Достапни линкови

Одложена денешната седница на Советот за безбедност на ОН за Косово


Денешната седница на Советот за безбедност на Обединетите нации за Косово е одложена. Засега не е познат новиот датум на седницата на која главно требаше да се расчисти патот за почнување на мисијата на Европската унија на Косово во согласност со барањата на Србија, односно таа да биде статусно неутрална и под покровителство на Обединетите нации. Претходно, косовските лидери соопштија дека ги отфрлаат српските условите за распоредување на ЕУЛЕКС.

Предлог решенијата околу шестте точки од дијалогот кои го покренаа Обединетите нации го нарушуваат сувернитетот, како и уставниот поредок на Косово, оцени официјална Приштина по разговорите со меѓународната заедница за изнаоѓање компромис во врска со реконфигурацијата на УНМИК и распоредувањето на ЕУЛЕКС. Претседателот и премиерот на Косово Фатмир Сејдиу и Хашим Тачи со заеднички став дека одредени делови од најновата спогодба се во спротивност на планот на Марти Ахтисари:

„Институциите на Република Косово сметаат дека суштински елементи на документот од шест точки не се прифатливи за Косово.“

Изјави Сејдиу, изразувајќи подготвеност за продолжување на дијалогот со меѓународната заедница со цел ЕУЛЕКС да биде распореден на целата територија на Косово. Премиерот Тачи пак, со уверување дека ваквата одлука на Приштина ќе наиде на разбирање кај партнерите:

„Не можеме да кажеме дека се наоѓаме во ситуација која може да се нарече блокада. Ние сме во процес на дијалог и тој е неизбежен. Сакаме да постигнеме спогодба и со Србија за прашања од заеднички интерес. Приштина не поставува услови туку презема нови одговорности.“

Рече премиерот Тачи. УНМИК води одвоени разговори со Белград и Приштина за нерешните прашања во областа на полицијата, судството, царината, граничната контрола, транспортот и културното наследство. Според неофицијалните информации, Обединетите нации и владата на Србија постигнале согласност за овие шест точки кои се дел од реконфигурацијата на УНМИК. Со тоа пак, треба да се создаде простор за распоредување на ЕУЛЕКС. Така, според некои шпекулации, дел од договорот предвидува формирање нови полициски станици во регионите каде што србите се мнозинско насление, на што не се согласувала Приштина. Отфрлено било и барањето на Белград ЕУЛЕКС да биде неутрален во врска со статусот и да не дејствува во согласност со планот на Ахтисари. Исто така Србија бара евромисијата да биде одобрена во Советот за безбедност. Само доколку овие услови бидат исполнети Белград ќе прифати ЕУЛЕКС да биде распореден и во српските средини. Со отфрлањето на овие предлог решенија постигнати меѓу Обединетите нации, Европската Унија и Белград, косовските лидери не сметаат дека се одговоерни за можните одлагања, бидејќи, како што велат, ЕУЛЕКС е предвиден со планот на Ахтисари и во него не се бара согласност на Србија за почнување на работата на европската мисија.
XS
SM
MD
LG