Достапни линкови

Знак за почеток на распоредувањето на ЕУЛЕКС на Косово?


Советот за безбедност на Обединетите нации денеска ќе расправа за извештајот на генералниот секретар Бан ки Мун со планот за преуредување на УНМИК, како и посебните аранжмани за косовските срби. Доколку Советот го прифати извештајот тогаш тоа ќе претставува знак за почеток на распоредувањето на ЕУЛЕКС на Косово.

Шефот на српската дипломатија Вук Јеремиќ верува дека постои политичка волја кај петанесетте земји членки на Советот за безбденост за прифаќање на извештајот на Бан ки Мун, односно на неговиот план за Косово од шест точки за кои се согласи Србија:

„Значи шестте точки се наоѓаат таму. Исто така таму е и јасната дефиниција на ЕУЛЕКС како статусно неутрален фактор кој се обврзува на целосно почитување на резолуцијата дванаесет четириесет и четири.“

Јеремиќ додава дека несогласувањето на албанската страна со планот од шестте точки се констатира со посебен анекс во извештајот на генералниот секретар Бан ки Мун:

„Жал ми е што на крајот сепак изгледа дека Приштина ќе биде единствената страна која го отфрла овој договор. Зад овој договор стојат сите членки на Обединетите нации.“

Наведува министерот Јеремиќ, додавајќи дека властите во Приштина решиле за ова прашање да се изолираат, но оти нивното неприфаќање на планот нема да има правно обврзувачки ефект. Во меѓувреме, премиерот на Косово Хашим Тачи повтори дека косовските власти и граѓани не го прифаќаат планот на генералниот секретар Бан Ки Мун. Премиерот Тачи во косовскиот парламент потсети дека институциите на Косово ја поканија и го поддржаа доаѓањето на мисијата на ЕУЛЕКС со која, како што прецизира, Приштина тесно ќе соработува.

„ЕУЛЕКС ќе биде распореден на Косово, онака како што предвидуваат Уставот на Косово, планот на Марти Ахтисари и мандатот што го утврди Европската Унија. Резолуцијата дванаесет четириесет и четири е сосема неважна и бесмислена во државата Косово.“

Изјави Тачи, наведувајќи дека сите прашања кои се опфатени со планот од шест точки веќе биле уредени со законите на Косово, усвоени во парламентот.

„Секој друг документ треба целосно да се остварува во согласност со тие закони и со Уставот на Косово. Ние претставивме план од четири точки што е наш став во врска со планот од шест точки на Обединетите нации. Тоа е нашата волја и визија.“

вели премиерот Хашим Тачи во врска со планот на Бан ки Мун со кој се предвидува Обединетите нации да ја зачуваат контролата врз полицијата, царината и судството во северно Косово, каде што србите се мнозинство.
XS
SM
MD
LG