Достапни линкови

Муса Џафери министер за локална самоуправа. Првата фаза од децентрализацијата е успешна, а истото мора да го повториме и во втората фаза


Еден од референтните сегменти во ноемврискиот извештај на Европската Комисија е процесот на децентрализација. Како вие го оценувате овој процес во која најактуелно останува фискалната децентрализација, а општините инсистираат на поголема финансиска самостојност?

И за владата и за министерството за локална самоуправа, процесот на децентрализација е многу битен и од суштинскиот аспект и од политичкиот аспект бидејќи е дел од Рамковниот договор, што е предуслов или тест за нашата демократија, односно како ќе се развива локалната демократија. Мислам дека бидејќи тоа е нов процес, во кој нашето општество нема искуство, првата фаза е оптимално успешна, а сега во втората фаза ќе треба да имаме поинаква динамика во правецот и на фискалната децентрализација и во другите делови, што подразбира зајакнување на целокупниот капацитет на општините, почнувајќи и од административниот аспект до финансискиот, односно економскиот капацитет за што подобро менаџирање со даноците и со буџетот на општините.

Каков е ставот на владата за промени во територијалната организација како и за измени за поголема финансиска самостојност на градот Скопје?

Свесни сме дека главниот град е важен од сите аспекти. Тоа ќе се прави како унапредување на фискалната децентрализација за сите општини, после една анализа на целокупниот процес, после заокружување на првата фаза на фискалната децентрализација што процентуално околу 70 отсто ја исполнија и владата и министерствата се трудат и бараат решение како да ги помогнат тие рурални општини, да се деблокираат од тој процес и да бидат сите заедно во идните фази на децентрализацијата, односно фискалната децентрализација.

Како ги коментирате причините поради кои што дел од општините дека на терен имаме процес на централизација наместо децентрализација, како на пример во Скопје, поради иницијативите на владата во градот?

Такви чувства можеби има, можеби во некои сегменти има недостаток на искуство. Јас мислам дека се нема таква намера, да се централизираат работите, напротив се работи за помош и соработка во тој процес, каде што локалната власт неможе ефикасно или со таа очекувана динамика да спроведе некои програми, тогаш централната власт има право и според мое мислење е во ред да му помага или на градот или на некоја друга општина.

Во делот на политичките процеси, дали сметате дека досегашниот дух на соработка во рамките на коалицијата, за кој вашата партија позитивно го оцени, го детерминира карактерот на коалицирање и во перспектива и што би можело тука да се наметне како отворени прашања?

Се согласувам дека оваа коалиција е предизвик за нашето општество. Првично функционира нормално, многу е кратко времето за да се даде оценка дали тоа е коалиција со перспектива, дали функционира подобро. Свесни сме дека има многу предизвици, и од надворешен аспект и од внатрешен аспект и од економски аспект, и од аспект на т.н. дијалози меѓу партиите, институциите, меѓу централната и локалната власт, но тоа незначи дека ќе биде некој голем предизвик на оваа коалиција поврзувајќи го капацитетот на овие две партии. Очекувањата се дека овие две партии имаат капацитет и доволен легитимитет кај гласачите и политички и етнички легитимет, ако може така да се каже, им претстои само да имаат поефикасни заеднички методологии на работење на институциите.

Хашките предмети. Дали отварањето на овие предмети, односно случајот со вашиот пратеник кој што еден месец е недостапен за правосудните органи, влијае врз функционирањето на коалицијата односно внатре во вашата партија?

Не би сакал да се мешам во задачите на судовите или полицијата. Сигурно дека тоа ќе се заокружи како тема, јас сум убеден дека долго време неможе да се докаже до крај дека има злосторства според меѓународните закони за воедни конфликти. Се разбира дека никој не треба да се чуди дека во конфликтите има насилство, тука е проблемот е во која мера или граница било тоа насилство. Ако тоа не е во димензијата насилство кој е во судир со тоа меѓународно право, тогаш тоа ќе се заокружи во рамката на законот за амнестија. Ние како држава ги пребродивме во најтешки времиња после конфликтот некои многу чувствителни прашања и сега искуството е тука и политичката воља да се надминуваат овие прашања и преку институционален пат да се затворат, што подразбира дека тоа нема да биде некоја тешка тема и моите очекувања се позитивни во однос на тоа како е чувството или перцепцијата меѓу медиумите или некои групации?

Прашањето е обременето и со политички интереси. Дали со нив се прави лоша услуга и за правниот систем што во крајна линија е штетно за државата?

Не би требало да се дозволува ситуацијата да се предизвикува и до таа мера, со тие случаи што ќе биде штетно за интересите или перспективите на државата. Јас мислам дека сите партии се свесни дека таа тема може да предизвика лоши чувства и да не врати во тие лоши времиња и стагнација. Јас мислам дека никој нема да дозволи да ја злоупотребува оваа тема во политички цели, што ќе биде штетно за перспективата на земјата.

Како ги коментирате случувањата во ДУИ. Има ли концепциски несогласувања или такви што се диктирани од лични интереси?

Институционално или во органите на ДУИ нема концептуални несогласувања или идеолошки или политички. Се подразбира дека кога една партија е дел од власта има и одредени разни интереси. Јас би можел да ги определам како лични интереси кои некогаш се во судир со тимскиот интерес, партискиот или владиниот интерес, и тогаш се создава една перцепција дека има некои несогласувања во правец на концептот или глобалниот политички курс на таа партија.


Како го оценувате имплементирањето на Рамковниот Договор?

Тоа што е централен дел на Рамковниот договор се имплементира, што значи дека сите се фокусираат и сите се свесни дека преку барање на решение за сите отворени прашања, тоа се најважните постулати на Рамковниот договор. Би кажал само дека во иднина треба најмногу да се вложи во правосудниот систем и мислам дека ќе биде важно за оваа коалиција да се подобрува таа правична застапеност на етничките заедници во правосудните органи за да имаме поизбалансирани институции или органи кои што ќе бидат претставени од сите етнички заедници.
XS
SM
MD
LG