Достапни линкови

Признание за направените реформи и надеж за скоро членство на Македонија во НАТО


Тоа што оваа посета се случува само неколку месеци откако е на оваа функција, претседавачот на воениот комитет на НАТО, адмиралот Џампаоло ди Паола ја претстави како индикатор за продолжувањето на поддршката на Алијансата кон Македонија. Одаде признанија за постигнатите реформи и трансформациите на армијата и ја повтори пораката дека вратата на НАТО за Македонија останува отворена откако ќе се реши прашањето за името со соседна Грција. Избегнувајќи политички изјави тој сепак одговори на прашањето дали би ја вознемирило Алијансата доколку ја изгуби довербата кај македонските граѓани поради одложувањето на приемот на земјава во членство.

„Би сакал да кажам дека не постои никаква причина македонскиот народ да ја изгуби довербата, затоа што земјата се наоѓа на вистинскиот пат, владата е целосно посветена на целосна интеграција во НАТО и затоа баш напротив сето ова треба да претставува стимул за натамошна работа и вложување дополнителни напори за наоѓање на решение за проблемот со името и јас сум сигурен дека тоа конечно ќе се оствари,“

Изјави Адмиралот Ди Паола. На денешните средби во министерството за одбрана и генералштабот на РМ станало збор и за учеството на македонија во воените мисии надвор од земјава и за ангажирањето во однина. Ди паола и оддаде признание на македонија за учеството во воените мисии. Во наредната година Алијансата очекува зголемено учество со свои војници во мисијата ИСАФ од страна на НАТО членките. Што се однесува до партнерите, зголеменото учество би било добредојдено но тоа би било суверена одлука на секоја земја, изјави Ди Паола.

„Во однос на партнерите, доколку тие се подготвени и сакаат да го зголемат нивниот придонес, тоа ќе биде повеќе од добредојдено, но суверена одлука на секоја земја е да одлучи дали ќе го стори тоа или не.“

Во име на алијансата, Ди паола ја поздрави одлуката за распоредувањето на мисијата Еулекс на Косово. Таа покажува дека Косово се наоѓа на вистинската патека и претставува еден плус за безбедноста и стабилноста во регионот. Во текот на посетата ди паола ќе се сретне и со Претседателот Бранко Црвенковски и со премиерот Никола Груевски како и со Комисијата за одбрана и безбедност на Собранието на Република Македонија.
XS
SM
MD
LG