Достапни линкови

logo-print

Патот кон ЕУ не трпи импровизации, порачуваат експертите


Македонија е европска држава, а синтагмата замореност од проширување на македонски се преведува како лицемерие, изјави во мешовитиот парламентарен комитет на ЕУ и Република Македонија, вицепремиерот за европски прашања Ивица Боцевски. Ние во Македонија и во регионот патиме од еден друг вид на замореност, а тоа е замореност од посветеноста, порача Боцевски. Аналитичарот Алберт Муслиу од своја страна замореноста ја гледа на друга страна- во како што вели импровизациите кои сите изминати години ја заменија вистински сработената работа на патот кон евроинтеграциите. Оттука Муслиу ја цитира поговорката „Вината е сираче никој не ја сака“ и вели:

„Јас мислам дека тоа е еден начин за да се бара амнестија за незавршената работа која ние не сме ја завршиле во Македонија и заморот се чувствува баш поради тоа што 18 години се трудиме некои работи да ги импровизираме, а не да ги сработиме како што треба. Јас го разбирам и нивниот замор, односно зошто во својот клуб би примиле некои проблематични членки.“

Дискусиите за тоа дали во Европската Унија има некои внатрешни конфузии не значи дека не смееме да ги водиме, но ние не смееме да ги водиме на тој начин што ќе бидеме пасивни и нема ништо да работиме за подобрување на состојбите и прилагодување на европските стандарди, вели аналитичарот Ѓунер Исмаил.

„Сегашните институции се многу послаби од институциите во 91 година, второ демократската култура е на многу пониско ниво од она во 91-92 година. Значи нашето назадување неможеме да го супституираме со приказни за тоа дека ЕУ е уморна, дека страда од хипокризија, дека е дволична.“

Не можеме да се жалиме за забелешките околу последните избори на кои и самите бевме сведоци, заклучува аналитичарот Муслиу. Во таа смисла оправдани се очекувањата од меѓународната заедница претстојните избори да поминат во сосема поинаква атмосфера од предвремените парламентарни избори кои прераснаа во деветти критериум на ЕК и главна забелешка во последниот извештај.

„Тоа сака ЕУ од нас, значи да ја види државата мобилизирана во една насока да се спроведат демократски избори, а не избори на кои што во одредени места во Макеодонија луѓето се плашат да излезат на избори, односно да одат со панцири.“

Додава Исмаил.
XS
SM
MD
LG