) спротивно на Изборниот законик, заснова работен однос со кандидатите кои ја посетуваат обуката за судии и јавни обвинители.

Приговорот од Силјановска - Давкова беше поддржан од ДКСК со образложение дека се основани изнесените сомневања за прекршување на одредбите од Законот за спречување на корупција и судир на интереси и од Изборниот законик, по што Академијата на судии и јавни обвинители поднесе тужба која на 13 април беше разгледана и уважена од Управниот суд.

По уважувањето на тужбата на АСЈО од страна на Управниот суд, приговорот беше вратен во ДКСК на повторно постапување.

Блинкен - Кина го поттикнува конфликтот во Украина помагајќи ѝ на Русија

Американскиот државен секретар Ентони Блинкен на прес-конференција по состанокот на Г7 во Капри, 19 април 2024 година.
Американскиот државен секретар Ентони Блинкен на прес-конференција по состанокот на Г7 во Капри, 19 април 2024 година.

Државниот секретар на СAД Ентони Блинкен на 19 април изјави дека Кина индиректно го поттикнува конфликтот во Украина со снабдување на Русија со делови за нејзината воена индустрија.

На италијанскиот остров Капри, по состанокот на шефовите на дипломатиите на Групата седум најразвиени индустриски земји (G7), Блинкен рече дека Кина е „главниот снабдувач“ на руската воена индустрија, што „ѝ овозможува Русија да продолжи со својата агресија против Украина“.

„Ако Кина сака пријателски односи со Европа, не може да ја снабдува другата страна која е најголемата закана за европската безбедност од крајот на Студената војна“, рече Блинкен.

Министрите за надворешни работи на Г7 (САД, Јапонија, Канада, Франција, Германија, Велика Британија и Италија) ја изразија својата „длабока загриженост“ за испораката на кинеска опрема во Русија, која ѝ помага на руската „воена машина во Украина“. пишува во завршната изјава од средбата.

„Ова ѝ овозможува на Русија да ја зајакне и да ја снабдува својата воена индустрија, што е закана за Украина и за меѓународниот мир и безбедност“, се додава во изјавата.

Тие ја повикаа Кина да го прекине снабдувањето на Русија бидејќи, како што рекоа, Пекинг ја продолжува војната во Украина и го зголемува ризикот во кој се наоѓаат соседите на Русија.

САД се надеваат дека притисокот од европските земји ќе го наведе Пекинг да ја намали поддршката за Русија.

Кина и Русија ја зголемија економската соработка и дипломатските контакти во последниве години, а нивното стратешко партнерство стана посилно по инвазијата на Москва врз Украина во февруари 2022 година.

Додека Кина тврди дека е неутрална во конфликтот во Украина, па дури и се обиде да ја игра улогата на посредник, таа беше критикувана затоа што одбива да ја осуди офанзивата на Москва.

Зеленски побара од НАТО системи за противвоздушна одбрана

Украинскиот претседател Володимир Зеленски.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски.

Украинскиот претседател Володимир Зеленски во изјава на 19 април им порача на членките на НАТО дека на Украина ѝ се потребни најмалку седум системи за воздушна одбрана „Патриот“ или други напредни системи за воздушна одбрана за Украина да се спротивстави на руските воздушни напади.

Зеленски ги повика земјите на НАТО да ја засилат својата воена помош за Киев.

Говорејќи преку видео врска на Советот НАТО-Украина, украинскиот лидер го опиша сегашното ниво на странска помош како „многу ограничено“ и рече дека Израел не бил препуштен сам на себе за време на масовниот воздушен напад на Иран.

„(Рускиот претседател Владимир) Путин мора да биде симнат на земја, а нашето небо мора повторно да стане безбедно. И тоа целосно зависи од вашиот избор (...) од изборот дали навистина сме сојузници“, рече Зеленски во својот говор.

Зеленски оцени дека Русија во моментов има воздушна супериорност, ограничувајќи ја можноста на Украина да напредува на линијата на фронтот.

„Очигледно сега, додека Русија има воздушна супериорност и може да се потпре на својот терор од беспилотни летала и ракети, нашите опции на теренот за жал се ограничени“, додаде тој.

Русија го засили бомбардирањето на енергетската инфраструктура на Украина и нејзините градови во последниве недели, зголемувајќи го притисокот врз Киев бидејќи побројните и подобро опремени сили на Москва полека напредуваат на бојното поле на истокот, наведува Ројтерс.

Хрватскиот Уставен суд одлучи дека Милановиќ не може да биде мандатар, реакции на опозицијата

Хрватскиот претседател Зоран Милановиќ гласа на изборите на 17 април 2024 година.
Хрватскиот претседател Зоран Милановиќ гласа на изборите на 17 април 2024 година.

