Достапни линкови

Изјавите се од внатрешен карактер и нема да влијаат на односите меѓу двете земји, сметаат експертите


Штом српската влада покаже воља и согласно дипломатската процедура не извести, ние ќе започнеме постапка за именување на нов амбасадор во Србија, информираат во македонското Министерство за надворешни работи, откако преку интервју српскиот претседател Борис Тадиќ упати порака до македонските власти да излезат со предлог за нов амбасадор во Белград. Македонија речиси повеќе од еден месец е без амбасадор во соседна Србија, откако тогашниот Александар Василевски беше протеран од српските власти поради одлуката на земјава да го признае Косово. Именувањето на нов дипломат во Белград, деновиве е пропратено со серија соопштенија и изјави во кои провејува разногласие меѓу домашниот политички врв. Имено, вчера министерот за надворешни работи Антонио Милошоски, по повикот од Тадиќ исткна дека Македонија очекува повеќе од една усна изјава, додека претседателот Бранко Црвенковски оцени дека министерот со својата изјава остава впечаток дека Македонија ја потценува можноста за нормализирање на односите со Србија и според него, очигледно дека Србија, за разлика од македонската влада, е позаинтересирана за нормализирање на односите меѓу двете земји. Со свое соопштение излезе и премиерот Никола Груевски кој пак истакна дека владата со позитивен пристап и охрабрување гледа на последната изјава од српскиот претседател Тадиќ и оцени дека односите помеѓу двете земји би требало да се вратат во нормала. Во министерството за надворешни работи, денеска велат дека нема никакво разногласие во рамки на владата и покрај обидите да се наметне такво чувство во јавноста. Ваквите случувања пак во рамки на државниот врв, експертите ги толкуваат како настани пред се од внатрешен карактер, кои нема да имаат влијание врз односите меѓу двете земји:

„Па добро имаше опасност да се разбере оваа прва изјава на Милошоски дека не сме подготвени во моментот, што не е точно бидејќи ние сакаме да ги нормализираме односите, затоа го поправил премиерот... Меѓутоа сите тие изјави имаат внатрешен карактер, се користат за различни поени итн.“

Изјавува професор Димитар Мирчев кој додава и дека тоа што земјава досега немаше свој амбасадор во соседна Србија нема битно влијание врз односите мегу двете земји:

„Меѓутоа амбасадата си е отворена, има вршител на должност, отправник на работи итн. Така што некои големи штети нема во ова кусо време.“

Смета Мирчев. Српскиот претседател Тадиќ изјави дека откако Македонија, ќе излезе со свој предлог за нов амбасадор во Белград, Србија ќе ја процени состојбата и ќе донесе адекватна одлука. Истото ќе важи и за Црна Гора која во исто време со нашата земја го призна Косово.
XS
SM
MD
LG