Достапни линкови

Македонија ја тужи Грција пред Меѓународниот суд на правдата во Хаг


Република Македонија денеска покрена правна постапка пред Меѓународниот суд на правдата во Хаг против Грција. Македонија, како што соопштија од Министерството за надворешни работи, поднесе Апликација до Регистарот на Судот со цел да ѝ се наложи на Грција да ги почитува своите правни обврски предвидени во Времената спогодба од 13 септември 1995 година, која е правно обврзувачка за обете земји.

Согласно член 11 од Спогодбата од 1995 година, Грција се обврзува да не приговара на пријавата за членство на Македонија во НАТО. Меѓутоа, на Самитот на НАТО одржан во Букурешт во април 2008 година, Грција сепак го попречи упатувањето покана до Македонија за зачленување во НАТО, со што флагрантно ги прекрши своите обврски од Времената спогодба.

Објаснувајќи ги причините за покренување на случајот, кој претставува прво појавување на Македонија пред Судот, шефот на македонската дипломатија, Антонио Милошоски и застапник пред Судот за овој случај, изјавува:

„Ја поднесовме Апликацијата при Меѓународниот суд на правдата со единствена причина да ги заштитиме нашите права од Времената спогодба. Размисливме многу внимателно пред да го покренеме овој случај, но не гледаме друг начин да се задоволи правдата и да ги заштитиме нашите права. Се надеваме дека овој чекор ќе ја поттикне Грција да ги усогласи своите постапки со нејзините меѓународни правни обврски како и дека ќе ги поттикне нашите две земји да постигнат конечно решение за нерешените прашања во духот на добрососедството и соработката предвидени со Времената спогодба.”

Министерот за надворешни работи Милошоски, исто така, потенцира:

„Силно сме уверени дека Меѓународниот суд на правдата ќе ни помогне да го решиме овој правен спор, имајќи предвид дека Судот работи праведно и делотворно и може да дејствува брзо. Не бараме од Судот да разгледува политички прашања, па затоа спорот околу името не е предмет на нашата Апликација. Исто така, сакаме да нагласиме дека остануваме цврсто посветени на сите аспекти од Времената спогодба, особено на преговарачкиот процесот со Грција, со посредништво на Специјалниот пратеник на Генералниот секретар на ОН.”

Со Апликацијата се бара Меѓународниот суд на правдата:„ да утврди и декларира дека Грција, преку своите државни органи и овластени лица, ја прекршила својата обврска од член 11, став 1 од Времената спогодба; да ѝ наложи на Грција веднаш да ги преземе сите потребни чекори во правец на почитување на своите обврски од член 11, став 1 од Времената спогодба и да престане и да се воздржи од секакво спротивставување, директно или индиректно, на членстово на Македонија во Северно-атлантската договорна организација (НАТО) и/или во било кои други „меѓународни, мултилатерални и регионални организации и институции” во кои Грција е членка, доколку во таквите организации или институции Македонија се нарекува согласно предвиденото во став 2 од Резолуцијата 817 (1993) на Советот за безбедност на Обединетите нации.”
XS
SM
MD
LG