Уставниот суд на Хрватска донесе одлука на 19 април дека претседателот Зоран Милановиќ не може да биде мандатар за состав на новата влада.

Дел од опозициските партии остро ја критикуваа одлуката. Тие сметаат дека судот застанал на страната на владејачката Хрватска демократска заедница (ХДЗ).

Претседателот на Социјалдемократската партија (СДП) Пеѓа Грбин, чиј кандидат за премиер е Милановиќ, изјави дека одлуката на Уставниот суд е срамота.

„Им порачувам веднаш да свикаат нова седница и да донесат одлука каква што сакаа, дека премиер единствено може да биде Пленковиќ. (Андреј Пленковиќе е актуелен премиер на Хрватска од ХДЗ)“, рече Грбин на вонредната прес-конференција на СДП.

Грбин пред Уставниот суд рече дека „тоа нема да им помине“ и цитираше дел од Уставот во кој пишува дека власта доаѓа од народот.

Грбин ги повика опозициските партии да го запрат ХДЗ и нивното заземање на институциите.

„Ова е целосна паника и страв на еден мал диктатор кој сфатил дека го изгубил тлото под нозете“, рече претседателот на СДП и најави продолжување на преговорите за формирање парламентарно мнозинство.

Тој додаде дека не сака јавно да зборува за содржината на разговорот додека не се постигне договор.

Коалициониот партнер на СДП, Маријана Пуљак од партијата Центар, на Фејсбук порача дека владее „голема паника“ во редовите на ХДЗ и дека сега го користат Уставниот суд за „да си ја спасат кожата“.

Функционерката на зелено-левичарската партија „Можемо“, Сандра Бенчиќ оцени дека одлуката на Уставниот суд е „невиден и недозволив напад врз политичкиот процес за создавање мнозинство“, објави телевизијата Н1.

„Невозможно е да не се помисли дека ова соопштение доаѓа директно од паниката во редовите на ХДЗ дека ја губат власта“, рече Бенчиќ.

Се огласи и министерот за правда Иван Маленица од ХДЗ.

Тој рече дека Милановиќ во кампањата го прекршил Уставот и дека Уставниот суд изрекол ново предупредување.

„Милановиќ и неговите колеги беа поразени на избори, тоа се гледа по бројот на мандати и не сакаат да го прифатат поразот или фактот дека ќе биде тешко да се формира мнозинство“, одговори Маленица на обвинувањата на опозицијата дека Уставниот суд застанал на страната на ХДЗ, според Н1.

Што беше наведено во одлуката на Уставниот суд?

Уставниот суд на Хрватска на 19 април одлучи дека Милановиќ не може да биде мандатар за состав на новата влада или премиер.

Тие констатираа дека Милановиќ во таква позиција се ставил со своите изјави и однесување, односно со учеството во предизборната кампања за парламентарните избори одржани во средата, без да поднесе оставка на претседателската функција, на што Уставниот суд и претходно го предупреди.

Преговори за парламентарно мнозинство најави премиерот Андреј Пленковиќ од ХДЗ, партија која на изборите во средата освои 61 мандат. СДП како второпласирана освои 42 мандати.

Милановиќ поради претходното предупредување официјално не учествуваше во изборната кампања на СДП, односно не беше кандидат за пратеник на листата на СДП.

Во кампањата, пак, тој остро ја критикуваше ХДЗ и ги повика граѓаните да гласаат за која било друга партија, освен за ХДЗ, која ја обвини за корупција.

Неколку пати кажа и дека е кандидат на СДП за премиер.

СДП и Милановиќ уште од почетокот изјавија дека ниту еден правен акт не го спречува претседателот да се кандидира на избори.

Прогласен ден на жалост за жртвите во Днипро, Г7 ветија повеќе воздушна одбрана

Пожарникари работат на местото на станбена зграда погодена од руски ракетен напад во Днипро на 19 април 2024 година.
Пожарникари работат на местото на станбена зграда погодена од руски ракетен напад во Днипро на 19 април 2024 година.

Ден на жалост е прогласен за загинатите од руските ракетни напади врз градот Днипро и неговата околина во југоисточниот украински регион Днепропетровск.

Украинскиот ретседател Володимир Зеленски повторно апелираше до сојузниците на Киев итно да ја снабдат неговата земја со повеќе системи за противвоздушна одбрана.

Воздухопловните сили на Украина за прв пат соопштија дека собориле еден од напаѓачките стратешки бомбардери на Русија.

Гореше станбена зграда по смртоносните руски напади на Днепропетровск
please wait

No media source currently available

0:00 0:00:59 0:00

Во меѓувреме, членовите на групата Г7 одговорија со ветување дека ќе ја зајакнат воздушната одбрана на Украина.

