Достапни линкови

logo-print

Ерван Фуере, амбасадор на ЕУ во Македонија. Слободата на медиумите во Македонија е вистински и сериозен проблем


Македонската влада одлучи да поднесе тужба против Грција, пред Меѓународниот суд на правдата во Хаг. Како ќе се одрази ова врз процесот на интеграција на земјава во Европската Унија?

Мислам дека е важно да се нагласи дека ова се две посебни прашања и секое од нив има различни процеси и процедури. Секако, ние продолжуваме да ги охрабруваме двете страни да останат посветени во преговарачкиот процес на медијаторот Нимиц. Ова е најдобар начин да се проба да се реши ова прашање што е присутно одредено време, па навистина е многу важно да продолжиме со овој процес и да се надеваме дека ќе биде најдено решение.

Г-дине Фуере може ли Македонија да добие датум за преговори за членство во ЕУ и без решение на спорот за името? Често во јавноста можеме да го слушнеме мислењето на нашата влада дека најголем проблем е токму прашањето за името?

Комесарот Рен беше многу јасен по ова кога го презентираше извештајот за напредокот за земјата на 5 ноември. Тој рече дека извештајот на Европската Комисија се фокусира исклучиво на реформите што земјата мора да ги исполни за да може да се движи напред. И тој исто така беше јасен дека штом земјата ги исполни овие реформи и реперите што ги подвлековме и и ги презентиравме на Владата, тогаш Комисијата ќе биде во позиција да предложи датум за почеток на преговорите. Тој беше многу јасен и тоа останува позицијата на Европската комисија.

Каква ви е соработката со македонската влада и колку нашата влада ја има поддршката од Брисел?

Моите односи се многу добри. Садевме и дрва заедно за ,,Денот на дрвото" што ги вклучуваше и граѓаните на Македонија, тоа е симбол на соработка. Ние ќе продолжиме да работиме со владата. Мислам дека е важно да сфатат дека ние сме тука како пријатели, да понудиме совет. Некогаш советите ќе бидат критички, ако видиме дека реформите не одат во вистински правец, но тоа го правиме на пријателски начин и се разбира, јас тука зборувам и воопшто кога зборувам, не зборувам во мое лично име, туку во името на целата Европска Унија.

Две години по ред во извештајот на Европската Комисија добиваме исти забелешки, кои главно се однесуваат на политичкиот дел, односно отсуството на дијалог меѓу власта и опозицијата и во последниот извештај - нерегуларностите за време на изборите. Како го оценувате односот на владата кон овие препораки и забелешки, со оглед на тоа дека две години по ред ни се повторуваат истите?

Ние бевме охрабрени од прифаќањето на извештајот на Комисијата од страна на Владата на 5 ноември. Исто така, парламентот се фокусираше на него многу внимателно. И она што го заговаравме и ја охрабруваме владата и сите политички партии е да се промовира постојан политички дијалог. Очигледно, владата мора да го предводи тој процес. Во минатото имаше политички дијалог, но беше спорадичен. Не беше константен и важно е за да се гарантира функионирање на државните институции, и за да се креира најдобра политичка клима во земјата треба да има постојан политички дијалог меѓу сите политички партии кои работат заедно во дух на консензус. Тоа е најдобра гаранција за успех и за земјата да ја постигне целта за членство во ЕУ.

Каков е односот на нашата влада. Дали сметате дека има некаков напредок?

Тоа е за нивно добро, тоа е за нив и јас верувам дека прифаќањето на извештајот од страна на премиерот и заменик премиерот значи дека има силна посветеност за напорна заедничка работа за да се постигне конзистентност што ќе го демонстира капацитетот на политичките партии и политичкиот систем тука за да се постигнат стандардите што ги очекуваме од земја кандидат.

Го започнавте средбите со политичките лидери. Следејќи го развојот на настаните по предвремените парламентарни избори во изминативе месеци, мислите ли дека Македонија има капацитет да спроведе демократски избори пролетва?

Секако изборите на пролет ќе бидат клучен тест за да се види дали земјата има капацитет. Затоа што потоа следните избори нема да се случат до 2012. Затоа важно е владата, државните институции, и политичките партии да ја вложат целата енергија заедно, за да постигнат што е можно подобри избори и што е можно подобра клима, без застрашувања, без проблемите кои ги имавме во јуни. Ако овој тест не биде постигнат, тогаш земјата ќе има сериозни потешкотии, па затоа ова е важна цел на која земјата мора да работи.

Ќе бидат ли укинати визите за македонските граѓани во 2009-та година, се споменува можно одложување на овој процес?

Секако дека земјата е најнапред од сите моментно во преговорите за визното олеснување. И ако реформите продолжат и ако земјата ги исполни сите критериуми коишто се поставени за визна либерализација, Комисијата рече дека ќе биде во позиција да препорача и да предложи визна либерализација, во текот на следната година. Ние сите се надеваме дека оваа цел ќе биде постигната.

Во последниот извештај за слободата на медиумите Македонија падна за шест места, односно на 42 место. Кои се според вас причините за ваквата состојба во македонските медиуми?

Ова е секако многу вистински и многу сериозен проблем. И извештајот на Европската Комисија беше многу јасен и во него се наведува дека медиумите се изложени на значајни политички влијанија. Електронските медиуми се многу концентрирани во приватни телевизии кои имаат врски со политичките партии. Многу е важно да се направат сите напори за да се засилат и да се постигнат независни медиуми, слободни од политички влијанија. Независните медиуми се витален дел на здрава демократија. Значи, има многу работа што треба да се направи од страна на владата, политичките партии, исто така важно е Советот за радиодифузија да се засили и да му се дадат ресурси за да може да работи како независно тело кое ќе може да надлегува. Исто така, мора да има саморегулаторен пристап во делот на самите медиуми. Имаме важно здружение на новинари, тие имаат важна улога што треба да ја играат и се разбира мора да ги вклучуваат сите за да осигура да бидат силно лоби. Исто така важно е приватните сопственици на телевизиите и останатите медиуми, мора да обезбедат услови за работа за новинарите. Сум посетил голем број телевизиски станици тука и условите се слаби, а тие работат многу напорно, затоа што се многу посветени. Има многу што може да се постигне, но секако дека примерот мора да дојде од раководството, од владата и од сите политички партии за да се креира независност на медиумите и да се излеземе од сегашната ситуација којашто многу влијае на состојбата во медиумите.
XS
SM
MD
LG