Достапни линкови

logo-print

Политиката влијае на состојбата во медиумите


Паралелено со проширувањето на медиумскиот простор во земјава, односно отворањето на голем број печатени и електронски медиуми, Македонија на меѓународните ранг листи забележува пад во оценките за слободата на медиумите. Последно, минатиот месец на ранг листата на „Репортери без граници“, објавена во текот на октомври, земјава забележа пад за шест места споредено со минатата година. И според „Фридом Хаус“ Македонија е на 100-то место според слободата на гласилата, а споредено со регионот само албанските медиуми се полошо рангирани од македонските. Негативни забелешки за слободата на медиумите регистираше во својот последен извештај и Европската Комисија. Медиумите во Македонија се изложени на значајни политички влијанија и од оваа ситуација мора да се излезе, е пораката која ја упатува евроамбасадорот во земјава Ерван Фуере:

„Ова е многу реален и сериозен проблем и извештајот на Европската Комисија беше многу јасен и во него се наведува дека медиуми се изложени на значајни политички влијанија. Електронските медиуми се многу концентрирани во приватни телевизии кои имаат врски со политичките партии. Многу е важно да се направат напори за да се засилат и да се постигнат независни медиуми, слободни од политички влијанија. Има многу што може да се постигне, но секако дека примерот мора да дојде од раководството, владата и од сите политички партии кои ја креираат независноста на медиумите.“

рече во интервју за Радио Слободна Европа, амбасадорот Фуере. И мисијата на ОБСЕ во земјава која ја набљудува состојбата со медиумискиот простор, оценува дека порастот на бројот на електронски и печатени гласила, не оди во прилог на подобрувањето на слободата на говорот, туку напротив се бележи спротивна тенденција:

„ОБСЕ веќе неколку години коментира еден проблем којшто продолжува да биде проблем во земјата, а тоа е нетранспарентноста на сопственоста на медиумите и проблем со влијанието на сопствениците врз уредувачката политика на медиумите.“

Изјавува Сали Брајтон одговорна за медиуми во мисијата на ОБСЕ во Скопје.
Во државата најпрво отсуствува точна бројка за вкупниот број медиуми, но бројката со која се оперира е околу 200 печатени гласила, радиа и телевизии. И стручната јавност се солгасува со последната забелешка, дека квантитот не носи и квалитет. Жанета Трајковска од Македонскиот Институт на медиуми вели:

„Јас секогаш велам дека бројот на медиумите или плурализам во медиуми ние имаме, меѓутоа она што го немаме е квалитетот, затоа што квантитетот не го одразува квалитетот во однос на она што го добиваме како краен медиумски производ. За држава од 2 милиони луѓе, 200 медиуми, ќе се сложите дека е многу. Ако направиме споредба со регионалните земји, таму ќе видите дека, на пример во Хрватска не постојат седум национални телевизии, или пет национални радија или 12 дневни весници.“

Во таква ситуација на бројни медиуми, а во услови на лоша финансиска состојба– излезот се бара во поинакви начини на финансирање. Главен извор за прибирање средства, главно им е политичкиот маркетинг, преку изборните циклуси или вон тоа, преку актуелните кампањи на владата. На овој актулен последен пример, видливо е влијанието на политичките партии врз медиумите, во услови кога претставуваат речиси главен извор за нивна егзистенција и тука лежи првата причина и воедно објаснувањето за се повидливата спрега – медиуми – политика објаснува стручната јавност:

„Веројатно и површни и длабински анализи ќе покажат дека мал број медиуми во Македонија работат врз чисто комерцијални основи, значи да се појавуваат на пазарот да ги понудат своите производи и услуги... Иако се знае дека во медиумите влегува капитал кој е со поинакви цели и мал број од медиумите можат да направат економска пресметка за да работат рентабилно, да работат со добивка и на тој начин да си обезбедат сопствена слобода во професионалниот дел на функционирање.“

објаснува професорот по комуникации и медиуми Живко Андревски. Втората причина освен факторот финансии главно е во проблематичната медиумска сопственичката структура, посочува Трајковска:

„Сме имале и сеуште имаме лидери на политички партии кои се сопственици на медиуми, и кои на ваков или онаков начин сакаат да ги искористат медиумите за некој свој вид на притисок, моќ, влијание во светот на политиката. Политиката и медиумите на таков начин никаде не се мешаат, и не смеат да се мешаат.“

Дополнително на овој проблем, политичко и бизнис влијание врз медиумите, трета причина се посочува во слаби регулаторни институции и здружение на новинари. Во една таква корелација испреплетност на бизнис и политичките интереси преку медиумите, меѓународната заедница, односно Европската Унија и мисијата на ОБСЕ укажуваат на потребата од зајакнување на улогата на Здружението на новинари како и на Советот за радиодифузија. Иако располагаме со одредени механизми, кои предвидуваат и санкционирање, некогаш сме немоќни, велат од Советот за радиодифузија.

