Достапни линкови

Трајко Славевски, министер за финансии. Во моментов немам конкретна цифра за сумата што ја троши владата за реклами


Министре, речиси без никаква најава владата одлучи да ги преземе десетте мерки за справување со кризата. Што беше клучно да се одлучите на ваков потег и по најавите на некои министри дека компаниите треба сами да се справат со тоа?

Мерките не се насочени кон одделни компании, туку се помош за економијата во целина, а особено тука ќе се најдат како корисници одделни претпријатија во зависност од состојбата во која се наоѓаат и секторот во којшто работат. Да спомнам дека некои од мерките беа промислувани и подготвувани од пред неколку месеци. На пример, оваа што е најдобро примена кај стопанствениците, преминиот од 0 стапка на реивестирана добивка, кон ослободување од оданочување на целокупната добивка што останува во фирмата, што не се распределува. И сега, како и секоја друга влада. Фазно, ние ги следиме последиците од глобалната финансиска економска криза. Се чувствуваат негативните неповолни ефекти и врз македонската економија. Тука како и секоја одговорна влада, преземаме мерки коишто ќе значат олеснување на функционирањето на претпријатијата во Република Македонија.

Мерките се претежно наменети за фирмите кои не ги плаќале своите давачки. Тоа беше коментарот на дел од претставниците на металуршката индустрија. Тие и претходно бараа некаква помош, велат дека се најпогодени, но сепак не се директно опфатени со овие мерки?

Мерките во обем, барем што се окарактеризирани како не многу пазарни, коишто не би ги презеле во нормални околности, на пример, мораториум на обврските за здравствено осигурување, отпис на каматите итн, се однесуваат на некои претпријатија коишто имале неуспешна транзиција. Значи, заради една или друга причина останале да се влечат нерешени прашања од транзицијата. Неподмирени односи, сопственичка структура, доминантна државна сопственост, а државата се обидувала да ги трансформира и приватизира не многу успешно. Сега оценивме дека е моментот да им се даде мала оддишка на тие претпријатија без да се креираат неповолни однесувања кај останатите субјекти. Ние и понатаму очекуваме оваа дисциплина финансиска којашто години со ред се гради во Република Македонија да продолжи да функционира и понатаму. Затоа што ако од некоја причина почне да опаѓа финансиската дисциплина, тоа би било негативно за целокупната економија и самите претпријатија.

Од каде ќе се полни буџетот за 2009 година којшто е најголем до сега? Постои впечаток дека се воведуваат нови давачки, казни. Кога велам за нови давачки мислам на давачката за лиценци за алкохол, да кажеме.

Видете, ние воопшто не сме го гледале фискалниот ефект и некои очекувања дека од тоа ќе прибираме средства. Лиценцирањето на алкохолот има повеќе социјален и медицински аспект, отколку фискален аспект. И некои други казни, повеќе е другата функција да обезбедиме почиста околина, можности за пристап до алкохолот кај одредени групи одошто да го полниме буџетот. Буџетот си има свои стабилни и редовни приходи.

Слично како и во рузвелтовиот модел, преку јавни инвестиции во буџетот за 2009 година ќе се обидете да ги намалите ефектите од финансиската криза. Од каде ќе се наоѓаат пари за проектите во инфраструктурата. Каков е планот во тој поглед?

Добро, да нема забуна определбата на владата за помасовни инвестиции во јавниот сектор, особено во инфраструктурата ниту беше мотивирана од копирање на некои историски преседани, како Њу Дилот, но сепак елементи од зголемување на агрегатната побарувачка со помасовни инвестиии во јавниот сектор и инфраструктура, патна, железничка, енергетски објекти има и особено тоа се совпаѓа со потребата од анти циклично делување. Значи, кога циклусот води кон опаѓање на личната потрошувачка заради зголемен песимизам, очекување полоши времиња, тогаш ова на некој начин треба да дојде како комензација. Но, сепак буџетот е на тој начин димензионира што ќе се обезбедат средства за покривање на буџетскиот дефицит, а некои се веќе обезбедени од поволни кредити, односно странско задолжуавње, и тоа во моменти кога од приватни комерцијални извори е многу тешко да се дојде до средства за финансирање. Ние тоа го обезбедуваме, како што реков под многу поволни услови од меѓународните финансиски институции, Светската Банка, Европска Инвестициска Банка, Европска Банка за Обнова и Развој и Банката за развој при Советот на Европа.

Дали парите за рекламни кампањи се предвидени во буџетот за 2009 година? И дали она што до сега беше рекламна кампања, или маркетинг е во буџетот за 2008 година? Се чини дека во последниве две години владата е најмногу таинствена околу парите коишто ги троши за реклами?

