Достапни линкови

logo-print

Слаѓана Тасева, претседател на Транспарентност нулта корупција. Криминалот оди кон највисоките ешалони во власта и политиката


Годинава до јавното обвинителство беа поднесени повеќе иницијативи за кривично гонење на различни функционери од страна на државната комисија за спречување на корупцијата. Но, нема информација колку од овие иницијативи се процесуирани. Како го коментирате ова? И од аспект на деновиве актуелните поднесени иницијативи за кривично гонење на двајца поранешни министри за одбрана?

По правило оваа институција останува затворена за информации за тоа до каде се постапките по иницијативите кои се поднесени до јавното обвинителство. Ние сеуште немаме јасна слика за тоа што се случи за иницијативите кои беа поднесени од претходниот состав на државната комисија за спречување на корупцијата. Освен во случајот Бачило за којшто знаеме дека успешно беше процесуиран и дека поголем број лица беа осудени, за голем број случаи немаме конкретни информации. Во текот на минатата година сите институции предводени од комисијата потпишаа меморандум за соработка, но кога го читаме извештајот на комисијата или кога ги слушаме нивните изјави во јавноста, гледаме дека тие немаат меѓусебна комуникација. И таа пракса и натаму продолжува. Ние имавме сериозен проблем со јавното обвинителство и на тоа укажувавме во тоа време. Но, сега очекуваме дека ќе се поведат постапките по кои се покренати тие иницијативи или барем дека ќе добиеме информација зошто нема да се поведат. Најлоша ситуација е кога имаме затвореност на институцијата и немаме никаква информација зошто предметите не се процесуираат.

Неколку пати се спомнуваат имиња на министри за одбрана кои се товарат за злоупотреби на службената должност. Што имплицира ова?

Ова имплицира на тоа дека до крај немаме јасна слика за тоа што се случува со јавните набавки во Министерството за одбрана. Ова го велам затоа што не можеме веднаш, по ревизорските извештаи за Министерството за одбрана, каде што се констатирани голем број на неправилности, голем број недоследности во процедурите и непочитување на законите. Но, сепак не можеме веднаш да кажеме дека станува збор за криминал. Во ситуацијата, некогаш, процедурите не се почитуваат од некои други фалинки или недостатоци во законите. Но, факт е дека таму постои голема нетранспарентност во однос на трошењето на средствата, но и фактот дека веќе имавме случаи како што беше и случајот Бачило којшто произлезе од Министерството за одбрана. Понатаму, некои случаи на набавки коишто беа процедуирани во изминатите години и од страна на јавното обвинитество, дека сепак постои потреба да се направат механизми за превенција и контрола на злоупотреба на средствата од буџетот во ова министерство. Ревизорските извештаи до сега, сите по ред, без оглед на тоа кој бил министер, во министерството за одбрана покажаа многу неправилности. Се сеќавам кога ние постапувавме по еден од тие ревизорски извештаи, толку многу имаше неправилности што воопшто не се зафативме една по една да ги анализираме, сите заедно му ги доставивме на јавниот обвинител. Тие беа и во делот на нереализирани, а наплатени побарувања, неправилно спроведени постапки за отуѓување имот, значи имаше од најразличен тип непочитување на закони. Од друга страна пак, ова министерство остана повторно во сферата на нејасното, нетранспарентното, недоволно давање информации за тоа колку пари се трошат. Тоа се влече од претходниот период, кога министерствата за одбрана и внатрешни никој не смееше да ги праша колку пари трошат и за што трошат. Но, мислам дека тоа време помина и дека сега треба многу да даваат отчет за тоа како ги трошат парите.

Голема тема е и операцијата „Пепел“. Таа зад себе фрла светлина за една многу поголема приказна од трговијата со цигари, зад која стои криминалната група на Бајруш Сејдиу. Дали со оваа операција може да се каже дека крупниот криминал се чувствува загрозен? Односно, какви ќе бидат ефектите од оваа операција, ако се застане тука, бидејќи вие посочивте дека таа открива масовна корупција?

Приказната со случајот за Бајруш Сејдиу е посебна. Тоа беше долго време јавна тајна. Тоа беше нешто за што не се зборуваше гласно, иако сите знаеја дека постои. Значи, сето тоа има една многу подолга генеза. Тоа исто така укажува на фактот дека ова е криминал којшто навлегол длабоко во структурите на македонското општество и сега ако кажам длабоко не значи дека оди само надолу, туку оди многу и нагоре. Накај високите ешалони во власта и во политиката. Затоа што таму се во прашање големи пари. Ние сега гледаме дека цели институции мора да се разрешат, цели гарнитури коишто сега претставуваат одредени институции, 40-тина, 50 болуѓе, па полиција, судови итн, затоа што не си ја вршеле работата согласно законот и затоа што се ставиле на страната на криминалот. Ако не си ја вршеле работата, значи дека затаила и некаква контрола во делот на нивното работење и се поставува прашањето како понатаму да ја градиме довербата во тие институции и како некој ќе не убеди дека тие работат неселективно.

Пред извесно време, политичките елити и бизнис елитата потпишаа декларација со која се обврзаа дека партиите ќе бидат транспарентни во начинот на финансирањето. Но, поминаа неколку години, а немаме одговор на ова. А, нетранспарентноста во финансирањето на политичките партии е една од главните забелешки во европскиот извештај.

Проблемот со транспарентното финансирање во политиката всушност е она што имплицира проблеми во другите области. Се додека не воспоставиме транспарентно финансирање, точно да се знае од каде и од какви извои, од кои луѓе доаѓаат парите на сметките на политичките партии, за нивното функционирање, но и изборните кампањи. Ние ќе имаме влечење на парите од буџетот преку незаконски јавни набавки, она што го гледаме преку извештатите на ревизорот, работа или делување на организирани криминални структури, под покровителство на политиката и на власта, се затоа што на политиката и требаат пари да опстане. Тие пари се на нелегален начин стекнати или од буџетот или се на нелегален начин стекнати како резултат на криминално работење. Ако не е така, или во спротивно, политиката којашто сака чесно да работи самата ќе биде заинтересирана да ги објави изворите на своите средства. Поврзаноста со олигархијата, и со криминалните структури ја држи државата заробена и ние не можеме да се справиме со овој проблем, до ниво и до степен кој ќе овозможи да добиеме еднаш добар извештај од ЕК, во однос на тоа колку во Македонија владее правото, колку институциите се деполитизирани и колку сме се справиле со корупцијата.
XS
SM
MD
LG