Достапни линкови

logo-print

Експертите сметаат дека отварањето на овие теми немаат таква моќ, но се своевидна порака до власта


Протести во Тетово на студентите од тамошниот државен универзитет под знакот „Правда за албанците“ од кои беа упатени пораки со навредлива содржина и во исто време повторно актуелизирана темата Илирида, го наметнаа прашањето – има ли простор за стравување за влошување на меѓуетничките односи во државава? Професорот Звонимир Јанкуловски вели дека на овие случувања треба да се гледа како на изолирани настани, кои немаат силина да се одразат на вкупен меѓуетнички план:

„Тоа се идеи кои на овие простори се дефинитвно закопани, со оглед на новата геостратешка поставеност на Балканот и интересите кои веќе се акомодирани тука. Така што таквите идеи ниту имаат подршка, ниту имаат поголемо влијание генерално на меѓуетничките односи во Македонија.“

Вели професор Јанкуловски. Со него се согласува и аналитичарот Суад Мисини:

„По се што се случи во меѓувреме, значи Охридскиот Договор, добивање на кандидатура за членство во ЕУ, се надевам и скоро членство во НАТО, утре и преговори за полноправно членство во ЕУ, општо гледано таквите идеи немаат смисла.“

Речиси синхронизирано со протестите во Тетово, Невзат Халили ја разбуди идејата за Илирида, односно редефинирање на Македонија како унија на две држави, на македонците и албанците и согласно тоа решавање на проблемот со името со тоа што во иднина земјава би се нарекувала Македонија – Илирида. Халили вели дека повторно ја отвара оваа идеја, веќе преточена во декларација бидејќи Рамковниот договор не успеал да ги задоволи барањата на албанците.

„Ние очекувамве дека конфликтот од 2001 година ќе ги разреши некои прашања по однос на статусот на албанците во Македонија, меѓутоа за жал се покажа дека албанците и по најновите измени на Уставот се во категоријата на малцинства, дури се вратени и назад.“ -

вели Невзат Халили. Иако според експертите неможе да се очекува влијание на меѓуетнички план, сепак како што вели аналитичарот Суад Мисини отварањето на овие прашања, имаат своевидна порака до власта, односно дека за одредени теми треба да се инволвираат сите етнички заедници во земјата.

„Значи се додека владеењето на правото е еднакво за сите, тогаш мислам дека нема некаква опасност, ниту ќе има плодна почва за вакви идеи.“

Вели Мисини.
XS
SM
MD
LG