Достапни линкови

Светската економска криза и соработката меѓу земјите од соседството, главна тема за учесниците


Конкурентноста на земјите и регионот на Југоисточна Европа е главната тема на која во Охрид на петтиот состанок на регионалниот форум на земјите од ЈИЕ денеска расправаат претседателите на шест држави од регионот. Бамир Топи од Албанија, Георги Прванов од Бугарија, Стјепан Месиќ од Хрватска, Филип Вујановиќ - Црна Гора, Небојша Радмановиќ претседател на Босанското претседателство и македонскиот претседател Бранко Црвенковски кој е покровител на форумот. Од најавените државници овде недојде само српскиот претседател Борис Тадиќ. Официјално според изјавите од неговиот кабинет поради презафатеност и обврски, неофицијално поради актуелните дипломатски настани на релација Македонија-Србија, а Косово не учестува на форумот бидејќи сеуште не е дел од него. Пред политичката елита и бизнис претставници од регионот, претседателот Црвенковски зборуваше за глобалните ефекти од светската состојба врз овие земји и за неговите предизвици кои земјите ги упатуваат на соработка:

„Така и земјите од регионот директно или индиректно се соочија и се соочуваат со последиците од влијанието на актуелната глобална финансиска криза врз сопствените економии. Сметам дека нема потреба посебно да се нагласува неопходноста од создавање на модерна функционална инфраструктура во регионот и тоа севкупна, патна, железничка, телекомуникациска, енергетска. Инвестирањето во таква инфраструктура е директно поврзано со развојот на економиите во целиот регион.“

порача Црвенковски од форумот во Охрид. Утринава актуелните прашања во регионов ги коментираше хрватскиот претседател Стјепан Месиќ:

„Нема да има нова дестабилизација, туку ќе се намали брзината на зачленувањето на новите земји во ЕУ. Во случајот на Македонија, една од државите членки на Унијата очигледно има приговори за зачленувањето кои се однесуваат само на еден сегмент, но сметам и се надевам дека тоа може да се реши со европска асистенција.“

Во врска со очекувањата на Македонија по поднесувањето на тужбата пред судот во Хаг за прекршување на Времената спогодба со Грција, поагајќи од хрватските искуства, Месиќ изјави дека во оваа фаза, проблемот од политичката свера е префрлен во Хашкиот Трибунал, што е долга процедура, но може да помогне во решавање на случајот.
XS
SM
MD
LG