Достапни линкови

logo-print

Најмногу ќе страдаат извозните компании, сметаат експертите


Додека власта смирува, стручната јавност предупредува, а и состојбата во производствените капацитети укажува дека Македонија ни малку не е имуна, односно светската економска криза ,,тропа и на нашите порти“.

,,Бараме прием, бараме прием!"

Ја повикуваа Владата пред неколку дена вработените од металуршката индустрија, која прва поради намалувањето на цените на металите на светските берзи, ја почувствува глобалната економска криза. 500-тини работници веќе се на принуден одмор, платите се преполовени, вработените од Фени индустри пораката на незадоволство и барањата за одредени субвенции за да ја пребродат ситуацијата, преку штрајк ја испратија до владата. Како понатаму, од што ќе се живее, со безброј прашања живеат деновиве, работниците од металуршката индустрија.

,,Ако комбинатот престане со работа егзистенцијата ќе ја изгубат многу семејства во Кавадарци."
,,Без плати сме дома, двајца ќе останеме, и два студента на факултет, коишто не знам што ќе прават понатаму, што не можам понатаму да ги школувам. Ќе биде тешко. Не знам."
,,Ќе бидеме без плата и не се знае како понатаму ќе живееме, тие плати што ги земаме, фамилиите, не само мојата, ќе биде тешко. Не работи сопругата, само јас работам, а двете деца ми се на студии."


Говорат вработените од Фени Индустри. Раководството на компаниите од металуршката индустрија предупредува дека полека се конзервива опремата, и оти веќе се работи со загуби поради падот на металите на светската берза..

,,Ако продолжи ваква ситуацијата ние веќе правиме планови што ќе биде, да се конзервира евентуално опремата, затоа што ние или мора да работиме со полн капацитет или воопшто да не работиме. Да се конзервира опремата, да се отпуштат работници, кај нас работат 550 работника, ќе останат 340 и тоа е. Друга варијанта немаме, не можеме да работиме со редуциран капацитет."

изјавува Николајчо Николов, директор на рудникот за бакар и злато Бучим.

Освен металуршката индустрија, македонската берза изминатиов период го забележа досега најголемото намалување на вредноста на акциите во својата историја. Нема друго објаснување, коментираат берзанските аналитичари, освен тоа дека рецесијата на глобално ниво и падот на акциите на светските берзи, е причина за оваа ситуација: ,,Пред се, инвеститорите поведени од случувањата на овие растечки пазари ги пресликаа состојбите и на македонскиот пазар. Генерално е тоа. Инаку, се е тоа втемелено на стравот од потенцијална рецесија и ефектите од тоа,"

објаснува берзанскиот аналитичар Горан Марковски. Тој додава дека во наредниот период неможе да се очекува опоравување на македонската берза, посебно се додека не се добијат позитивни индикатори во однос на домашната економија.

,,Се додека не се добијат позитивни индикатори во однос на пораст да речеме на БДП, зголемување на вработување, пораст на потрошувачка итн, се додека постојат информации дека рецесијата е тука и дека продолжува, се дотогаш ќе биде променлива состојбата, односно не можеме да очекуваме нешто позитивно да се случи, барем не на краток рок."

Во сигурноста на домашниот банкарски систем, убедува, гувернерот на Народната Банка, Петар Гошев:

,,Глобалната финансиска криза не покажува знаци на влијание во Република Македонија до овој период и таа нема да покаже поголеми директни знаци на влијание, затоа што македонскиот финансиски систем не е интегриран со меѓународниот финансиски систем. Македонскиот финансиски систем, којшто 90 насто го сочинува банкарскиот сектор, воопшто не е изложен на инструменти коишто се поврзани со изворите на хипотекарната криза во Америка."

Иако засега нема поголеми потреси, одредени предупредувања веќе пристигнуваат. Првиот човек на Тутунска Банка Ѓорги Јанчовски изјавува:

,,Очекувањата се дека и македонските банки ќе ја позабават активноста во кредитирањето како кај населението така и во стопанството и дефинитивно е дека цените, како на депозитите, така и на кредитите ќе пораснат во наредниот период."

