Достапни линкови

Опозицијата бара извинување од премиерот за тврдењата дека се исполнети најголем дел од критериумите


Политичкиот дијалог и натаму останува сериозен проблем на македонската политичка сцена, во оваа насока и недостатокот од консензус, мегу политичките субјекти присутна е тензија, честото бојкотирање на собранието, усвојувањето на повеќе од 170 закони по итна постапка без соодветна дебата, се дел од забелешките што евроамбасадорот во Македонија Ерван Фуере ги пренесе до членовите на собраниската комисија за европски прашања, презентирајќи го вчера објавениот извештај на Европската Комисија за напредокот на земјата. Според Фуере во делот на овие забелешки за политичкиот живот во Македонија, една од главните улоги има токму и Собранието.

„Би сакал да завршам со тоа што ќе ве замолам и ќе побарам од владата и сите политички партии да го прифатат овој извештај и да постигнат консензус со што ќе придонесат за остварување видлив напредок во престојните години.“

рече евроамбасадорот Фуере повторувајќи ја и главната критика на Европската Комисија за лошите предвремени парламентарни избори при што повика на вложување на сите напори за претстојните избори да поминат во фер и демократска атмосфера. Во сличен тон говореше и амбасадорот на Франција Бернар Валеро, чија земја е актуелен претседавач со Европската Унија. Тој им порача на претставниците на Собранието и владата, дека мора да делуваат колективно.

„Според мене мора да се делува колективно бидејќи Европа секогаш е еден колективен процес на мобилизирање.“

Изјави Валеро. Како што посочи пак вицепремиерот за евроинтеграции Ивица Боцевски извештајот на Европската Комисја ќе биде скица за натамошното работење на владата.

„Владата на Македонија нема да се вклучи во расправата околу тоа дали извештајот е позитивен или негативен, црн или бел. Бидејќи ваквата дебата води само кон натамошна фрустрација и натамошно влошување на процесите.“

Опозицијата пак побара од премиерот Никола Груевски извинување поради изјавите дека земјавава има исполнето 95% од критериумите за членство во ЕУ, што според нив судејки по забелешките во извештајот се покажа како неточно:

„Сега кога гледаме дека тоа не е ситуација, а премиерот говореше обратно, треба да се извини за да може понатаму за промена да ја говори вистината и да ја продолжи работата.“

изјави Игор Ивановски од СДСМ.
XS
SM
MD
LG