Достапни линкови

Дали на Македонија е и потребен нов устав?


Уставните промени, до кои дојде во последните неколку години, како и последните измени во делот на избор на претседател на државата, кои се најдоа пред пратениците, меѓу правните експерти, повторно ја вратија дискусијата дали земјава има потреба од нов устав? Професорот Владо Поповски кој работеше на носењето на Уставот пред 12 години, вели дека промените веќе се случија и во јавноста нема дефинирано потреба во однос на која Уставот претставува пречка:

„Сега да се седне да се прави нов устав значи непроменентите и променетите уставни одредби чкрипат и не одговараат на некои потреби. А, таква потреба не е истакната.“

Но, професорот Саво Климовски повеќе пати истакнува дека постојниот устав претставува еден од изворите на криза. Според него, нашиот устав е збир од норми кои немаат никакво дејство бидејќи времето ги прегазило, или од норми кои создаваат конфузија, зашто уставот нема внатрешна конзистентност. Треба да се согледаат внатршните односи во земјава, бидејќи во изминативе 18 години се случија бурни настани, а ние имаме стар устав, вели Климовски:

„Не само што се случија промени, не само што некои ги опфативме, туку тие се така дисхармонично ставени во Уставот, што претставуваат и извор на криза. Гледате како не функционираат претседателот и владата. Тука треба да се види каков систем сакаме. Дали сакаме парламентарен систем?“

Проблематично е што секој може да побара уставни измени како резултат на калкулации и интереси во договарањата меѓу политичките партии. Според таа логика, како што забележува професорот Климовски ние постојано ќе имаме барања за промени на Уставот:

„Никој нема храброст да се нафати на таа работа. Тоа бара темелна анализа, дали овој устав го има прегазено времето?“

Компаративните искуства за носење на нов устав се различни. Примерот на САД покажува дека со мали измени еден устав може да важи и 200 години, но други земји имаат друга уставна динамика, односно се интервенира се до моментот кога не доаѓа во прашање уставната концепција.

„На пример, ако се движи меѓу третина и половина, тогаш може да се прави и нов устав.“

Според Поповски, нашиот устав претрпе низа измени, но нивниот број не е многу во однос на вкупниот број членови:

„Меѓутоа, веќе доаѓаме до критична граница, така што мислам дека првата наредна потреба за интервенција во Уставот може да биде повод за измена на Уставот. Меѓутоа, сега да се отвори прашањето за носење нов устав е бесмислено.“
XS
SM
MD
LG