Достапни линкови

Гордана Јанкуловска, министер за внатрешни работи. Во Македонија владее исклучително позитивна политичка и безбедносна клима


Воскреснување на идеите за Република Илирида, протести на студенти во тетовско, деновиве се случија неколку настани поврзани со Албанците во Македонија. Како ја оценувате безбедносната состојба од овој аспект?

Република Македонија во изминативе две години, се соочи со низа предизвици кои беа пред се генерирани од регионалните случувања. Меѓутоа, во овој момент можам да констатирам дека и покрај овие настани кои и вие ги споменавте, во Република Македонија владее една исклучително позитивна и политичка и безбедносна клима. Како никогаш до сега, постои поддршка за владината коалиција, односно за политичките партии кои неа ја сочинуваат. Што само по себе резултира со дополнителна доверба меѓу етничките заедници и во крајна линија, стабилизација, односно целосно мирна, безбедносна и политичка клима во државата. Инаку, овие настани кои вие веќе ги споменавте, со оглед на тоа што беа јавно изнесени, однсоно, особено идејата за Илирида беше јавно презентирана, деновиве можам да видам дека јавниот обвинител веќе постапува по информациите кои простуија во јавноста и најави дека ќе разговара со лицата кои ја промовираа оваа идеја, се разбира во рамките на неговите законски надлежности.

Несомнено, акцијата Пепел е оценета како успешна. Но, се поставува прашањето како Бајруш Сејдиу, покрај сите надлежни институции успеал да создаде толку големо богатство?

Па, добро освен успешната реализација на првата фаза од акцијата, каде што организаторот на групата, значи самиот Бајруш Сејдиу како прво осомничен беше лишен од слобода заедно со уште над 30 негови соработници, целта на оваа акција е да го дадеме одговорот токму на ова прашање. А, за да се даде одговорот на ова прашање, неопходно е покрај полицијата да се вклучат во активностите во втората фаза, која е во тек и другите институции кои се надлежни за постапување во делот на спроведување на законите. Тука пред се мислам на УЈП, Дирекцијата за спречување на перење пари, финансиската полиција, Царинската управа и ред други институции кои на еден или друг начин имаат надлежности да го испитуваат потеклото на имотот, односно законитоста на неговото сткенување. Токму во таа насока ние и ја насочивме нашата следна активност.

Прашувам затоа што многу проценки говорат дека ваков тип на криминални активности не може да се развиваат доколку немаат поддршка од личности коишто се високо позиционирани во политиката?

Факт е дека за да се создаде и да функционира ваква структура, како што беше структурата на првоосомничениот, секако дека е потребно време. Јас во повеќе наврати зборував во јавноста, дека ова е случај кој ние го работиме релативно долг период, значи пред повеќе од шест месеци, во соработка со судот, ние започнавме со примена на посебните истражни мерки. Но, со собирањето на оперативни сознанија и нивна анализа, започнавме пред повеќе од една година. Практично, во првата половина од првиот мандат на владата предводена од ВМРО ДПМНЕ. Сепак, се работи за еден исклучително комплексен случај и ние анализираме еден релативно долг период, кога настаните се случувале.

Велите дека долго време МВР работело на откривањето на империјата на Бајруш Сејдиу, но и нему му требало долго време за да ја создаде таа империја. Тоа значи дека целиот овој период институциите замижувале пред Бајруш Сејдиу?

Видете, за да категорично го кажам тоа треба истрагата да ја доведеме до крај. За да потврдиме или демантираме дека во една или повеќе институции имало поединци или цела структура која била директно вклучена во активностите. Тоа во моментов не можем да го потврдам. Но, фактот што дел од институциите, вклучително и локалното раководство на полицијата во Куманово било инертно на случувањата е доволен показател кој нас не натера акцијата да ја водиме преку одделот за организиран криминал при МВР, значи на едно релативно централизирано ниво, без да ги вклучиме колегите од тогашното раководство на СВР Куманово. Имено, според моите информации кои доаѓаат од новопоставените старешини во СВР Куманово, станува збор за една поголема бројка на постапки за кои постоела опасност да застарат, токму заради инертноста на институциите.