По околу 200 работници неделно се отпуштаат од Фени Индустри, од Скопски легури, на принуден одмор се и дел од работниците од Миталстил, Силмак ги гаси печките, а повеќе од 150 вработени од оваа компанија најверојатно ќе бидат испратени на принуден. Со ваква ситуација на терен смируваат ли тоновите кои што ги упатува владата и надлежните институции, дека Македонија пред се поради тоа што во голем дел не е интегрирана со меѓународната економија, нема зошто да стравува. Стручната јавност, ја повикува власта да преземе одредени чекори, Забележуваат - многу поголеми економии од нас, презедоа мерки за ублажување на последиците. Соединетите држави интервенриаа со 700 милијарди долари за спас на финансискиот сектор, по префрлањето на кризата и во Европа, со итни мерки за спас на банките реагираа и земјите од Европската Унија. Одредени чекори презедоа и мерките во соседството, во Србија на пример опозицијата побара и посебна седница на Собранието на која ќе се расправа за економската криза. Во ситуацијата кога целиот свет се мобилизира во ублажувањето на последиците, македонската влада неможе да стои настрана, ја предупредуваат експертите власта:

,,Едни теории велат дека владата никако не смее да седи со скрстени раце, други теории велат дека пазарот е пазар, кога дошло до криза, владата треба да се однесува исто како кога не е криза, нема што многу да се меша. Меѓутоа, во цел свет, очигледно е дека владите се мешаат. Второ, нашата влада се мешаше и кога немаше потреба, а сега кога има потреба ќе молчи? А, субвенциите во земјоделството што се? Тоа не е немешање,"

вели професорот Ванчо Узунов. Неговото мислење го дели и професорот Петрит Положани:

,,Владата треба да има дополнителни мерки за овие случаи, особено во ситуации кога има зголемена невработеност."

Кои се мерките што можат да се преземат? Засега најпогодената – домашната металуршка индустрија, побара од државата да им помогне со намалување на цената на струјата, откажување од акцизите, враќање на бесцаринската зона, концесионерство, се само дел од барањата што до владата најпрво ги испорачаа металурзите, со одредени идеи погодени од економската криза во светот, до власта се обратија и од кожарската и текстилната индустрија. Владата упати на тоа дека компаниите, загубите можат да ги покријат од претходните остварени приходи, но експертската јавност вели дека постојат одредени механизми преку кои државата може да им помогне на компаниите:

,,Меѓутоа, сега како тоа се прави. Прво, да се проучат правилата на ЕУ. Таму има јасно специфицирани правила што во кој случај може да се направи. Кога тоа го прават земјите членки на ЕУ, треба да видиме што тие прават, потоа една анализа што реално на овие најпогодени сектори кај нас им треба како помош и потоа тоа да се смисли како најефикасно да се изведе,"

изјавува професорот Зоран Ивановски. Во спротивно додава професор Ивановски, со оглед на тоа дека металуршката индустрија, намногу учестува во вкупниот извоз на државава, огромни ќе бидат последиците врз зголемувањето, на и онака виоскиот трговски дефицит:

,,Поради големото учество на овој сектор во извозот може да се очекува натамошно влошување на состојбата на овој биланс на Република Македонија,"

вели Ивановски. На намалувањето на ионака ниската извозна активност на земјава, укажува и професорот од Универзитетот на Југоисточна европа Мирољуб Шукаров.

,,Големи економии, како Индија, Кина, чувствуваат големи последици заради падот на куповната моќ на американскиот и европскиот пазар. И ние чувствуваме еден таков притисок индиректно, затоа што тоа се пренесува на овој дел од Европа, ќе се зголеми конкуренцијата, но и абсорбционата моќ на компаниите кои увезуваа македонски производи ќе опадне."

Оттаму, посочуваат македонските експерти, мора да бидеме подготвени, посебно што според мислењата и на домашните, но и на меѓународните експерти 2009-та ќе биде година кога Балканот и посилно ќе ги почувствува негативните ефекти од економската криза која го потресе светот.
XS
SM
MD
LG