Достапни линкови

Експертите велат дека светската економска криза не треба да се користи за да се протуркаат закони


Има оправданост во барањето на владата во Собранието да бидат донесени повеќе закони по итна постапка, поврзани пред се од потребата за брза реакција поради глобалната економска криза, но недозволиво е ако во Собранието постои обид да протуркаат законски решенија кои немаат врска со овој проблем, велат и експертите и опозицијата. Владата до собранието достави над 20 закони, барајќи да бидат донесени по итна постапка поради глобалната економска криза, меѓу кои имено се и закони за платите на судиите, за спречување на корупцијата, за финансирање на политичките партии... Опозицијата критикува дека власта повторно им штети на европските аспирации на земјата, не учејки ништо од критиките што ги доби од меѓународната заедница во врска со брзото донесување на законите:

„Мислам дека владата не прима ништо и неучи и не презема ништо за да го подобри статусот на Македонија во напредокот кон евроинтеграциите.“

Изјавува Цветанка Иванова од опозициониот СДСМ која додава дека токму за да не ни се повторуваат вакви ситуации, пратеничката група на утрешната собраниска седница кога на дневен ред треба да започне расправата по законите, ќе достави предлог за измени и дополнувања на собранискиот Деловник во кој конечно ќе се прецизира носењето на закони по итна постапка. Стручната јавноста пак ги поздравува светските текови кои ги следи владата, но според професорот од Факултетот на Југоисточна Европа Јетон Шасивари таа не смее преку предзнакот пари да се обидува да протурка и закони кои немаат врска со економските проблеми во светот:

„Може и тоа мислам, парламентарната позиција да го искористи името на светската економска криза да протурка и други закони, но сметам дека под будното око на опозицијата тоа ќе биде критикувано.“

Вели Шасивари. Политикологот Васко Наумовски, гледа надеж дека овој пат нема да добиеме критики од меѓународната заедница што пак сигурно им штетат на нашите аспирации за членство во ЕУ, со тоа што сега опозицијата е присутна во парламентот за разлика од сличната ситуација по предвремените избори:

„Претставниците на владата и собранието тогаш најавија дека истото нема да се повтори, затоа велам дека овој пат ситуацијата е различна и сметам дека владата ги има в предвид забелешките.“

изјавува Наумовски. Поради носењето на голем број закони пред неколку месеци, претседателот на собранието Трајко Вељановски се извинуваше пред дипломатите во земјава, а негативни забелешки за ова добивме и во извештајот на ЕК.
XS
SM
MD
LG