Достапни линкови

Реформи на глобалниот финансиски систем


Вечер во Вашингтон почнува состанок на лидерите на Групата дваесет најголеми индустриски земји и земји во развој. Тие ќе се обидат да изнајдат заеднички пристап во справувањето со економската криза во светот. Пред почетокот, домаќинот на самитот, американскиот претседател Џорџ Буш, оцени дека на глобалниот финансиски систем му требаат реформи, но оти сегашната економска криза не го означува и крајот на системот на слободно пазарување.

Американскиот претседател Џорџ Буш смета дека ограничувањето на слободното пазарно стопанство или пак обидите за нов глобален финансиски систем не претставуваат решение за кризата. Тој е само за мерки со кои би се решиле сегашните проблеми, односно за реформи на постојниот систем. Затоа тој побара од лидерите кои ќе учествуваат на состанокот во Вашингтон да ги поддржат принципите на слободниот пазар кои, како што ги рече, носат просперитет и надеж за сите луѓе во светот:

„И додека реформите во финансискиот сектор се суштински, долгорочното решение на денешните проблеми е одржлив економски пораст. А најсигурен пат до порастот се слободните пазари и слободните луѓе.“

Изјави претседателот Џорџ Буш во говорот што го оддржа во Њујорк, а пред почеток на состанокот на лидерите на Групата дваесет, во која спаѓаат: Соединетите држави, Јапонија, Европската унија, Кина, Русија и Индија. На овој самит, како што најави Буш, ќе се расправа за причините кои доведоа до сегашната финансиска криза, за резултатите од досега преземените мерки и за покренување специфични потези во светот во кои ќе бидат имплементирани заложбите за принципите на слободниот пазар.

„Сите овие чекори бараат решителни акции од владите во светот. Во исто време ние мора да признаеме дека владините интервенции не се лек за се.“

Буш смета дека целта не треба да биде повеќе власт, туку попаметна власт. Ваквата негова изјава, според некои, е своевиден одговор на европските претставници кои сакаат, како што неодамна изјави францускиот претседател Никола Саркози, измена на правилата во финансикиот свет. Притоа се бара создавање систем на брзо предупредување кој би ги наоѓал навремено неправилностите во финасиското работење во светот, но и промена на Меѓународниот монетарен фонд кој, според оценките, не успеал да одговори на сегашните предизвици.

„Како и секој друг систем создаден од човекот, и капитализмот не е перфектен. Но, тој досега е најефикасниот пат во структуирањето на економијата. Капитализмот им нуди на луѓето слобода на избор каде ќе работат и што ќе работат, профитираат и купуваат.“

Рече претседателот Буш, наведувајќи дека земјите кои спроведуваа други модели имале разочарувачки резултати. Како пример за тоа тој го посочи поранешниот Советски сојуз кој го опиша како банкротирана империја.
XS
SM
MD
LG