И регионално се случија неколку работи коишто се поврзани со криминалното подземје. Во Хрватска се случи убиството на Пуканиќ. Тамошната полиција тоа го поврза со српската мафија. Колку според вашите сознанија нашето подземје е поврзано регионално, со подземјата на другите бившо југословенски земји?

Денес за жал се покажува како факт дека криминалните структури се исклучително добро поврзани и неретко се подобро поврзани отколку полициите во регионот. Меѓутоа, со еден систематски пристап кон прашањата и низ една непосредна и директна соработка секако дека органите на прогонот имаат инструменти заеднички да се борат против овие кримиални структури. Во повеќе случаи до сега се потврди дека криминалните стуктури од регионот, не дејствуваат изолирано во една земја. Рано е да се каже дали за конкретниов случај постои поврзаност на криминални структури од повеќе држави во регионот, меѓутоа, ние како МВР имаме еден темелен и систематски пристап кон сите случаи, што на крајот на краиштат евидентно дава резултати. Случаите кои ние ги реализираме, за кои имаме сомневања дека можеби де поврзани со криминални структури од други држави од регионот, ги презентираме на колегите и ги информираме за нашите наоди во функција на обезбедување на докази и информации за нивни потреби и се разбира дека ваков пристап очекуваме и од колегите од другите држави во регионот.

Што се случува со терористичкиот напад на владата и осуетените обиди за атентат на премиерот. Во двата случаи МВР не излезе со конкретни изјави?

МВР не мора секогаш да излегува со изјави, особено кога се работи за прашања од исклучително значење за безбедноста на државата и за самите институции. Најважно од се е што МВР во секој еден случај максимално сериозно постапува и ги анализира информациите и податоците коишто доаѓаат до нас. Нашата цел е врз основа на направените анализи да направиме соодветен план на активности по што ќе уследи план за наша реакција. За разлика од некои други кои во јавноста пласираат информации за овие или други случаи цениме дека сериозноста на овие прашања не дозволува да се излегува во јавноста со некомплетни информации. Верувам дека ќе разберете дека заради сериозноста и значењето на овие прашања МВР одлучи да не пласира некомплетни информации во јавноста.

Тоа значи дека тие информации во јавноста не се протечени од МВР?

Информациите кои беа пласирани во јавноста доаѓаа од некои медиуми. Секако дека ние како МВР немаме ниту надлежност, ниту намера, да ја спориме уредувачката политика на медиумите. Се разбира дека тоа е нивно право. Наше е да ги анализираме информациите и податоците и да постапуваме по нив.

Значи, вие сте во постапка на вршење анализи за овие случаи но немате завршена истрага?

За двата слуачаи ние имаме одредени податои кои сепак цениме дека во оваа фаза не може да бидат презентирани во јавноста.

И за крај, со ребалансот на буџетот неколку пати беа префрлани пари на МВР. Некои анализи велат дека тоа се повеќе пари отколку што биле потрошени во конфлиткната 2001 година. За што го потроши и ќе ги троши МВР тие пари?

Значи, точно е дека во последниве неколку години буџетот на МВР, споредено со претходни години бележи зголемување и ние овие средства практично ги користиме за санирање на состојби кои се настанати со неодговорно менаџирање со ресурсите во МВР. Или директно да одговорам на вашето прашање, сите средства се наменети за подобрување на условите за работа, обезбедување на опрема за секторите за внатрешни работи и лична опрема за припадниците на МВР, за што веруваме дека на крај ќе резултираат со зголемена ефикасност и впрочем веќе во наредната година, после првото зголемување на буџетот, ефикасноста и тоа како бележи зголемување.
XS
SM
MD
LG