„Значи помалите медиуми повеќе се трудат да ги следат правилата и нормите, додека посилните медиуми, поголемите медиуми, се чувствуваат помоќни и дури и дирекно и јавно изјавуваат, нема мене некој да ми кажува што ќе правам и како ќе работам.“

вели Илир Ајдини, потпретседател на Советот за радиодифузија.
Со сите овие забелешки на кои упатуваат експертите се согласува и новинарската фела. Сашо Кокаланов главен и одговорен уредник на Дневник:

„Дали на владата или на одредена политичка партија или бизнис структура ќе и се дозволи одредено влијание во работењето на некој медиум, зависи од самиот медиум.“

Иако состојбата и во изминативе години е не променета, во ,,маркетнишката умешност“ на власта Ацо Кабранов уредник во Телевизијата Алфа, ја гледа главната причина за дополнителното влошување на состојбата и причините поради кои Макеоднија бележи пад на меѓународните ранг листи за слободата на медиумите:

„Зошто така, заради тоа што актулениот премиер има најголем удел во тоа. Едноставно, да не употребам некој потежок збор, но навистина така мислам, дека практично ги корумпира медиумите со рекламирање, и кога треба и кога не треба рекламира секој ден што работи владата и тоа мислам дека основната цел е да ги стави ,,под своја капа“ медиумите на кои им дава огромни пари од нашиот џеб.“

Вели Кабранов. Неговото мислење го дели и Александар Чомовски главен и одговорен уредник на телевизијата А2:

„Мој впечаток е дека лошата состојба во медиумите прво се должи на слабостите кои се базираат на Јавниот сервис – МРТВ, кој никако да се ослободи од стегите на власта и да доживее програмска и професионална трансформација, а потоа се чини дека медиумскиот простор во Македонија се повеќе го совладува владата со агресивната маркетиншка кампања, со која практично влијае и врз уредувачката политика и врз материјалната основа на значаен дел од медиумите.“

Што се презема за да се измени ваквата ситуација. Претставниците на медиумите се согласуваат дека проблемот лежи токму во слабата организација на главното медиумиско здружение:

„Новинарските правила се кршат во изобилство. Имавме последен случај, кога новинар и тоа главен и одговорен уредник на медиум се обиде да искритикува припаднички на понежниот пол кој што се занимаваат со политика. Тука Здружението на новинари не ја осуди оваа негова постапка, напротив Советот на честа на ЗНМ напиша дека тие неможат да реагираат за новинар кој дал некакви изјави во улога на гостин во некоја емисија.“ смета Емилија Лазаревска одговорен уредник на телевизија Телма. За потребата од зајакнување на улогата и поголема моќ на Здружението на новинари, за поголема обединетост зборуваат и останатите. Без тоа велат Кабранов и Чомовски неможе да се очекува промена на ситуацијата, а толку длабоко според нив политичкото влијание е инволвирано во медиумскиот простор што не им влева никаков оптимизам за промена на ситуацијата:

„Новинарското здружение е никакво, има обиди на професионалци да променат нешто, но јас навистина сум песимист во тој дел.“

„Страв или неспособност, резултатот е еднаков. Имате слабо платени новинари, имате ексклузивно платени новинари кои имаат индиректни политички амбиции и кои агресивно, непристојно и политички амбициозно пласираат информации наместо да бидат тие кои што ќе создаваат демократска јавност и демократско јавно мислење.“


Изјавуваат Кабранов и Чомовски. Во извештаите за состојбата на медиумите, годинава забележан ќе остане и нападот на новинар во Парламентот, на еден камерман како и обид за убиство на сопственик на национална радио мрежа.
XS
SM
MD
LG