„Решени сме да продолжиме да обезбедуваме воена, финансиска, политичка, хуманитарна, економска и развојна поддршка за Украина и нејзиниот народ“, изјавија министрите за надворешни работи на Г7 на крајот од дводневниот состанок на италијанскиот остров Капри.

Најмалку осум лица загинаа, а 25 беа ранети кога руски воени авиони истрелаа проектили врз цели во областа Днепропетровск во Украина - делови во земјата каде има најголема индустрија.

Две лица загинаа во Днипро - град со еден милион жители, кој е и главен град на регионот, а шест лица во областа Синелникивски на околу 60 километри јужно од Днипро, каде беа оштетени повеќе од десетина домови, изјави министерот за внатрешни работи Игор Клименко.

Градоначалникот на Днипро, Борис Филатов, го прогласи 20 април за ден на жалост во регионот.

ЕУ и САД воведоа санкции поради насилство врз Палестинците на Западниот Брег

Израелска населба на окупираниот Западен Брег.
Израелска населба на окупираниот Западен Брег.

Европската унија на 19 април воведе санкции против четворица радикални Израелци и две организации, обвинувајќи ги за насилни дејствија врз Палестинците на Западниот Брег.

Истиот ден, САД воведоа санкции за две организации за собирање пари за израелските доселеници на окупираниот Западен Брег, како и за водачот на една од радикалните организации. ЕУ и САД ги воведуваат санкциите за насилство врз Палестинците.

На кого ЕУ воведе санкции?

Од Брисел беше соопштено дека санкционираните се „одговорни за сериозно кршење на човековите права на Палестинците, вклучително и тортура и друго сурово, нечовечко или понижувачко постапување или казнување, како и за кршење на правото на сопственост и приватниот и семејниот живот на Палестинците на Западниот Брег“.

Во соопштението се вели дека се санкционирани Лехава - опишана како „десничарска еврејска врховистичка група“ и „Хилтоп Јут“ - организација за која се вели дека е „радикална младинска група составена од членови познати по насилни дејствија врз Палестинците и нивните села на Западниот Брег“.

Списокот на санкции ги вклучува Меир Етингер и Елиша Јеред - водачи на организацијата „Хилтоп Јут“, со обвинувања дека и двајцата „биле вмешани во смртоносни напади врз Палестинците во 2015 и во 2023 година“.

Нериа Бен Пази и Јинон Леви исто така се санкционирани за повеќекратни напади врз Палестинци.

Со санкциите се замрзнуваат сите средства што може да ги имаат во ЕУ, а им забрануваат на граѓаните на земјите-членки на ЕУ да прават бизнис со нив. На четирите лица им е забрането и патување во ЕУ.

Одлуката на Брисел за санкции е дел од договорот меѓу земјите-членки според кој членовите на палестинскиот Хамас - организација означена како терористичка организација од ЕУ и САД, беа санкционирани минатата недела за сексуално насилство за време на нападот врз Израел на 7 октомври.

На Западниот Брег, кој Израел го окупираше од 1967 година, забележано е зголемување на насилството во изминатата година, особено по избувнувањето на војната меѓу Израел и Хамас во Газа.

Најмалку 468 Палестинци се убиени од страна на израелските сили или доселеници ширум Западниот Брег по нападот на Хамас врз Израел на 7 октомври којшто ја предизвика војната, според официјални палестински извори.

На кого САД воведоа санкции?

САД воведоа санкции за две организации обвинети за собирање средства за екстремистичките доселеници на окупираниот Западен Брег, за кои се вели дека малтретирале и напаѓале Палестинци.

Два субјекти беа санкционирани - „Фондот на планината Хеброн“ и Шлом Асирајх. За нив се наведува дека собрале повеќе од 170.000 долари во кампања за собирање пари за израелските доселеници.

На листата на санкции, како што е наведено во одлуката, е и Бен-Зион Гопштајн - лидерот на организацијата Лехава, чии членови напаѓале Палестинци.

Американскиот заменик-секретар за финансии Воли Адејемо рече дека овие организации и поединци „го поткопуваат мирот, безбедноста и стабилноста на Западниот Брег“.

„Ние ќе продолжиме да ги користиме нашите алатки за одговорните да ги повикаме на одговорност“, додаде тој.

На санкционираните им се блокираат средствата доколку ги имаат во САД, а на американските граѓани им е забрането да прават бизнис со нив.

Невладини во Србија ги повикаа властите да ја поддржат резолуцијата на ОН за геноцидот во Сребреница

Илустративна фотографија.
Илустративна фотографија.

Организациите за човекови права во Србија ги повикаа Владата и претседателот на Србија, Александар Вучиќ, да ја поддржат Резолуцијата на ОН за Меѓународниот ден на сеќавањето на геноцидот во Сребреница.

