Достапни линкови

logo-print

По злато на ОИ во Лондон


Macedonia -- Press, Skopje,

Macedonia -- Press, Skopje,

Вели Мумин - спортист на Македонија за 2003 и 2006 година

Македонскиот бокс е во длабока криза, но, кога се во прашање резултатите на меѓународна сцена, овој спорт и годинава ќе е еден од најуспешните кај нас. Заслужен за тоа е Вели Мумин, малиот - голем човек кој минатата недела на ЕП во Ливерпул освои бронза во категоријата до 51 килограм. Огромен успех со кој е потврдено третото место пред две години на ЕП во Пловдив, иако се посакуваше таа бронза сега да се претопи во сребро или злато. Сепак, за такво нешто непремостлива пречка се покажа новиот европски шампион, Украинецот Чикаев, но и тоа што Вели на ЕП настапи без својот тренер Руждија Калач.

„За мене е голем успех, иако бев кандидат и за злато. Но, клучно беше и што тренерот не беше со мене,“

Изјави Мумин, кој уште жали за тоа што не успеа да стане вториот македонски боксер со европско злато, по Аце Русевски од пред три децении. Сепак, кога се знае во какви услови ни егзистира боксот, кој одамна е на маргините, ова е еден од најзначајните наши спортски успеси, особено што доаѓа по неучеството на ОИ во Пекинг. Таа болка сега е делумно залечена, а со втората евро бронза покрај за спортска пензија по кариерата, Мумин го исполни и условот на АМС за добивање стипендија од светска категорија во наредните 4 години. Добар поттик за нови успеси, иако за такво нешто, како и за другите спортисти, потребна е поголема поддршка од одговорните институции.

„Еден чекор сум од Олимпијада или светски медал. Но, мислам дека МОК и Агенцијата за млади и спорт треба повеќе да се заложат да не губат спортисти и да може да прават многу поголеми успеси.“

додава Мумин, кој миговите на слава ќе ги ужива до наредниот месец. Тогаш ќе ги продолжи тренинзите за квалитетен настап на наредните големи натпреварувања, а меѓу нив прво е СП догодина во Италија, каде ќе атакува на мундијалски медал. Првата цел кон она што треба да биде круна на кариерата - настапот на Олимпијадата во Лондон по 4 години, каде македонската атомска мравка очекува да се закити со златен медал.

„Има уште време и сили за подготовка до ОИ. Ако настапам, сигурно ќе донесам еден од трите медали. Мислам дека и кандидат сум за злато,“

истакна на крајот Вели Мумин, двојниот македонски спортист на годината. Титула до која дојде во 2003 и во 2006 година, а што се очекува да се случи и во актуелната 2008.
XS
SM
MD
LG