Достапни линкови

Конгресмените бараат дополнителни информации


Извршните директори на трите најголеми автомобилски компании Џенерал Моторс, Форд и Крајслер побараа од американскиот Конгрес да им одобри 25 милијарди долари помош за да се спасат од можен економски колапс. Дел од конгресмените побараа дополнителни информации, пред да одобрат финаниска помош за американската автомобилска индустрија.

По еден век работење, американските производители на автомобили, поради глобалната финансиска криза, се најдоа на работ на пропаст. Првите луѓе на Џенерал Моторс, Форд и Крајслер ги здружија силите во напорите да го убедат Конгресот дека без финансиска подршка, автомобилската индустрија може да пропадне, што би имало последици и врз целата американска економија. Големата тројка бара помош од 25 милијарди долари, бидејки продажбата на автомобили е на најниско ниво во последните неколку декади. Претседателот на Форд Алан Мулали изјави

„Има две клучни прашања, со кои мислам дека се соочуваме денес. Прво, дали има конкурентна и одржлива иднина за нашата автомобилска индустрија. И второ, дали владината помош за надминување на овие тешки економски времиња, е добар потег за нашата економија. Верувам дека одговорот на двете прашања е ДА.“

Но, многумина конгресмени не се убедени во аргументите дека треба да и се помогне на автомобилската индустрија, а некои дури оценија дека давањето финансиска помош само ќе значи одлагање на нешто што е незапирлив процес. Многумина ги критикуваат и раководствата на компаниите кои произведуваат автомобили, за погрешни одлуки, слаб развој на нови технологии, неприлагодување на новите модели кон барањата на пазарот, особено по растот на цената на нафтата. Меѓутоа, првиот човек на Крајслер, Роберт Нардели, објаснува:

„Со замрзнување на пазарот на кредити, обичниот американец, не може да купи автомобил на лизинг. Нашите дилери немаат пристап до пазарни фондови за да овозможат поволна продажба на нови автомобили. Во истовреме, Крајслер има обврска за исплата на милијарди долари во кеш за плати, здравствено осигурување, пензии и слично.“

Некои аналитичари сметаат дека можат да се најдат на удар бенефициите на вработените, односно да очнат нови преговори со синдикатот. Линда Мадокс, професор од Универзитетот Џорџ Вашингтон, смета дека проблемот е кај авто-производителите, кои не ги антиципирале барањата на американските потрошувачи. Цената на нафтата порасна, економијата е погодена и сега тие не продаваат ништо. СЕпак Мадокс оценува дека мора да се стори нешто за да се спасат автомобилските компании, бидејки нивното пропаѓање ќе има домино ефект.

„Сите ќе бидат погодени, од изработувачите на делови, до маркетинг компаниите. Генерал Моторс е најголем потрошувач за рекламирање во медиумите во америка, ако не и во светот.“
XS
SM
MD
LG