Во заедничка изјава објавена на 19 април, тие апелираат до српските власти „да престанат со практиката на славење на осудените воени злосторници, негирање на злосторствата, жртвите и пресудите на меѓународните судови“.

„Со тоа Србија ќе направи одлучувачки чекор кон помирувањето во регионот“, додаваат тие.

Генералното собрание на ОН веќе на почетокот на мај би можело да расправа за Резолуцијата, која ја иницираа Германија и Руанда.

Нацрт-резолуцијата, меѓу другото, повикува на осуда на негирањето на геноцидот во Сребреница и глорификација на одговорните за убиствата на околу 8.000 бошњачки цивили во јули 1995 година.

Белград лобира во Обединетите нации против резолуцијата, на којашто се противат и властите на ентитетот на НиХ, Република Српска.

Резолуцијата на Обединетите нации за Сребреница беше тема на состанокот зад затворени врати во ОН на 17 април.

Апелот до претставниците на властите во Србија е потпишан од страна на 14 организации.

Меѓу нив се Фондот за хуманитарно право, Жените во црно, Младинската иницијатива за човекови права (МИЧП), Комитетот на адвокати за човекови права (ЈУКОМ), Белградскиот центар за безбедносна политика (БКБП), Хелсиншкиот комитет за човекови права во Србија и други.

Властите во Србија и Република Српска со години го повторуваат истиот став. И покрај меѓународните пресуди, тие негираат дека е извршен геноцид во Сребреница.

Пресудите на меѓународните судови и судовите во Босна и Херцеговина утврдија дека во јули 1995 година, кога Армијата на Република Српска ја окупираше Сребреница, е извршен геноцид врз околу 8.000 бошњачки цивили.

Досега повеќе од 50 лица се осудени на повеќе од 700 години затвор за геноцид и злосторства во Сребреница.

ЕУ повторно го повика Косово да формира Заедница на општини со српско мнозинство

Северна Митровица, една од четирите општини со српско мнозинство на северот на Косово. (архивска фотографија).
Северна Митровица, една од четирите општини со српско мнозинство на северот на Косово. (архивска фотографија).

Европската унија (ЕУ) на 19 април го повтори својот повик до Косово да започне со спроведување на обврската поврзана со формирањето на Заедницата на општини со српско мнозинство.

Покана е испратена и до Косово и до Србија, да ги исполнат сите обврски кои произлегуваат од дијалогот со посредство на Европската унија.

„Сите договори постигнати во дијалогот се документи и обврски кои важат за двете страни. Тие мора да се спроведуваат и почитуваат. Постојано им го повторуваме ова на двете страни“, рече портпаролот на Европската комисија Петер Стано на прес-конференцијата по повод 11 годишнината од Бриселскиот договор, со кој беше планирано формирање на Заедницата на Косово.

„За време на процесот на дијалог често имавме значајни годишнини од различни договори. Пред неколку дена имавме и годишнина од таканаречениот Охридски договор и рековме дека клучот е во неговото спроведување. Истото важи и за договорите постигнати порано. Тие мора да се спроведат“, рече Стано.

Тој оцени дека прашањето за Заедницата е „најитното прашање“.

„ЕУ, како и другите меѓународни партнери, беа и останаа јасни кон косовските власти по ова прашање. Тие мора да ја спроведат оваа обврска, бидејќи неисполнувањето ќе има сериозни последици“, рече тој.

Тој нагласи дека истото важи и за Охридскиот договор.

„Високиот претставник на ЕУ, Јозеп Борел, беше јасен дека спроведувањето на овој договор сега е поврзано со напредокот и на Србија и на Косово на патот кон членство во ЕУ. Доколку страните не дадат резултати во спроведувањето на овие обврски, тогаш ќе има сериозни последици“, додаде Стано.

„А единствените кои ќе ја платат цената на тоа неисполнување ќе бидат граѓаните чии интереси двете страни велат дека ги штитат. Така што најголемата цена во случај на недостиг на имплементација ќе ја платат граѓаните на Косово и Србија“, рече Стано.

Основањето на ЗСО, Косово и Србија го договорија со Бриселскиот договор во 2013 година, но властите во Косово се двоумат дали да го спроведат договорот, стравувајќи дека овластувањата на Заедницата би можеле да влијаат на функционалноста на државата.

Двете земји од 2011 година преговараат за нормализација на односите, но десетината постигнати договори не се спроведени на терен.

Меѓународната заедница го зголеми притисокот врз Косово да формира Заедница на општини со српско мнозинство, истовремено барајќи од Србија де факто да го признае Косово.

Двете точки се предвидени во Охридскиот договор, кој усно го одобрија српскиот претседател Александар Вучиќ и косовскиот премиер Албин Курти.

Вчитај повеќе

XS
SM
MD
LG