Достапни линкови

Според дел од експертите зајакнувањето на тимот е добро, додека за други претставува конфузност


Македонија ги продолжува преговорите за името со тројца преговарачи. Откако викендов владата го назначи актулениот амбасадор во Соединетите Американски Држави Зоран Јолевски за нов преговарач во процесот на преговори за спорот со името, во тимот остануваат и досегашниот преговарач Никола Димитров и Мартин Протоѓер, а како што информираат од владата на барање на амбасадорот Јолевски. Со изборот на новиот преговарач, не се противи претседателот Бранко Црвенковски и согласно тоа, велат од неговиот кабинет тој ќе го потпише указот за назначување на Јолевски за нов преговарач. Во владата информираат дека сега откако е составен тимот, намерата е поагресивно да се настапи во преговорите и веднаш дури и од наша страна доколку е потребно, ќе биде побарана средба со медијаторот Метју Нимиц. Портпаролот на владата Шефик Дураки изјавува:

„Бидејќи се мисли малку поагресивно да се настапи во процесот на преговори и веројатно веднаш по потпишувањето на указот од страна на претседателот Црвенковски, ќе биде и првата средба на Јолевски со Нимиц.“

Вели Дураки. Минатиот месец претседателот Црвенковски го разреши дотогашниот преговарач Димитров, токму поради бројноста на македонскиот преговарачки тим, откако во него се вклучи и Протоѓер. Оставајќи простор, како што образложи за назначување на еден преговарач кој ќе ги застапува интересите на Македонија, по критиките во јавноста дека двајца претставници испраѓаат сигнал на разединетост во македонскиот државен врв што им штети на нашите позиции во преговорите. Наспроти таа тенденција, формирањето наместо на еден, на тричлен преговарачки тим од кабинетот на претседателот засега не сакаат да го коментираат. Според експертите пак, со тоа што Македонија на преговорите во Њујорк во иднина ќе оди со тројца претставници, се испраќа сигнал на конфузност.

„Во секој случај ќе покажува знаци на конфузност од наша страна, затоа што и дебатите околу бројот на преговарачите не беа тајни, туку беа јавни во Македонија, односно одеа преку медиумите.“

Смета аналитичарот Алберт Муслиу. Наспроти него експертот Јана Лозановска, пак е на мислење дека бројноста на македонскиот тим неможе да биде на штета, но е важно ставот кој ќе го застапуваат да биде ист, а тоа сигурно ќе дојде со самиот факт дека тројцата претставници се избор на премиерот Груевски:

„Мислам дека се унифицира ставот, бидејќи во случајот со избор на премиерот да речеме... Така што можеби се зајакнува тимот што е и добро.“

Вели Лозановска.
XS
SM
MD
LG