Достапни линкови

Како ќе функционира соработката меѓу лутите ривали за демократската претседателска номинација?


Само пред неколку месеци Барак Обама и Хилари Клинтон се натпреваруваа за претседателската номинација на нивната Демократска партија. Реториката им беше остра, некогаш и навредлива. Обама ја обвинуваше Хилари за нејзината поддршка на војната во Ирак, таа пак за дипломатско неискуство. Сега Обама е избран претседател кој ја номинира Клинтон за државен секретар. Дали тоа ќе функционира?

„Сега е три часот по полноќ и вашите деца се безбедни и мирно спијат. Но има телефон во Белата куќа и ѕвони. Нешто се случува во светот. Вашиот глас ќе реши кој би сакале да одговори на повикот?“

Ова беше политичкиот спот на Хилари Клинтон на националната телевизија за време на кампањата за претседателската номинација на демокартите. Како што излезе, Барак Обама ќе биде тој што ќе одговори на телефонскиот повик. Но, доколку содржината на повикот е од надворешната политика, тогаш телефонот на Хилари би требало да заѕвони во три часот и пет минути. Имено таа, доколку американскиот сенат ја потврди нејзината номинација, ќе биде идниот американски државен секретар. Дали Обама и Клинтон можат да работат заедно?

„Тоа се односи што лесно можат да резултираат со дистанцирање меѓу овие двајца играчи. Не само поради тоа што беа ривали за време на кампањата, тоа и можат да го заборават, туку поради тоа што се уште е отворено прашањето дали можат тесно да соработуваат во обликувањето на надворешната политика.“

Вели Роберт Спицер, професор по политички науки на Универзитетот во Њујорк. Според него, неколкумина државни секретари во изминативе децении не се согласуваа со нивните претседатели па затоа завршуваа на маргините на администрацијата во Вашингтон. Како примери тој ги наведува Колин Пауел, Ворен Кристофер и Сајрус Венс. Сепак, Спицер верува дека Хилари ќе биде попретпазлива од нив со оглед на тоа што на новата функција гледа како на престижна алтернатива на онаа претседателската. Со ова се согласува и Мајкл О Хенлон од Брукинг институтот кој очекува односите меѓу Обама и Клинтон да бидат за пофалба. Според него, Обама бил фасциниран од претседателството на Абрахам Линколн кој практикувал во неговиот кабинат да номинира ривали.

„Мислам дека тој се надева на многу продуктивни односи во кои ривалството останува нешто што било меѓу нив во минатото, а не во сегашноста. Сепак, и тие се луѓе. Ќе видиме какви ќе бидат нивните односи во иднина.“

Што доколку Обама и Клинтон еден ден се разијдат за некој важен елемент од надворешната политика? Тоа лесно се решава, вели О Хенлон. Тој секогаш може неа да ја смени.
XS
SM
MD
LG