Средствата се предвидени и во оригиналните буџети. На пример, ако прашувате за 2008 година и ребалансирани со ребалансот. Поинаку не може да се трошат. Тие треба да се стават на одделни позиции, да речеме во Агенцијата за странски инвестиции или во буџетскиот корисник Влада на Република Македонија. Понатаму, сите министерства си имаат дадена сума на средства за промоција на свои програми и кампањи, вклучително и министерството за финансии, министерство за образование, за здравство. Тоа било отсекогаш така. Единствено она што често се повторува и можеби боде очи е помасовното промовирање на земјата на меѓународен план во познати светски публикации коешто секако изискува поголема сума средства. Но, видете, тоа не е случајно. Ние сме дошле до заклучок, а тоа ни го кажуваат странските инвеститори и пријатели на Република Македонија од дипломатијата, политичари и слично, дека Македонија, за период од пред две години, кога ние започнавме со ова, не била, како што тие ја користат фразата, на видното поле, на радарот на странските инвеститори.

Министре, зборувате за рекламите во странство. Но, и дома, впечатокот е велат како во времето на филмски новости во времето на комунизмот. Колку владата потроши 2008 година за реклами имате ли конкретна бројка?

Не затоа што средствата се на голем број институции и некои се во тек. Некои од нив се со деловни договори според политиката на одделни медиумски куќи коишто се договараат однапред со определени попусти итн, јас навистина во моментов не располагам со таква бројка. Но, повеќето од средствата што се трошат се за рекламирање и промоција на Република Македонија и нејзините политики во меѓународните медиуми.

Околу соработката на Македонија со ММФ. Ја прекинавте соработката. Сметате ли дека во услови на финансиска криза и прекината соработка со ММФ тоа може лошо да се одрази врз инвестициите во земјава?

Апсолутно не е точно дека Република Македонија ја прекинала соработката. Ние немаме аранжман. Во светов, во моментов на прстите од две раце може да се избројат земји коишто имаат аранжамн со фондот. Тоа не значи дека ја прекинале соработката. Ние сме земја членка на Фондот. Значи, тоа што немаме аранжман е со повеќе објаснувања. Не може да има еден по друг аранжман во период од само еден или два месеци. Тоа е технички невозможно, затоа што по правило, аранжманите се договараат во период којшто трае од 9 до 12 месеци. Ние проценивме дека затоа што три години немавме потреба од влечење на средства, позајмување од ММФ, напротив ние го ликвидиравме целокупниот долг, а состојбата не се променила, потреба од средства и сега, да не се обратиме за помош и за средства. Јас се надевам дека тоа така и ќе остане. Со оглед на новите околности, на своите земји членки коишто имаат свои удел, квота во средствата на ММФ, со оглед на глобалната економска криза, раководството на ММФ драстично ги скрати процедурите. Ако затреба, тогаш може за две недели, она што некогаш биле потребни месеци да се договори помош од страна на ММФ. Ние ја користиме експертската поддршка на ММФ:

И за крај министре, трговскиот дефицит е голем. Има ли некаков план за негово намалување?

За трговскиот дефицит мислам дека единствено нешто што беше генерирано во рамките на Република Македонија, не како одраз, а можеби и како одраз на политиките, беше зголемената потрошувачка и зголемениот увоз на електрична енергија. Тука потрфли производството од хидро централите од објективни причини. Но, мислам дека политиката на ниска цена на електричната енергија имаше свој удел. Исто така, подолгиот период којшто беше оставен да се направи пресвртот, односно големите потрошувачи да се упатат на слободниот пазар. Тоа беше единственото што може да се припише на нашите политики. Се друго беа шокови коишто моравме да ги сносиме. Било од високите цени на нафтата крајот на минатата и првата половина од годинава, високите цени на храната, тоа веќе не е случај, а секако свој удел имеше и високиот оптимизам на македонските потрошувачи и кај инвеститорите. Кога секако со медијација на кредитниот систем имаше раст на кредитите, па луѓето се решаваа да ги заменат старите со нови автомобили, побрзо го решаваат стамбеното прашање итн. Сето тоа има и увозна компонента, кај автомобилите стопроцентно. Но, свој удел во дефицитот на тековната сметка на планиот биланс што е поширока категорија од трговскиот биланс имаше и забрзаното темпо на инвестиции. Самиот влез на капитал однадвор, како и самото зголемено реинвестирање на профитите по дефиниција заради сметководствените правила, ако се одрази со зголемување на капиталната сметка, тогаш мора да се евидентира како дефицит во тековната сметка од платниот биланс. Но, тоа по правило не се смета за негативна појава затоа што тие инвестиции значат отворање на нови работни места, значат зголемен извоз, којшто некогаш ќе го затвора трговскиот биланс. И да заклучам, нема земја којашто брзо се развивала, што не забележала дефицит на тековната сметка од некаде 7,8,9 и над 10 проценти.
XS
SM
MD
LG