Достапни линкови

Политичарите од Република Српска негираат постоење на босански јазик


Едно од прашањата околу кои политичарите во Босна и Херцеговина спорат се и називите на јазиците кои ги зборуваат трите народи, Србите, Хрватите и Бошњаците. Иако во општиот мировен договор од Дејтон се вели дека тој ќе биде подготвен на босанки, српски, хрватски и англиски јазик, постоењето на босанскиот јазик најмногу го негираат политичарите од Република Српска.

Премиерот на Република Српска, Милорад Додик смета дека Бошњаците не можат својот јазик да го нарекуваат босански.

„Не постои босански јазик. Него го присвои една етничка група и таа се обидува од тоа да направи јазик, но тој не постои. Во правилата и во досегашната историја се сметаше дека обележјето на јазикот го носи обележјето на народот. Ако Бошњаците имаат право, а имаат, тогаш тоа може да биде бошњачки јазик, а не босански, бидејќи во Босна живеат луѓе кои зборуваат и српски и хрватски.“

Негирањето на постоење на босанскиот јазик, за Адиб Џозич од Партијата за Босна и Херцеговина е уште една од бесмислените политички игри во државата.

„Неспорен е фактот дека во БИХ постојат три јазици, босански, српски и хрватски. Среќа е што ние тие јазици ги разбираме. Ако некој тврди дека нема босански јазик, тогаш треба одредени зборови од босански да ги преведе на својот матичен јазик, на пр. на српски, на хрватски, на унгарски...“

И во измените на Уставот на Република Српска со цел да се избегне именувањето на јазикот, се вели дека службени јазици во Република Српска се јазик на српскиот народ, јазик на бошњачкиот народ и јазик на хрватскиот народ.
Томислав Томљанович од Новата хрватска иницијатива вели дека сите спорни прашања, па и тоа за јазикот може да се решат со дијалог.

„Меѓутоа ние ништо не решаваме. Ние само го одложуваме ова прашање. Кога го донесувавме амандманот на Уставот на РС, не можеше поинаку да се реши, па се најде компромис. Можете да замислите, во Уставот на една држава пишува дека јазикот е босански, а во Уставот на ентитетот на таа држава пишува дека е тоа јазик на бошњачкиот народ, или пак јазик на српскиот народ , што значи дека Србите се одрекуваат од правото да го нарекуваат јазикот српски па затоа пишува јазик на српскиот народ. Или јазик на хрватскиот народ. Значи најден е компромис. Но тоа не е добро решение. “

Писателот Никола Вуколич пак објаснува дека многу поважно од називот на јазикот е да го разбираат и Србите и Хрватите и Бошњаците.

Мислам дека тоа е всушност еден јазик. Кога би бил јас тој што одлучува би го нарекол старословенски. Но мене лично не ми смета ни бошњачки, ниту српски, ниту хрватски, секој народ има право да го нарекува својот јазик како што сака. Всушност, јазикот може и да се купи. Не знам зошто некому тоа би му сметало.

Меѓутоа токму прашањето за името на јазикот би можело да биде проблеметично за босанските политичари при спроведување на планираниот попис на населението во Босна и Херцеговина во 2011 година. Освен изјаснувањето за националната и верската припадност, граѓаните ќе можат да се изјаснат и за јазикот кој го зборуваат. Како ќе се нарекува тој јазик, се уште не се знае.
XS
SM
MD
LG