Достапни линкови

logo-print

Рајс не очекува брзо решавање на спорот за името меѓу Македонија и Грција


Очигледно е дека нема да биде брзо, изјави деновиве американскиот државен секретар Кондолиза Рајс во врска со решавањето на спорот за името меѓу Македонија и Грција. Таа, како и нејзиниот помошник Даниел Фрид, повтори дека Вашингтон и натаму ги продолжува напорите за изнаоѓање компромис меѓу Скопје и Атина.

Американскиот државен секретар Кондолиза Рајс на прес конференцијата во Вашингтон, посветена на нејзиното учество на министерскиот состанок на НАТО што во идната недела ќе се одржи во Брисел, изјави дека приемот на Македонија во НАТО ќе биде од полза за сите страни и оти тоа треба да го сфатат Скопје и Атина:

„Многу се надеваме дека ова прашање со името може да биде решено, постојано велам, брзо. Очигледно е дека тоа нема да биде решено брзо. Но, важно е за двете страни да разберат, што и да се случи околу прашањето со името, дека присоединувањето на Македонија во НАТО ќе биде од корист за НАТО, за Македонија и за Грција. Ќе биде од корист за Балканот.“

Изјави американскиот државен секретар Кондолиза Рајс, наведувајќи дека нејзиниот помошник секретар за европски и евроазиски прашања Даниел Фрид работи со амбасадорот Метју Нимиц во изнаоѓање компромис и оти Вашингтон ќе продолжи напорите да се дојде до решение. Претходно во Вашингтон помошник државниот секретар Фрид изразувајќи, како што рече, големо жалење затоа што се уште не е најдено решение за името изјави: ,,Доколку ова прашање беше решено тоа ќе им беше од полза на интересите на сите. Не е добро за Грција да има несреќен и небезбеден сосед на северот. Не е добро за Македонија да нема добри односи со Грција. Затоа ние сакаме да видиме напредок во односите, изјави помошник државниот секретар Фрид, потсетувајќи на последните напори на медијаторот Нимиц за приближување на двете страни. ,,Метју Нимиц е креативна личност и излезе со неколку разумни идеи, но ние не можеме да принудиме некоја од страните за да се дојде до решение. Се надеваме дека тие сепак ќе го сторат тоа,,. Во врска со одлуката на Македонија да ја даде Грција на Меѓународниот суд на правдата поради прекршувањето на Времената спогодба, Фрид ја повтори надежта дека и покрај тоа ќе продолжи процесот за решавање на спорот со името. ,,Сфаќам дека станува збор за многу фрустрирачки процес за Македонија. Но, никој на Балканот нема да смени нивната географија. Секој ќе ги има истите соседи како секогаш и прашањето е дали тие ќе можат да најдат пат за да решат ваквите проблеми. Соединетите држави, како што знаете, ја признаа Република Македонија како Република Македонија. Грција не се согласува со тоа, но ние го поддржуваме процесот што се води под посредство на Обединетите нации и се надеваме дека тој ќе успее, изјави помошник американскиот државен секретар Даниел Фрид.
XS
SM
MD
LG