Достапни линкови

logo-print

Прерано е да се каже дека соништата на Тбилиси и Киев се закопани, оценуваат аналитичарите


За втор пат во изминативе осум месеци НАТО ги обесхрабри напорите на Грузија и на Украина да го добијат страсно посакуваниот Акционен план за членство. Сепак, аналитичарите сметаат дека е прерано да се каже дека соништата на Тбилиси и Киев за приклучување кон Алијансата се закопани.

Рускиот пратеник во НАТО Дмитри Рогозин едвај ја воздржа радоста кога се појави пред камерите набрзо откако шефовите на дипломатиите на Алијансата пропуштија да им понудат на Грузија и на Украина Акциони планови за членство:

„Украина и Грузија не ги остварија нивните планови. Добија замена, некаков вид на интензивирана продолжена соработка. Но тоа не е Акционен план. “

На прв поглед изгледа дека Рогозин има причини за славење. На два пати во изминативе осум месеци, Алијансата не успеа на овие две земји да им го даде планот со прецизни задачи за воени и политички реформи со цел тие да станат дел од НАТО. И во двата случаја, на самитот во Букурешт во април и сегашниот во Брисел, сојузниците попуштија пред руското противење на намерите на Грузија и Украина. И како што Рогозин акцентира, и тогаш и сега, Алијансата беше длабоко поделена: Соединетите Држави, Британија и источноевропските членки се за проширување, додека Германија, Франција и Италија се против.

„Поделбите во НАТО се очигледни. И тие ќе се продлабочуваат секогаш кога НАТО ќе се обиде да се прошири. “

Па, дали тоа е крај на експанзијата на НАТО кон Исток? Не толку бргу, вели аналитичарот на Економист Едвард Лукас:

„Мислам дека е крај на сонот за брзо НАТО ширење кон Украина и Грузија. НАТО ќе продолжи напорно да работи со тие две земји на специфични програми. Но, на тоа веќе нема да биде закачена етикетата ,,членство“.

И други аналитичари се на став дека ќе биде погрешно да се смета оти сегашната геополитичка слика е постојана. Притоа, се наведува доаѓањето на новата американска администрација на Барак Обама која е повеќе поврзана со Европа отколку на претседателот Џорџ Буш.

„Мислам дека со претседателот Обама, ќе има поголемо разбирање меѓу Европа и Америка. Затоа не сум сигурен дека русите ќе имаат причини за радост.“

Вели Еугениус Смолар од Центарот за меѓународни односи со седиште во Варшава. На тоа мислење е и Едвард Лукас кој додава:

„Надежта во НАТО и во новата администрација на Обама, како и во спроведените реформи може да придонесат за неколку години на Грузија и на Украина да гледаме како на посериозни кандидати од сега.“

Наведува Лукас кој сепак не ја заборава, како што вели, потребната надеж дека дотогаш геополитичките ветришта ќе почнат да дуваат во полза на НАТО проширувањето.
XS
SM
MD
LG