Достапни линкови

logo-print

Во кабинетот на Обама ќе има и ветерани од времето на Клинтон што значи продолжување на политиката


Не треба да се очекуваат преголеми промени во американската политика спрема Балканот. Ова го оценува Томас Донели, експерт од вашингтонскиот Ентерпрајз Институт. Ваквата оценка тој ја образложува со најавите дека во тимот на новоизбраниот претседател Барак Обама ќе се најдат и ветерани од администрацијата на Бил Клинтон, што ќе значи и продолжување на таа политика спрема земјите од поранешна Југославија

Соединетите држави под раководство на новиот претседател Барак Обама ќе инсистираат на зачувување на сегашната ситуација, вклучувајќи ја и независноста на Косово, вели Томас Донели за Радио Слободна Европа кој сепак додава дека Балакнот нема да биде високо на списокот на приоритети на американската надворешна политика.

„Кандидатот за потпретседател сенаторот Џо Бајден во моментите кога политичарите не водат сметка за ефектите на нивните изјави, рече дека Барак Обама ќе биде тестиран во првите шест месеци од својот мандат. Мислам дека тоа е рационално предвидување, бидејќи многумина, а посебно оние што не и посакуваат добро на Америка, ќе се обидат да видат што можат да добијат од него. Сепак, не очекувам голема промена на американската политика спрема Балканот.“

Вели Донели, прецизирајќи дека извесен дел од администрацијата на Обама ќе биде од онаа на поранешниот претседател Клинтон која, како што вели, добро ги познава трауматичните настани на Балканот во текот на минатата деценија. Тука, според него, е повторното актуелизирање на дилемата како да се реорганизираат НАТО и американските сили во Европа, по руската интервенција во Грузија. Во таа смисла би било и натамошната заинтересираност на Соединетите држави за воени бази во Романија и Бугарија.

„Политиката на Буш спрема Балканот, всушност беше продолжување на онаа на Клинтон. Можеби имате различни реакции на одделни настани, но долгорочните стратегиски цели на Соединетите држави се исти, и не се менуваат преку ноќ. Во текот на деведесетите години во светот владееше релативен мир, па Вашингтон можеше да се ангажира на Балканот. Но, по терористичките напади и јакнењето на Кина, тешко дека може да се очекува Балканот да биде меѓу првите приоритети на Белата Куќа.“

Сепак, Томас Донели додава дека нешто и во таа насока се менува, особено по руската интервенција во Грузија со што за прв пат по Студената војна е доведена под прашалник и европската безбедност. Во тој контекст може да се очекува зголемо американско внимание за просторите на поранешна Југославија. Фокусот ќе биде ставен врз консолидација на балканските земји, нивна интеграција во меѓународната економија и во Европската унија, смета Донели, кој за неодамнешните црни оценки на поранешниот пратеник за Балканот Ричард Холбрук во врска со ситуацијата во Босна и регионот вели:

„Да бидам искрен, тоа е малку веројатно. Најмногу што може да се очекува е американското инсистирање Европската унија да ја преземе грижата за тој регион. Поранешните соработници на Клинтон се враќаат на власт, но во поинакви услови во светот од оние што беа во деведесетите години. Тоа значи дека прашањата како глбалната меѓународна безбедност се поважни од Балканот.“

Вели во интервјуто за Радио Слободна Европа Томас Донели, експерт од Ентерпрајз Институтот во Вашингтон.
XS
SM
MD
LG