Достапни линкови

Стручната јавност смета дека во услови на економска криза на земјава и е потребна соработка со ММФ


Во Канцеларијата на Мегународниот монетарен фонд засега без одговор за тоа дали седиштето на мисијата во Скопје ќе биде затворено или не во мај наредната година, како што веќе најави министерот за финансии Трајко Славески согласно одлуката на македонската владата повеќе да не склучува нов аранжман со ММФ. Додека во канцеларијата на ММФ во земјава првично не сакаат да откриваат детали, во Министерството за финансии велат дека тоа е информација која ја добиле од седиштетот на оваа меѓународна институција во Вашингтон. Како и да е по повеќе од една деценија Македонија нема да ги користи услугите, преку аранжмани на ММФ. Експертската јавност во земјава смета дека не може да се каже дека станува збор за мудар чекор на владата. На една мала земја како Македонија, обременета со многу економски проблеми и посебно во услови на светска економска криза и е потребна соработка со ММФ, смета Професорот од Универзитетот на Југоисточна Европа Мирољуб Шукаров:

„Стојам на ставот дека ММФ е добар дури и кога не ни требаат аранжмани, бидејќи на некој начин помага во вклопувањето во општата финансиска дисциплина. Мислам дека со ММФ би биле малку посигурно или ризикот на критичната идна година, би можеле да го премостиме многу полесно.“

Како што информираа од Министерството за финансии причината за несклучување на нов аранжман е поради барањето на ММФ да се проектира буџетски суфицит што според објаснувањето ќе и остави можност на Народната банка за зголемување на каматните стапки, наспроти дефицитот од 2,8 отсто што владата го проектираше во буџетот за 2009-та година и кој според неа не само што не остава простор за зголемување, туку нуди можност дури и за намалување на каматните стапки. Дури и да имаат различни мислења, ММФ никогаш не се противи на одредени идеи на земјата домаќин, го коментираат експертите објаснувањето дадено од нашата влада за прекинувањето на аранжманите:

„Мислам дека во еден правилен тек на преговорите, може и да се изнесат идеите, ММФ никогаш не бил против одредени идеи кои што се поволни за земјата домаќин.“

Објаснува професор Шукаров. Македонија влезе во ММФ во 1992 година, а првиот аранжман беше склучен во 1994 година кој имаше за цел поддршка на имплементирањето на програмата за макро економска стабилност и побрза транзиција кон пазарна економија.
XS
SM
MD
LG