Достапни линкови

Со капитални буџетски инвестиции против рецесијата, сметаат економистите


На средбата на Г20 во Вашингтон беше даден акцент на владите да ги засилат инвестирањата преку државни инвестиции во разни проекти, за да може да се неутрализира лошиот ефект кој го има рецесијата. Главниот аспект кај нас мора да биде на два фронта, вели професорот Зоран Ивановски, според кого првиот сегмент се однесува на уредуањето на одлуките на финансиските пазари, каде како што вели улога имаат централната банка и Министерството за финансии преку издавање на државни хартии од вредност и подисциплинирана фискална политика:

,,Носителите на монетарната и фискалната политика треба да работат на погигање на довербата и создавање позитивна клима за враќање на довербата меѓу деловните банки во Република Македонија."

Во овој момент кризата која се случи на финансиските пазари ширум светот, најмногу се одрази на недовербата меѓу деловните банки со ефект на непозајмување помеѓу нив, односно тие се повеќе се насочуваат кон централната банка како позајмувач, вели Ивановски. Вториот сегмент се засилени државни инвестиции, значи капитално буџетирање:

,,Во она што значи инфраструктура, енергетика и услови за ширење на бизнис секторот. И тоа јасно и на Самитот Г20 го посочија, дека инвестициите на државите треба да бидат носечки за справување со овие негативни економски цисклуси."

Но, според Марјан Николов од Центарот за економски анализи по одржаната средба во Вашингтон не е појасна ситуацијата, што конкретно би се преземало:

,,Изостанува конкретен извештај за тоа што довело до појава на оваа криза, на пример, меѓународните финансиски инстируции, ММФ постои за обезбедување на стабилност на меѓународниот финансиски систем. Понатаму, агенциите коишто обезбедуваат кредитни рејтинзи на националните економии исто така служат како системи за рано предупредување за да може да се насети која држава е сигурна за инвестирање, а која не."

Од овие причини, тој вели дека нема чувство дека средбата на Г20 за надминување на проблемите со светската криза посебно ќе се пренесе, бидејќи остануваат и други отворени прашања, како на пример, кој ќе понесе одговорност од националните централни банки кои дозволиле да се случи лошо кредитирање.
XS
SM
MD
LG